Број 2028 понеделник, 16 октомври 2006


  Култура

   

 

Разговор со Цане Андреевски, добитник на наградата на ДПМ 'Ванчо Николески"
Творештвото е огледало на човековата душа
Ако се задоволуваат понекогаШ потребите на тесен круг читатели за извесни специфични изданија, не може да се запостават интересирањата на најШирокиот круг читатели - децата

Невена Поповска
Вашето најново прозно дело за деца и млади "Малата голема точка"  беше наградено од писателскиот еснаф со наградата "Ванчо Николески" . Како го доживевте тоа? Што претставува тоа признание за Вас?
- Кога Блаже Конески го поканил осумдесетгодишниот француски славист и македонист да стане член на МАНУ, тој му одговорил дека во негови години почести не се бараат, ама и не се одбиваат. Горе - долу и јас така се чувствувам, бидејќи поважно ми е, што и на овој начин, делото има повеќе шанси да дојде до читателите. А за авторот тоа е можност за проверка на "инструментот"  што го измислил и изделкал: звучи ли или нема ни звук ни одзвук... Но, веднаш да Ви истакнам - моето настојување да соопштам нешто ново, на понаков начин, да не речам иновантен, дало некој резултат, кој колегите од жирито го забалежале и му дале глас на своето уверување. Од друга страна, особено ми е драго што оваа награда го носи името на Ванчо Нилолески, човек и писател од кого сум ги учел првите стапки во литературата уште како средношколец, со кого сум се дружел подоцна, на кого сум се угледувал како млад автор и кон кого сум имал, и ден - денеска имам голема почит, пред со како кон основоположник на македонската литература за деца, а чие што творештво не е разгледано и не е претставено низ една посовремена призма.
Накусо, во што се состои тој "поинаков"  начин?
- Накусо, во тоа, што се говори за многу нешта од обичниот живот, од мисловната и емотивната преокупација на детето и човекот низ фокусот на микроелементите, понекаде како такви, а понекаде преобразени во разни симболи, преку кои човекот се искажува, се ориентира и и дава смисла на својата акција. Вака дефинирано ова звучи многу претенциозно, сериозно, па дури и здодевно, но со оглед на моето какво-такво литературно искуство, и со оглед на претпоставената перцепција кај младите читатели - во ова настојување се вклучија повеќе градбени елементи: играта, забавата, хуморот, неоспорните факти, комуникативниот стил и ненаметливата дидактика... И така натаму. Сите тие елементи, повеќе или помалку усогласени, вклопени во една измислена приказна, во идејата на таа приказна, дадоа резултат. И кај младите, и кај возрасните, ефектот е поволен.
Сакате ли да дадете едно Ваше видување на литературата за деца кај нас во овој момент?
- Ова прашање, односно прашањето за состојбата во нашата литература за деца е голема тема, која бара сериозни анализи и бара вклучување на повеќе фактори. Ќе се обидам да изнесам неколку впечатоци, се разбира, сосема лични. Колку да побудам кај други автори и меродавни фактори да размислуваат и, ако најдат за потребно, да преземат соодветни чекори.
Литературата за деца кај нас е во стагнација. И на творечки план и на планот на издавањето. На творечки план постојат извесен број автори што го одржуваат освоеното ниво со несомнена креативност, додека има и такви кои со години тапкаат во место и се задушуваат во сопственото скрибоманство. Потоа - нема појава на млади автори. Млади автори со стремеж за свој профил. Потоа, како и за сета литература, и тука, за литературата за деца, ги нема критичарите. Образованите, љубопитните, промислувачките критичари, што професионално и беспристрасно, ќе оцен��ваат, ќе селектираат, ќе создаваат некаков ред на вредности. Потоа, освен "Детска радост"  при "Просветно дело", другите издавачи публикуваат инцидентно дела за младите читатели или се свртени само кон профитабилни изданија. Потоа, финансирањето?! Нема воопшто никаква осмислена грижа за овој сектор. Доказ? Ниедна книга за деца, па и мојава, сега наградена, не влезе предминатата година во субвенционираните изданија од надлежното министерство. Благодарение на едно остро реагирање од страна на издавачот и уредникот на "Утрински весник", покрај другото беше нотирана и оваа крајна небрежност, па нешто "се исправи". Не може и не смее така да се постапува. Ако се задоволуваат понекогаш потребите на тесен круг читатели за извесни специфични изданија, не може да се запостават интересирањата на најширокиот круг читатели - децата. А сите се тупаме в гради - децата се нашата иднина!
Како се однесуваат некои институции, кон кои гравитира ова творештво?
- Немам подетален увид во нивниот конкретен ангажман, но слободно може да се рече дека нивното дејство не е многу видливо. Или пак тоа пулсира на некое друго, тешко допирливо ниво: катедри по литература, институти и институции... Особено е мистериозен пристапот кон институцијата Лектира за учениците, институција наклонета кон бирократско решавање и соодветно на тоа кон дефектност и склеротичност, а која треба да овозможи допир со најубавото во литературата од минатото и сегашноста, од овде и од светов.
Дали творештвото има моќ и што можат писателите преку пишаниот збор?
- Јас верувам дека творештвото има моќ да влијае и да облагородува. Кон тоа уверување сум се приклучил уште во почетокот на мојата литературна дејност. Првата моја збирка поезија за возрасни "Добрина" (1956) е под тој знак. Под знакот на афирмација на човечките добродетели. "Како глас на човекот - за пробуда на човечното" , рече Митрев за таа збирка, дополнувајќи дека тое е "поезија, која не ги одбегнува етичките побуди, а ги бара и ги искажува со непринудена отвореност" . Потоа, сакале или не, секое творештво, па и пишаниот збор, односно литературата, е огледало на човековата душа. Ве молам, кој е тој што не сака да си го види ликот свој во огледало, за да си се порадува со неговата убавина или пак да му открие некои слабости за потем да ги коригира, да го поправи впечатокот. Моќта на зборот е огромна. Затоа, уште од најстари времиња човекот ја согледал и ја ставил во дејство таа моќ на зборот, преку баењето, благословувањето, колнењето и проколнувањето, и преку други гранки на уметноста, и преку други видови на своите уверувања.  Еве, денеска, кај оние кај кои отсуствува благотворителното дејство на народната усмена мудрост, кај кои отсуствува и капацитетот од литературните вредности, наследени и современи, лесно можете да ја препознаете сиромаштијата на духот, плиткоста во изразувањето и површноста на мислата. Тие се движат по еден разгазен пат и мислат дека го освоиле светот. Мудроста човекова е недопирлива до крај, но таа често е придружена од незнаењето, злоупотребата на моќта, илузијата за квазивеличие... Огромното задоволство од литературата, од читањето, не се опишува, тоа се чувствува длабоко во душата како озраченост од чудото човеково, од зборот, кој е алката наша со самата наша тревожна размисла и душевна трепетност, со се што е друго, и што е вон нас.
Што може да очекуваме од Вас во иднина? Работите ли на некое ново дело?
- Безработен поп јариња крсти. Така изгледа писателската работа. Можеби е така, а можеби и не е. Никогаш не ми се допаѓала пренагласената амбиција да се биде ова или она, да се освои ова или она, да се покаже ова или она. Да им се докажува на другите што се знае, што се умее?! Во секој човек има еден друг, внатрешен порив, кој е многу поблагороден, кој те спитомува, те исполнува со задоволство што својата човечка смисла треба да ја најдеш и ја наоѓаш пред се во себе, па после да ја бараш и откриваш на друго место и кај други. Па затоа, давајќи и предност на спонтаноста, плановите ги подзаборавам, ги оставам во "задниот дел од фиоката". Одвреме навреме излегува по нешто на виделина. И за мене и за другите. Ако но остави намира некој лош ѓавол (зашто во овој занает има и добри ѓаволчиња). А, може да се ужива и во она што ни го оставиле предците или пак што прекрасно го создаваат некои од современиците. Никогаш не треба да ги забораваме ни едните, ни другите.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани