Број 2033 понеделник, 16 октомври 2006


  Саботна анализа

   

 

Десетина години реформите во здравството се определба на секоја влада, но не успеваа да се направат
Економска димензија на здравствениот сектор!
Абдулменаф Беџети

Управувањето на јавниот фонд треба да му се довери на приватен, стручен и одговорен менаџмент кој ќе го управува преку таргетирани цели и обезбедување квалитативна гаранција за тоа
Без сомнение дека здравството како и образованието, покрај материјалната економска основа на една земја, претставуваат основни компоненти за пресметување на трифакторијалниот индикатор - индексот на човековиот  развој на една земја. Несомнено дека квалитетното здравство претставува цврста подлога за генерирање на најважниот фактор на производството - човекот. Исто така, несомнено е дека државата е таа која треба да го обезбедува (алоцира) и дистрибуира ефикасно и правично ова јавно добро, но само во обем и квалитет адекватен на материјалните можности и соодветен на цената што ја плаќаат граѓаните. Дали тоа го обезбедува нашава држава?
Францускиот економист, државник и писател Фредерик Бастијат (1801-1850) во една прилика рекол: ,,Секој сака да живее на трошок на државата, но заборава дека државата сака да живее на трошок на сите°.
Уште пред десет години реформите во здравството беа постојана определба на секоја влада и постојано беа таргетирани задачи во разните аранжмани со Светска банка и ММФ, но до ден денес не се успеа во таа реформа. Впрочем, актуелниот министер прави напори за тоа, но и тој изгледа како претходните нема цврста поддршка. По секторот образование, здравството е втор по големина (како физички, така и финансиски) јавен сектор кај нас. Во него денес работаат околу 26.000 вработени, со вкупни расходи од 200 милиони евра годишно, од кои над 90 отсто се наменети само за амбулантни трошоци и болничко лекување.
Секаде во светот трендот на расходите за секторот здравство е нагорен. На пример, во САД расходите за здравство како процент во БДП во 1960 година изнесувале 5,1 отсто, а во 2000 година дури 16,1 отсто - т.е. пораснале повеќе од три пати. Но, кој ги плаќа овие расходи таму? Еве ја структурата на финансирањето на здравството во САД: (види табела 1)
За разлика од таму, во Македонија во истата година, само седум отсто во финансиската структура учествувала приватната партиципација т.е. структурата на финансирање беше: (види табела 2)
Сигурно дека немаме претензии да се споредиме со САД, но споредено со другите земји во транзиција и во соседството, структурата на јавните расходи за секторот здравство во 1998 година, како процентуална структура во вкупните јавни расходи, беше (и денес не е многу променета): (види табела 3)
Ако се анализираат одредени селектирани здравствени индикатори (број на лекари, број на медицински сестри, помошен медицински персонал или пак болнички кревети на 1.000 жители) ќе се види дека Македонија ,,котира° меѓу најразвиените земји.
Исто така, ако се споредуваме според учеството на вработените во секторот здравство со вкупнио�� број вработени во земјите во транзиција, Македонија води со околу 8 отсто наспроти Чешка со 5,5 отсто,  Романија со 4 отсто, Украина со 6,5 отсто, Латвија со 6,3 отсто и слично.
Просечната стапка на искористеност на општите болници не е повеќе од 65 отсто, на клиниките е околу 75 отсто, а на специјализираните болници се движи околу 83 отсто.
Ова беа некои квантитативни параметри на секторот здравство кои, секако, резултираат одредени (не)квалитативни индикатори како:
- самите прекумерни квантитативни индикатори претставуваат низок квалитет;
- низок квалитет на здравствена заштита, несоодветна опременост на болниците и клиниките, а за амбулантната и примарната заштита да не зборуваме, непропорционална перманентна обука на персоналот за промените во технологијата, несоодветен превентивен и куративен пристап спрема семејната медицина, недостиг од основни лекови и медикаменти, несоодветен простор и друга инфраструктура и слично;
- прекумерен број лекари и помошен персонал - во просек 2,2 лекара, 2,8 медицински сестри и 5,5 помошен персонал на 1.000 жители, претставуваат релативно високи бројки во однос на нивото на економскиот развој на земјата;
- високи трошоци за болничко лекување - недоволна искористеност на болничките кревети (општ просек под 75 отсто), неквалитетна дневна болничка храна и недоволна елементарна хигиена, и
- недостиг од квалитативна контрола над управувањето со јавните средства - покрај сите констатирани неправилности при ненаменската и неефикасната искористеност на јавните средства во јавниот фонд за здравство, нема позитивни промени во оваа област (не мислам дека треба да се споредиме со времето на ,,газда Војо").
Сепак, за да не останеме само на ниво на констатации (кои за жал се неспорни), треба и да укажеме на можните решенија, меѓу кои спаѓаат:
- управувањето на јавниот фонд, преку конкурентен и транспарентен пристап, да му се довери на приватен, стручен и одговорен менаџмент кој ќе го управува јавниот фонд преку таргетирани цели, преку обезбедување квалитативна гаранција за тоа (за да се избегне локалното влијание, по можност меѓународно друштво);
- дури и управувањето на клиничките и медицинските центри да се довери на конкурентна основа на компетентни менаџери под цврсти финансиски таргети;
- колку што е можно побрзо да се помине од јавно во приватно сервисирање на одредени услуги во здравството, како: обезбедување хигиена, обезбедување храна, обезбедување  технички, книговодствени и други административни услуги, обезбедување ред и дисциплина и слично, кои сигурно приватните провајдери, преку еден транспарентен и конкурентен пристап, ќе ги прават многу поквалитетно и поевтино (за почеток е доволно да се постигне првата компонента);
- да се продолжи со постојано намалување на јавниот здравствен систем (како  примерот на стоматолошките услуги - се разбира со поефикасен систем), и слично.
Сите овие и други мерки имаат за цел да го редуцираат постојниот хаос во здравството, посебно во јавните фондови и подрачните медицински центри кои, веќе не е тајна, се раководат корумпирано, нестручно, неконјунктурно, крајно политизирано,... кои личат на сў, но не  на здравствени установи.
И, конечно, бидејќи сме на прагот на парламентарните избори, понудените програми од политичките партии треба да водат сметка и за економската димензија на секторот за здравство, бидејќи граѓаните плаќаат за тоа!    
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани