Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Промоцијата на Шекеринска во нов лидер на СДСМ на 5 ноември
Бучковски предлага замена на делегатскиот систем во СДСМ со непосредни избори

За разлика од лидерската трка, во која не се очекува неизвесност, нова препрека на патот кон посакуваното партиско единство во СДСМ би можела да биде изборот на партискиот генерален секретар
БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ

Откако се расчисти лидерската, во Социјалдемократскиот сојуз започнува битка за избор на нов генерален секретар и дебата за промена на партискиот Статут. Централниот одбор на партијата во саботата, според очекувањата, го закажа вонредниот конгрес на кој се најавува избор на Радмила Шекеринска за нов лидер за 5 ноември годинава. И покрај ситните несогласувања, двата табора- и на Шекеринска и оној на екслидерот Владо Бучковски, на седницата направиле по еден компромис, кои се толкуваат како влог во зачувувањето на единството во партијата. Бучковски делумно ги отфрлил забелешките за легимитетот на конгресните делегати кои ќе треба да го изберат новиот претседател. Шекеринска, пак, прифатила работната група задолжена за подготовка на конгресот, чиј состав беше избран на последната Конвенција, да биде проширен со уште два члена - Илинка Митрева и Оливер Спасовски.

„Мислам дека компромисот што го предложив беше продуктивен и во функција на тоа да не се создава дополнителна криза во партијата", ни изјави вчера Бучковски, по неговата одлука да не го проблематизира делегатскиот состав. Од друга страна, тој објаснува оти нема логика, на редовниот конгрес на СДСМ кој треба да се одржи во февруари следната година, повторно да се гласа доверба на партиското раководство кое ќе биде избрано на 5 ноември. Според лидерот во заминување, клучно за партијата ќе биде на февруарскиот конгрес да се отвори прашањето за промена на Статутот и да се смени делегатскиот систем на функционирање на партијата. „Идејата е да се оди на непосредни избори за претседател, генерален секретар и претседатели на општинските организации. Мислам дека оваа операција може токму сега да се спроведе, а веќе на конгресот во 2007 година напролет, на овој начин да се избираат и претседателот и генералниот секретар на партијата", образложува Бучковски.

Во моментов во СДСМ нема многу дилеми околу очекувањата за избор на нов лидер на 5 ноември. Во таборот на Шекеринска очекуваат таа да биде единствениот кандидат. „По сите турбуленции што се случија, најдобро е да нема противкандидат, пред сж поради единството во партијата", вели член на ЦО на СДСМ, кој инсистираше на анонимност. Приврзаниците на Бучковски, пак, очекуваат дека Шекеринска, сепак, ќе има противкандидати, и тоа во Илинка Митрева и Игор Ивановски. За разлика од лидерската трка, во која не се очекува неизвесност, нова пречка на патот кон посакуваното партиско единство би можела да биде изборот на партискиот генерален секретар. Анонимни кругови во СДСМ како најсериозен кандидат го гледаат Горан Минчев, кој ја има поддршката и на Шекеринска и на шефот на државава, Бранко Црвенковски. Наспроти него, во таборот на Бучковски за оваа функција ги подготвуваат Љупчо Јордановски, Оливер Спасовски и Горан Паунов. Можно е од општинските организации како предлози за оваа функција да бидат евидентирани и Миле Зечевиќ, Јани Макрадули и Дејан Мицковиќ.

Последната седница на ЦО многумина членови вчера ја протолкуваа како конструктивна и смирувачка, по тензиите присутни на последната конвенција. Приврзаниците на Шекеринска забележуваат што Бучковски во последен момент, пред самиот крај на седницата, непотребно инсистирал на проширување на работната група со Митрева и Спасовски. Од неговиот табор, пак, предупредуваат дека на седницата имало само 47 од вкупно 75 члена на ЦО. „Сето ова што се случува може да има одраз и на бројноста на делегатите на конгресот, луѓето се разочарани посебно околу дефинициите како да се дојде до ед��нство во партијата", велат „бучковистите".







© 2001 Утрински Весник, сите права задржани