Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Хроника

   

 

Параглајдерист загина во несреќа кај Крушево
Истрагата се уште не ги утврди причините за трагедијата во која загина Тони Аврамоски

Аврамоски (33) беше еден од 46. натпреварувачи од Македонија, Косово, Србија и од Бугарија кои учествуваа на интернационалниот државен параглајдерски ФАИ 2-натпревар во дисциплина прецизно слетување, што се одржа во Крушево во организација на Воздухопловн
МОНИКА ТАЛЕСКА



ПРИЛЕП - Прилепчанецот Тони Аврамоски (33) во саботата околу 15 часот го загуби животот во параглајдерска несреќа во близина на крушевското село Алданци кај месноста Кула. Аврамовски, полицаец во СВР-Прилеп, беше еден од учесниците на Отвореното државно првенство во параглајдерство. По речиси петнаесетина години, ова е втора несреќа со параглајдери во земјава.

„Причините за несреќата ќе ги покаже натамошната истрага. Според првичните неофицијални сознанија, параглајдерот на Аврамоски се затворил од едната страна и леталото паднало до резервоарот за вода во близина на селото. Ќе ги преземеме сите потребни мерки да се обезбеди леталото, а потоа да се проверат стартерите и организацијата на натпреварот", вели Блаже Спиркоски, дежурен истражен судија, кој со екипи од крушевската полиција и прилепското обвинителство вршеа увид на местото на несреќата.

Еден од организаторите од Делта- клубот од Прилеп, Кире Гиноски, и пријателите на Аврамоски, кои учествуваа на првенството, тврдат дека во саботата имало идеални услови за летање.

„Причина за несреќата беше грешка на пилотот. Со сета брзина удри на земја", изјави Гиноски, истакнувајќи дека Аврамоски имал дозвола за летање и 1,5- годишно искуство.

Други учесници на натпреварот велат дека Аврамоски не носел резервен параглајдер, а во критичниот момент во воздухот имало три летала. Параглајдерот на Аврамоски со голема брзина паднал на земја. Еден од очевидците е и мештанинот Невзат Ахмедоски, кој токму во тој момент ги пасел овците на ливадата каде што слетувале параглајдеристите.

„Леталото се вртеше многу брзо. Никој не можеше да верува дека човекот ќе остане жив. Страшен беше звукот кога падна на земја. Возилото за брза помош веднаш го однесе во болница, а некои велеа дека е уште жив", вели Ахмедоски. Но, според изјавата на дежурниот хирург на прилепската болница, д-р Луан Мифтароски, безуспешни биле двочасовните напори на хирурзите за реанимација на Аврамоски.

Инаку, во саботата во Крушево, во организација на Воздухопловниот сојуз на Македонија и Делта-клубот од Прилеп, се одржуваше интернационалниот државен параглајдерски ФАИ 2-натпревар во дисциплина прецизно слетување, на кој учествуваа 46 параглајдеристи од земјава, Косово, Србија и од Бугарија.

За кусо време, ова е втора жртва на несреќи со летала што се случија во земјава. Минатиот вторник кај битолското село Логоварди се запали спортски балон, при што едно лице загина, а двајца се здобија со тешки телесни повреди. Здравствената состојба на битолчанецот Влатко Христовски-Дадо и на скопјанецот Боро Саздов сж уште е критична. Христовски, кој се лекува во битолскиот Медицински центар, е во фармаколошка кома и приклучен на апарати за дишење поради вдишаните поголеми количества отровни гасови по експлозијата на балонот. Лекарите велат дека изгорениците успешно се третираат, но поради неговата лежечка состојба од пред три дена пациентот доби и бронхопневмонија. Саздов, пак, е во Градската болница во Скопје, а лекарите велат дека неговата состојба е статус кво во однос на изминатите денови. Официјални информации околу причините за трагедијата се очекуваат наредните денови.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани