Како сум систематски уништен од идиоти Ѕвездан Георгиевски
Станува збор за намера да се исфорсира медиокритетството, зашто некој овдешен идеолог правилно сфатил дека со медиокритети многу полесно се манипулира
Еве една коинциденција: првин читав по овдешните весници за уште едно
ветување на министерката за надворешни работи Илинка Митрева како ќе ми се
олесни визниот режим со Европската унија и како ќе можам да шетам по Европа како
нормален Луксембуржанин, а не како ненормален Македонец, а потоа го сретнав
професорот Владимир Цветковски, кој не без доза на гордост и на радост и без
доза на моја љубомора, ми ги покажа новиот роман на Салман Ружди "Шалимар
кловнот" и романот "Никогаш не ме оставај да си одам" на Казуо Ишигуро, влезен
во најтесниот избор за престижната Букерова награда. Вели дека книгите му се
подарок од Лондон, дека му ги пратил пријател, дека се ослободени од царина,
дека поштарината е регуларно платена и - дека тој морал да плати уште 600 денари
за да го подигне подарокот. Станува збор за данок за додадена вредност.
Повластен. Само пет проценти од вредноста на книгата. Со оглед на фактот што
одамна немам добиено книга од странство, а како сум добро арестиран во затворот
наречен Македонија, не се сеќавам кога последен пат сум нарачал книга, останав
фасциниран од генијалната идеја на законодавните власти да наплаќаат пари од
книгите-подароци. Останав фасциниран од фактот дека сум правел сериозен даночен
прекршок кога при секое враќање од странство сум внесувал пет-шест наслови без
за тоа да го платам заслужениот данок на државата Македонија. Во Управата за
јавни приходи велат дека се е чисто и јасно. Нив не ги интересира дали станува
збор за подарок или купена книга: пратка е пратка, таа се отвора, се проценува
вредноста на книгата и - се наплаќа данок. Двојното оданочување се избегнува
така што праќачот има право да го повлече данокот од земјата каде што е книгата
купена. Се разбира, доколку Македонија има потпишано спогодба со таа држава за
вакви мерки. Кој ќе го повлече данокот од нарачка директно од издавачката куќа
или преку Интернет, е прашање на кое во Управата немаат одговор. Ако веќе не
сакате двојно да плаќате - не нарачувајте. Еден пријател што работи во едно
од скопските радија вели дека добива промотивни музички компакт-дискови од
неколку издавачки куќи (значи дискови кои не се воопшто во продажба, туку се
делат како рекламен материјал) и секогаш плаќа по 70 денари по примерок. Не
можам да се оттргнам од заклучокот дека станува збор за намера, за перфидна
идеолошка намера да (о)станеме идиоти, да останаме необразуван, да ни биде
попречена секаква комуникација со нормалниот свет; намера која јасно ја
отсликува политичката матрица: ако не знам ќе верувам во се што ќе ми кажат, ако
не знам ќе верувам дека живеам во најдобриот од сите можни светови; намера да се
исфорсира медиокритетството, зашто некој овдешен идеолог правилно сфатил дека со
медиокритети многу полесно се манипулира. Читателот разбира дека не е
проблемот во тоа што професорот платил 600 денари. Проблемот е во тоа што
студентите, интелектуалците и на секој љубопитен човек му се поставуваат
системски пречки да се информира и со самото тоа да се демократизира. Во
Управата за јавни приходи велат дека има исклучоци: не се плаќа данок на
додадена вредност за научна литература, ако биде нарачана од научна институција.
Со други зборови, не се плаќа за онаа литература врз која има контрола државата
(уште не сум слушнал дека во Македонија постојат приватни научни институции),
што значи дека само државата може да пропише каква и во која мера научна
литература може да ми биде достапна. Конечно, распрашајте се по научните
институции па ќе ви кажат кога последен пат и што нарачале од странство. На
крајот на краиштата, кој е тој што одредува што е научна литература, а што не е?
Дали за некој студент на книжевност, новиот роман на Ружди е научна литература
или не е? Некој ќе каже дека македонските издавачи бргу ги преведуваат светските
литературни хитови, а јас ќе прашам зошто не би смеел една книга, макар таа била
преведена на македонски, да ја читам во оригинал? Не, не смеам да имам пристап
ни до оригинали, ни до пирати! Не смеам да имам пристап до нормалниот све��,
затоа што постои основано сомнение дека можеби ќе сфатам дека некаде постои
нормален свет. И на крајот, повторно за коинциденцијата (или можеби ништо не
се случува случајно): не ни се нам виновни европјаните што самите создаваме
сопствен азил, што самите работиме на сопствената потпросечност. Полната уста со
Европа и со таканаречените евро-атлански интеграции се гуши во дијаболично
празниот ум.