Алкалоид заврши на незавидното 20. место во КЕШ „Фармацевтите"
во завршницата
на турнирот во Фиген претрпеа два пораза
- од Клиши 1,5-4,5 и од Веснијанка 2,5-3,5
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
И покрај најсилниот состав во својата
клупска историја, македонскиот шаховски првак Алкалоид во 22. Куп на европските
шампиони што од 8 до 14 октомври се одржа во австриското гратче Фиген го
забележа својот најслаб резултат откако се игра по овој формат, освојувајќи го
20. место со само осум меч-бода и 23,5 поени по табли. „Фармацевтите", кои
според просечниот рејтинг на екипата стартуваа како 11. во конкуренција на 56
екипи, во претпоследното коло беа декласирани од седморангираниот Клиши од
Франција со 4,5-1,5, а во последното загубија и од белорускиот претставник
Веснијанка (14.) со 3,5-2,5.
Во дуелот со Французите беа поразени
велемајсторите Кирил Георгиев (2680) од Бугарија со бели фигури на првата табла
против Романецот Ливиу-Дитер Нисипеану (2690), потоа Зденко Кожул (2589) од
Хрватска исто така со бели против Швајцарецот Јаник Пелетје (2588) на третата,
како и Трајче Недев (2518) со црни против Русинот Павел Трегубов (2596) на
четвртата. Ремизираа Бугаринот Александар Делчев (2628) со Германецот Аркадиј
Најдич (2676), Звонко Станојоски (2488) со Луксембуржанецот Алберто Давид (2534)
и Драгољуб Јаќимовиќ (2427) со Французинот Мануел Аписела
(2538).
Европскиот шампион Кожул единствен потклекна во дуелот од
последното коло со Веснијанка, во кој загуби со црни фигури од ВМ Андреј Жигалко
(2534). На друите табли не успеаја да победат Георгиев против Алексеј Федоров
(2617), потоа Делчев против Сергеј Азаров (2565), Недев против интермајсторот
Сергеј Жигалко (2504), Станојоски против ВМ Игор Луцко (2489) и ИМ Александар
Чоловиќ (2459) против ИМ Евгениј Мочалов (2419).
Европската клупска
титула во машка конкуренција ја освои рускиот Томск-400, а кај дамите Мика од
Ерменија.
Конечна табела кај мажите: Томск 12 (30), Лаџа Казан 12 (26,5),
Урал Свердловскаја 12 (26,5), Ашдод 11 (27,5), Саранск 10 (30), Веснијанка 10
(28) итн.