Сигурно сте задоволен од она што го гледате во
вашето царство. Ако не ни оставивте во наследство пари или какво било друго
благо, тогаш ни ги оставивте принципите на владеење, за кои ние денес се држиме
како слеп за стап. Вие на вашиот зет Владимир му дадовте да владее со цела една
држава (Дукља, односно Зета) и така го воспоставивте принципот што денес се
нарекува непотизам. Ние, за жал, немаме многу земја за управување (ја имаме
повеќе за делење), ама затоа за нашите зетовци, снаи, братучеди и куми на
комшивката имаме министерства, директорски функции, тендери... Почитуван Царе,
наместо благосостојба на вашите синови и внуци им оставивте омраза и закрвеност.
Но, такво е ова време.
А на Никола Груевски му се дреме.
Царе,
можно ли беше од оние 14.000 слепци да се изродат два милиона. Па нели Василиј
му оставил на секој стоти по едно око. Или можеби ќе беше подобро и нив да ги
ослепеше, па никој повеќе ништо да не видеше. Зашто од авион се гледа како
невладините организации формираат влади, како задолжените за борба против
корупција се корумпираат, како пропаѓаат цели вредносни системи... А ние сме
слепи при очи. Јас знам дека на царот му припаѓа царевото, но не знаев дека со
ферман се менуваат ректори на универзитети. Велат дека ректорот на Тетовскиот
универзитет лажел и крадел. Па, што не го апсат тогаш. Зошто го менуваат. Со
декрети луѓето губат работни места, се менуваат судбини. Ах, власта е тешко
бреме.
А на Никола Груевски му се дреме.
Царе, без грижа, новите
владетели решиле да те одмаздат. Повлечени се амбасадорите од Лондон и од
Вашингтон затоа што нас Западот не нж интересира. Ние сме некако традиционално
врзани за Византија. Велат дека амбасадорот во Вашингтон оставал несериозен
впечаток затоа што застанал на страната на Бучковски во СДСМ. Или затоа што
напишал текст во „Утрински весник", не се сеќавам повеќе. Наспроти тоа, немањето
амбасадор во САД, менувањето ректори без процедури, непочитувањето на докажаните
вредности, непотиозмот... секако нж прави дефинитивно сериозни. Но, само во
очите на кловновите. Тоа што од твое време останавме слепи при очи е една
работа, но зошто останавме на ниво на племе?
А на Никола Груевски му се
дреме.
Царе, што ни остана, а што не може повеќе да се земе. Деценија и
пол транзиција, три века можеме за нив да раскажуваме. Атентати, умирања, кризи,
инфлации, војни, универзитети, споменици, закони и закани, беспарици и визи...
Доста бре луѓе. Јас немам грб од азбест, па да можам да додржам. Ти барем можеш
да се вадиш на Василиј. Токму толку време колку што тука поминува традицијата,
Василиј се спремаше за војна со твојата војска. Ние, јадници, на што да се
вадиме. На сопственото практикување на политиката како византиска дисциплина.
Измислување и кроење светски заговори, кои на крајот и се остваруваат.
Едноставно човек да се праша од какво сме направени семе.
А на Никола
Груевски му се дреме.
Би ти пишувал уште, да сум сигурен дека си писмен.
А во крајна линија нема ни потреба. Времето е застанато од таа 1014 година.
Навистина не постои повеќе Византија, освен во нашите глави. Во Кремљ се слуша
рокенрол. Американците купуваат плацеви на Месечината, а ние како лепрозни,
стиснати на ова парче земја, чекаме Европа да нж земе.