Никол Кидман го отвори Римскиот фестивал На првиот Римски
филмски фестивал
македонскиот филм „Контакт“ е во
програмата „Њу синема“
СунЧица Уневска
Во петокот вечерта во присуство на Никол Кидман и Шон Конери беше отворен
првиот Римски филмски фестивал, кој до 21 октомври ќе прикаже вкупно 120 филма.
Никол Кидман, чие присуство, покрај ривалитетот со Венецискиот фестивал, му
донесе на овој фестивал огромен публицитет, дојде со својот нов филм „Фур:
Имагинарен портрет на Дијана Арбус“. Всушност, станува збор за вистински лик, за
фотографката Арбус, првата Американка чии дела по нејзината смрт ќе бидат
изложени на Венециското биенале во 1970-тите. Филмот е во режија на Стивен
Шејнберг, а во оваа делумно имагинарна приказна за оваа интересна фотографка
која на крајот ќе се самоубие, како нејзин ментор игра и Роберт Дауни јуниор.
Никол Кидман воопшто не се двоумеше да дојде на фестивалот и да го отвори
изјавувајќи, впрочем заедно со голем дел од нејзините колеги, дека му дава
поддршка и дека е добро да има што повеќе фестивали. На отворањето дојде и
сер Шон Конери, во чија чест беше одржан и концерт во Римската опера кога му
беше доделена и наградата за неговиот придонес кон филмот, а која го носи името
„Марко Аурелие“. На Конери ќе му биде оддадена почест и со ретроспектива од
негови 14 филма. Повеќе ретроспективи се резервирани за италијанската
кинематографија, а кон нив беше додадена и таа за режисерот Џило Понтекорво, кој
на 87-годишна возраст почина пред неколку дена. Понтекорво е повеќе познат по
политичките филмови, а најмногу награди освои за италијанско-алжирскиот филм
„Битка за Алжир“ од 1966 година. Во Рим дојдоа и Мартин Скорсиз и Леонардо ди
Каприо со нивниот нов филм „Заминување“ (филмот кој со снимаше Михаел Балхаус,
кому годинава му беше доделена „Златна камера 300“), а кој многу добро се котира
на американските топ листи, потоа Роберт де Ниро, кој му даде голема поддршка на
фестивалот, на кој ќе се прикажат 10 филма од фестивалот на Де Ниро њујоршкиот
„Трибека“. Инаку, во Рим ќе бидат прикажани и 20 минути од неговиот нов филм
„The Good Shepard“ со Мет Дејмон и Анџелина Џоли. Свои премиери на овој фестивал
ќе имаат и филмовите на Мира Наир „The Namecave“, на Кристофер Нолан „The
Prestige“ во кој ликот на Никола Тесла го игра Дејвид Боуви, потоа на Ласе
Халстром „Hoax“ со Ричард Гир во главната улога и двата филма во кој игра Моника
Белучи, „Наполеон и јас“ и „The Stone Council“. Римскиот фестивал е
интересен за нас и поради присуството на филмот „Контакт“, кој е влезен во
програмата „Њу синема“. Во рамките на оваа програма ќе бидат претставени 12 нови
режисери и земји, а меѓу нив е Сергеј Станојковски, кој рече дека со ова
Македонија ќе добие своја убава презентација таму. Инаку, Станојковски е влезен
и со новиот проект „Петта, шеста виолина“, кој повторно го работи заедно со
српскиот сценарист Гордан Михиќ, на копродукцискиот маркет каде што ќе има
пичинг сесија и претставување пред голем број филмски професионалци. И на
крајот да кажеме дека она што е интересно е што покрај главното жири ќе има и
жири од 50 љубители на филмот, кои ќе доделуваат награди во главната програма
составена од 16 филма. А како куриозитет да кажеме дека една од наградите, и тоа
за агент и менаџер му припадна и на познатиот актер Харисон
Форд.