Раздружувачки скандал на српско-црногорскиот Избор за песна на Евровизија СЦГ без претставник во евровизиска Атина?
"Но нејм"
Вообичените скандали во националните избори за претставник на "Евросонг",
кои се зачестена појава од вклучувањето на источноевропските земји на ова
европско музичко натпреварување, се чини своја кулминација добија во годинешниов
избор за евровизиска песна во Србија и Црна Гора! Постизборните афери и
дополнително "барање на правдината" на балканските евросонг-избори, се засенети
со исклучително националното гласање на црногорскиот дел од жирито на
српскоцрногорската "Европесна", што се одржа во саботата, на 11 март, во
белградскиот "Сава центар". Таквиот начин на гласање предизвика уште вечерта
револт кај публиката во салата, која не им дозволи на официјалните победници (
истите од минатата година), црногорската група "Но нејм" да ја изведат својата
победничка песна " Љубов моја". Наместо нив на сцената, како победници се
појавија второпласираните српски "Фламингоси" ( кои имаа најмногу гласови според
телевоутингот), и заедно со српскиот дел од другите натпреварувачи го изведоа
својот "Луд летен танц". Оваа ситуација доведе до "развој на настаните",
така што двајца членови од српското жири подоцна ги повлекоа своите гласови, па
гласањето е прогласено за неважечко. Од генералниот директор на РТС, Александар
Тијаниќ, Беше најавено дека до 15 часот вчера ќе биде соопштена одлуката дали
дефинитвно ќе биде поништен изборот, но очекувано е дека ваквите скандалозни
ситуации не го почитуваат "закажаниот термин". Се шпекулираше со варијантата за
алтернативно решение - победник да бидат избраните натпреварувачи според
гласовите од телевоутингот ( што значи "Фламингоси"), како и со можноста СЦГ
годинава да нема претставник на "Евросонг" во Атина. Одлуката е одложена до
вторник.. По овие "музички случувања" во СЦГ, главниот "немузички"
впечаток од реакциите на јавноста е дека овој скандал на Изборот за песна на
Евровизија "можеби означува и симболичен почеток на крајот на државната
заедница".
(Ј.П.)