Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Баерн (М) сигурен во дербито против Херта
Баварците ја совладаа Херта на „Алианц арена" со 4:2, а тимот од Бремен го декласира Бохум со 6:0

Баварците не дозволија изненадување на „Алианц арена": Лусио
Пресметката во Минхен меѓу Баерн и Херта и немилосрдноста на Вердер на гостувањето кај Бохум беа дуелите кои го привлекоа вниманието во седмото коло од германскиот фудбалски шампионат. Баварците славеа со 4:2 во дербито на „Алианц" арената против „берлинската дама" во меч во кој четата на Магат по само 15 минути игра обезбеди предност од 2:0. Резултатот го отвори Макај во деветтата минута, а шест минути подоцна Сањол само подметна нога за вториот погодок за Баерн. Домашните подобро стартуваа и во второто полувреме и преку Пизаро поведоа со 3:0. И кога се чинеше дека гостите од Берлин ќе доживеат дебакл во Минхен со головите на Фати и Пантелиќ Херта се враќа во „живот", но секаква неизвесност спречи Подолски во 78 минута за конечните 4:2.

Иако се одиграни само седум кола во Германија, една работа е прилично сигурна и извесна, Бохум тешко дека ќе може да ја прекине својата традиција на експресно испаѓање од лигата. Повратникот во Бундеслигата сезонава, викендот доживеа бламажа и тоа на сопствениот тревник. Во Бохум гостуваше Вердер и притоа славеше со 6:0. Хунт го доведе тимот од Бремен во водство од 1:0, а во продолжението домашните доживеаја вистински потоп кога голманот Сков-Јенсен уште пет пати беше принуден да ја вади топката од сопствената мрежа. Интересно е што во листата на стрелци се запишаа шест различни фудбалери, па на Хунт му се придружија Шулц, Врањеш, Диего, Фриц и Налдо.

Во малото дерби на колото на „АОЛ" арената во Хамбург силите ги одмерија Хамбургер и Шалке 04, а тимот од Гелзенкирхен славеше со 2:1. Творци на триумфот за гостите беа Халил Алтинтоп и Бордон, единствениот гол за домашните беше дело на Пјотр Троховски. Штутгарт со убедливи 3:0 го порази Баер (Л), Ајнтрахт на нашиот Васоски ремизираше кај Хановер, а Борусија (М) го совлада Волфсбург со 3:1. Мајнц 05, во чии редови го немаше македонскиот репрезентативец Николче Новески, во петокот загуби на домашен терен од Алеманија Ахен со 3:1, додека Енерџи Котбус на Игор Митрески вчера попладне ја пречека Борусија (Д).

Бундеслига, 7. коло

Резултати: Баерн (М) - Херта 4:2, Бохум - Вердер 0:6, Штутгарт - Баер (Л) 3:0, Хамбургер - Шалке 04 1:2, Хановер - Ајнтрахт 1:1, Борусија (М) - Волфсбург 3:1, Мајнц - Алеманија Ахен 1:3. Вчера играа: Енерџи Котбус - Борусија (Д), Нирнберг - Арминија. Табела: Вердер 13, Баерн (М) 13, Шалке 04 13, Алеманија Ахен 12, Борусија (М) 12, Штутгарт 11, Херта 10, Нирнберг 10 (-1), Ајнтрахт (Ф) 9, Борусија (Д) 8 (-1), Баер (Л) 8, Енерџи Котбус 8 (-1), Арминија 7 (-1), Мајнц 7, Волфсбург 6, Хановер 6, Хамбургер 5, Бохум 4.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани