„Јаја мезлер" треба да уплати еден милион евра за „Македонка џинс"
ШТИП - Деновиве беше потпишан договорот помеѓу „Македонка џинс" и турската
компанија „Јаја мезлер", која имаше најдобра понуда за купување на ова друштво.
Потпишувањето на договорот уследи откако стратегискиот инвеститор регистрира
фирма во нашава држава. Од моментот на потпишување на договорот започна да тече
рокот од 21 ден во кој стратегискиот инвеститор мора да уплати еден милион евра,
колку што изнесуваше неговата понуда за „Македонка". Компанијата има обврска во
рок од седум дена да ги уплати првите сто илјади евра. Гингер Каја, газдата на
турската компанија, вели дека преземените обврски ќе ги исполни во законските
рокови, а можеби и пред нивниот истек. Со бизнис-планот тој се обврза до крајот
на 2008 година да вработи вкупно 1.100 работници и да инвестира близу 13,7
милиони евра. Каја најави изградба на нов деловен простор од 9.000 квадратни
метри и изградба на мини-стоковна куќа во кругот на „Македонка џинс".
(И.Б.)