Број 2208 понеделник, 16 октомври 2006


  Свет

   

 

Бан Ки-Мун избран за нов генерален секретар на ОН
Ки-Мун е прв азиски лидер откако У Тант од Бурма ги водеше ОН од 1961 до 1971 година

Бан Ки-Мун
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ - Генералното собрание на ОН во петокот со акламација го именуваше јужнокорејскиот министер за надворешни работи Бан Ки-Мун за нов генерален секретар на ОН, функција што ќе ја преземе од 1 јануари. Ки-Мун (62) е прв азиски лидер откако У Тант од Бурма ги водеше ОН од 1961 до 1971 година. Азиските земји инсистираа дека тие треба да ја преземат функцијата од Кофи Анан од Гана, кој го водеше светското тело изминатата деценија. Изборот на Бан како осми генерален секретар на ОН од 1946 година беше поздравен со аплауз од дипломатите и стотици лица од персоналот на ОН.

Советот за безбедност на ОН со 15 членки го препорача Бан на Генералното собрание, како следен генерален секретар, откако тој лесно ги победи шесттемина ривали на неофицијалното гласање во советот. Генералното собрание официјално го именуваше за петгодишен мандат.

„Ќе работам вредно за да ја остварам нашата одговорност за заштита на најчувствителните членови на човештвото и за мирно решавање на заканите за меѓународната безбедност и регионална стабилност", изјави Ки-Мун пред Собранието. „Вистинската мерка на успех за ОН не е колку ветуваме, туку колку исполнуваме за оние на кои им сме најмногу потребни", рече тој. Ки-Мун додаде дека се залага за реформа на ОН, исполнување на милениумските цели за развој на ОН, проширување на мировните операции и справување со заканите наметнати со тероризмот и оружјето за масовно уништување, ХИВ/сида и други пандемии, еколошкото деградирање и императивите за човековите права.

Анан го опиша Бан како „иден генерален секретар кој е исклучително во дослух со чувствителноста на земјите и заедниците на секој континент". „Човек со навистина глобално размислување на чело на единствената универзална организација во светот", рече тој, додавајќи дека му посакува сила и храброст на Бан додека се подготвува да ја преземе функцијата и „да се забавува вршејќи ја работата". (Ројтерс)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани