Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Неизвесно во кој состав ќе заседава Сенатот на Тетовскиот универзитет
Сади Беџети изјави дека Владата може да менува ректор кога сака

Неофицијално, на ДТУ вчера немало никакви активности, што подразбира дека и полицијата викендов не ги обработувала сомнителните досиеја и дипломи
Билјана Јовановска



Во отсуство на официјални информации за случувањата на Државниот универзитет во Тетово, по смената на ректорот што ја направи министерот за образование, новоименуваниот прв човек на институцијата, Сади Беџети, со интервјуто дадено за АЛСАТ, дополнително ја збуни јавноста. „Владата го формира Универзитетот, таа е негов сопственик, и оттаму може да го менува ректорот кога ќе посака", изјави Беџети. Прашан дали е точно дека Али Ахмети и Џевад Адеми имаат фалсификувани дипломи од Тетовскиот универзитет, новиот ректор одговори дека „нема такви сознанија, но бројот на нелегалните дипломи е многу голем".

Неофицијално, денес на ДТУ се очекува да се состане Сенатот, како највисоко тело, но никој не знае кој ќе присуствува на седницата - старите членови, или оние кои ќе ги постави Сади Беџеди, односно министерот за образование, Сулејман Рушити. Бидејќи за министерот и неговиот ректор Законот за високо образование како да не постои, не е исклучено тие, наместо факултетите, да ги предлагаат и избираат сенаторите. И покрај тоа што студентите и професорите се подложени на исклучителни притисоци и никој од нив сж уште јавно не проговара за „случајот Тетовски универзитет", не се исклучени реакции на тамошните академци. Дотолку повеќе што минатата недела Беџети ја распушти и студентската организација на Универзитетот.

Некогашниот ексректор, а подоцна и прв човек на малоречанскиот универзитет, Фадил Сулејмани, ја поддржа власта во упадот на ДТУ, зашто „Универзитетот по легализацијата станал место за семејни вработувања на бившииот ректор Неџбедин Беадини и на проректорите". За ваквата состојба, тој отворено го прозва ексминистерот Азис Положани „кој не мрднал со прст и негова е одговореност што молчел, а знаел сж ". Положани и вчера не сакаше да ги коментира изјавите на својот сопартиец од ДУИ, но професори од Тетовскиот универзитет, кои бараат анонимност, потсетуваат дека сменетиот ректор Беадини бил поставен токму од Фадил Сулејмани и дека како негов избор останал на функцијата и по легалиозацијата на ДТУ. Откако му избегал од контрола, првиот ректор се свртел против својот пулен, тврдат. Добрите познавачи на состојбите потсетуваат дека во времето кога Универзитетот станал државен, имал само две матични книги, додека сега располага со 120. Истовремено, напомнуваат дека „нема злосторство без траги", алудирајќи дека незаконското работење датира од времето на Сулејмани кој, наводно, има голем удел во таквите активности. Професори од ДТУ, исто така, укажуваат дека Сулејмани е гневен на ексминистерот Положани зашто со негова одлука професорите со 65 години морале да заминат во пензија, меѓу кои и Фадил Сулејмани, кому во меѓувреме му пропаднале и обидите како професор на Универзитетот да ја вработи сопругата.

Неофицијално, на ДТУ вчера немало никакви активности, што подразбира дека и полицијата викендов не ги обработувала сомнителните досиеја и дипломи. Денес, пак, за упадот во уставно загарантираната автономија на Универзитетот ќе расправа и Интеруниверзитетската конференција, која се очекува да ги осуди ваквите незаконски потези на власта.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани