Интервју: Ацо Спасеноски Земјоделците в година ќе се обучуваат за користењето на фондовите на ЕУ Министерот за земјоделство вели дека пари за земјоделството од европските фондови може да очекуваме дури од 2008 година
Од идната година вишокот производство ќе го пласира фирма управувана од меѓународни топ-менаџери: Ацо Спасеноски
АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА
Господине Спасеноски, во каква
состојба го затекнавте Министерството за земјоделство и кои беа Вашите први
приоритети?
- Со моето доаѓање за министер наидов на многу несработени,
недоволно или лошо сработени работи. Најголемата работа кон која треба да се
фокусираме во претстојниот период е донесување бројни правилници и закони кои
треба да се усогласат со ЕУ. Досега некои закони воопшто не се донесени, дел се
донесени, но не се имплементирани, а има и закони кои се донесени паушално и не
ја отсликуваат реалната ситуација на теренот.
За земјава се отвораат
претпристапните фондови на ЕУ, но треба да се основа Платежна агенција. До каде
е постапката за нејзино формирање?
- Иако претходната влада посочи дека
почнала да работи на формирање Платежна агенција, на тој план не било ништо
направено. Реално, ние немаме ниту ИПАРД-план, ниту кадри кои би работеле на ова
поле, ниту пак има организациска поставеност на Агенцијата во форма која би била
прифатлива за нас, но и за европските фондови. За правење на планот ИПАРД ја
немаме ниту основата, а тоа е пописот на земјоделското земјиште. Претходната
влада требала да ги почне подготовките за попис уште пред три години за ние сега
да работиме на развој на Платежната агенција и планот ИПАРД.
Кога реално
би започнал пописот на земјоделското земјиште и дали се обезбедени средства за
таа намена?
- Владата ќе обезбеди средства за спроведување на пописот и
тој би започнал на почетокот на јуни идната година. Средства можеа да се
обезбедат и сега со ребаланс на Буџетот, за пописот да почне во ноември, но
реално тоа не беше можно, бидејќи ниту подготовките за спроведување на оваа
активност не се почнати. Пописот најрано може да почне на 1 јуни наредната
година.
Дали тогаш ќе почне изготвувањето на планот за претпристапните
фондови и зарем така нема да се доцни?
- Бидејќи немаме време да чекаме
да заврши пописот, во меѓувреме ќе собереме податоци од релевантните институции
во државава за да можеме да почнеме да го изготвуваме планот, кој е основа за
ИПАРД-агенцијата. Покрај тоа, ние иако немаме средства, ќе изнајдеме пари за
финансирање и поддршка на програмите, кои се фактички почеток на
ИПАРД-агенцијата. Всушност, ќе се обидеме со буџетски средства и симулирање на
ИПАРД- агенцијата да ги поддржиме проектите за да го извежбаме моделот на
агенцијата, за по отворањето на европските фондови да бидеме подготвени веднаш
да почнеме да ги користиме.
Кога најреално ќе може да ја користиме
помошта од европските фондови?
- Доколку претходната влада работела, како
што било најавено и како што требало, средствата од претпристапните фондови би
можеле да се користат од почетокот на наредната година, но домашната задача
нашите претходници не ја завршиле, па процесот се одолжи и реално е да се
очекува дека влечењето на овие средства би можело да се случи од 2008 година.
Нам ни останува само да се обидеме средствата од 2007 да ги префрлиме во фондот
на средства од 2008 за да не се изгубат тие.
Секојдневно се соочувате и
со актуелни проблеми, како на пример откупот на грозје. Тука се присутни
дилемите околу извозот на грозје, наместо вино. Каков е Вашиот став?
- Во
почетокот на моето министрување лозарите побараа да им се овозможи извоз на
грозје, што беше и реализирано. Лозарите не смееја да бидат уценувани од
винарските визби кои навреме не обезбедиле средства за откуп. Свесни сме дека е
многу подобро да се извезува готов производ, но во услови кога се работи за
производ кој не трпи складирање, извозот на грозје беше единствено прифатлива
варијанта. Забрзаниот проток наиде на критика од Бугарија, дека не е можно
грозјето да излегува од земјава за 12 часа, но ние успеавме да го постигнеме и
тоа. Како земја-производител на квалитетно грозје навреме ги информиравме
соседните држави дека имаме вишок грозје и дека тоа може да се извезува. Сите
навреме реагираа и извозот тргна, па до 9 октомври се извезени 21 милион
килограми, што е за 30 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година,
додека домашниот откуп е во рамките на минатогодишните количества.
Имаше
обвинувања за шверц на македонско грозје во Хрватска. Која е вистината за тој
случај?
- Хрватите ме уверија дека не е проблем извозот на македонско
грозје во Хрватска, туку законската регулатива. Во 2003 година Хрватска донела
закон за тоа кој може да увезува трпезно, а кој винско грозје. На трпезното
грозје има помали давачки, а на винското поголеми, поради што имало случај на
внесување винско грозје кое било декларирано како трпезно. Досега тој проблем
таму не бил решен, поради што тие донесоа уредба со која е засилена контролата
околу увозот и декларирањето на грозјето за познат купувач. Немаше никакво
стопирање на извозот и тој се одвива и сега. Хрватска не е најголем откупувач на
македонското грозје. Многу поголеми купувачи се Бугарија, Србија и Албанија,
иако таму деновиве, исто така, е намален пласманот поради примената на
законската регулатива, слична на хрватската, односно увоз за познат купувач.
Одлуката за увоз за познат купувач се применува и кај нас, но ние не увезуваме
грозје.
Секоја година се јавува проблемот и со откуп на пченицата и
нејзината цена. Дали ќе има помош за овој сектор?
- Парадоксално е што
имаме недостиг од пченица, а истовремено проблем е откупот на домашната пченица
и нејзината ниска цена. Со ребалансот на Буџетот ќе се издвојат средства за
субвенции на пченицата, но останува проблемот со интервентните увози на пченица.
Не смее да се дозволи ситуација кога се има домашна пченица да се прави
интервентен увоз. Ние побаравме од Министерството за економија да не се дозволи
ваков увоз на лебно жито додека има домашна пченица. Ќе инсистираме и на
воведување компензациски царини, како би се изедначиле условите за
пласман.
Актуелните проблеми во најголем дел се поврзани со пласманот на
произведеното. Што ќе направи државата на тој план?
- Главоболката на
македонското земјоделство се расцепканите парцели, малите количества кои
поединечно тешко или воопшто не можат да се пласираат на пазарот. Владината
програма за обезбедување на пласманот предвидува формирање агенција-фирма која
ќе биде управувана од двајца меѓународни топ-менаџери, која ќе има за цел откуп
и пласман на вишокот производство. Во почеток фирмата би била во државна
сопственост, а подоцна ќе се трансфромира и ќе премине во приватни раце. Фирмата
би требало да почне да работи од 1 јануари 2007 година. Паралелно со ова, би се
туркала и трансформацијата на Агроберзата, како институција која ќе има за цел
следење на меѓународните саеми, собирање информации што бара пазарот, складирање
одредени производи по одредени стандарди.
Деновиве е актуелна
распределбата на земјоделско земјиште. Какви ефекти очекувате од оваа
акција?
- Ситуацијата со распределба на земјиштето во изминатиов период
беше хаотична. Имаше случаи фирми со еден вработен и еден трактор да добијат
огромни површини, кои потоа ги рентале на други, остварувајќи екстра- профит.
Имаше случаи и на неплаќања закупнина. Ние прво формиравме комисија за
утврдување на фактичката состојба и за брза поделба на земјата, заради фаќање на
есенските рокови за сеидба. Формиран е компјутерски центар за утврдување на
површините слободно земјиште, кој квалитет на земјиште е слободен, како и
можност за препорака која култура на која земја може да биде застапена. Во
меѓувреме, се работи на законски измени со примена на европски стандарди при
поделба на земјиштето, како што е реонска поделба на земја на луѓето кои живеат
во тој регион. Исто така, се предвидува поделба на големи парцели земја на
големи фирми. Тие ќе можат да користат големи површини земја, но ќе треба да
имаат план и програма како ќе ја работат и да имаат одреден број вработени на
одредена површина. На тој начин делумно ќе се реши проблемот со невработеноста,
а ќе биде лимитирано и времето на користење.