Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Хроника

   

 

За синот што ја убил мајка си задолжително лекување
Завршија истрагите за убиствата на Миланка Божиновска и на средношколката Маја Топузовска

Основниот суд во Кичево
КИЧЕВО - Во Основниот суд во Кичево заврши истрагата околу свирепото убиство што се случи на 1 септември годинава во селото Извор каде што на брутален начин беше убиена 64-годишната Миланка Божиновска од раката на својот син Горан (31), како и околу трагедијата во која 17-годишник ја уби девојката. Истражниот судија Драган Дилевски потврди дека овој дел од постапката е завршена и прибраните материјали, наоди и вештачењата се предадени во Обвинителството.

„По целосното расветлување на убиството и добивањето на материјалот од истрагата и психијатриското вештачење за убиството на својата мајка Миланка Божиновска, Обвинителството поднесе предлог до судот на Горан Божиновски да му се изрече мерката задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, бидејќи боледува од акутна шизофренија. Што се однесува до убиството на 17-годишната Маја Топузовска од Кичево, која нејзиниот врсник Виктор Стојковски ја застрелал во чело со пиштол на татко му откако го добив материјалот од истрагата и наодите од вештачењето за пресметливоста на осомничениот, изготвено е обвинение против сторителот", ни изјави вчера основниот јавен обвинител од Кичево, Костадин Кизов.

Горан Божиновски со секира ја убил својата мајка во нивната семејна куќа во село Извор. Тој со задниот тап дел од секирата неколку пати ја удрил својата мајка Миланка по главата. Од повредите жената починала веднаш. Горан повеќе од една година боледувал од шизофренија од која се лекувал во Душевната болница во Демир Хисар. Оттаму пред неколку дена пред убиството бил пуштен дома, каде што требало самостојно да ја продолжи терапијата. Но, од она што го утврдиле надлежните при проверка на неговите лични работи, тој не ги користел пропишаните лекарства.

Седумнаесетгодишната Маја Топузовска, ученичка во трети клас на средното училиште „Мирко Милевски", со еден куршум во главата беше усмртена од нејзиното момче и врсник Виктор Стојковски. Според истрагата, девојката дошла на гости во станот на Виктор, инаку сопственост на неговиот татко. Момчето во еден миг според неговото тврдење од ормарот го зел пиштолот на татка си марка „чешка зброевка" калибар 7,65 мм, го репетирал и во критичниот момент бил повлечен од девојката, при што од невнимание ја застрелал. Бидејќи немало сведоци на трагичниот настан, на судскиот процес што наскоро треба да биде закажан ќе се утврди под какви околности се случило убиството. (В.Т.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани