Број 2033 понеделник, 16 октомври 2006


  Коментар

   

 

ЕСМ се продаде, дилемите останаа
МИРЧЕ ЈОВАНОВСКИ

ЕСМ "Дистрибуција", конечно, доби нов сопственик - австриската компанија ЕВН, која покрај  во својата матична земја, оперира и во неколку региони во соседна Бугарија, а наскоро и на пазарот во цела Македонија, со оглед дека кај нас дистрибутивниот систем се продаде топтан. Иако финишираше еден долг и мачен процес, проследен со многубројни контроверзии, полемики, отпори, аргументи "за" и "против", епилогот е, всушност, само почеток на дискусиите за она што ќе значи оваа втора по вредност продажба на една македонска компанија на странски инвеститор.
За онаа најголемата, продажбата на "Македонски телекомуникации", граѓаните во нашата земја се речиси едногласни: и покрај големата сума девизи што ја инкасираше државата, не се видоа благодатите од неа. Ниту од аспект на забрзување на економскиот развој, ниту пак од квалитетот на услугите што се испорачуваат, а уште помалку со цената која секој месец се издвојува како надомест за сметките спрема компанијата.
Дали ќе се повтори оваа приказна и со продажбата на ЕСМ "Дистрибуција"?
На ова прашање одговорите се дијаметрално спротивни, во зависност дали тие доаѓаат од страна на актуелната власт, која го финализираше процесот започнат уште во времето на претходната владејачка гарнитура, или пак на партиите што произлегоа од тогашната власт, а кои сега се во опозиција и кои жестоко се спротивставуваа на продажбата на ЕСМ.
Државата, во секој случај, ќе инкасира значителна сума пари. Од една страна, премиерот Владо Бучковски е во право кога нагласува дека продажбата на ЕСМ е добар сигнал дека Македонија, конечно, ќе добие плусови на планот на привлекување странски инвестиции. Особено што ваквите инвестиции вообичено се проследени со влез на банки од истите тие земји, каде што доаѓаат (иако тоа не се потврди во случајот со "Телеком"). Раздвижувањето на банкарскиот пазар, пак, е една од клучните работи која ќе влијае врз намалување на каматните стапки, болната точка која ја потенцираат домашните стопанственици кога станува збор за нивната конкурентна способност во однос на странските партнери. Сето тоа, ако се случи, несомнено ќе влијае позитивно врз економскиот замаец во земјава.
Со приватизацијата на ЕСМ повеќе од сигурно е дека дефинитивно ќе се стави точка на многубројни слабости кои се припишуваа на лошото стопанисување од страна на државата со овој капитален систем. Ќе наброиме само неколку од нив: слабата наплата на сметките и толерирањето на таквата практика кај цели региони во земјава, партиски вработувања, делење заеми за плати во јавни претпријатија, дискриминација на одделни компании во поглед на цената што ја плаќаат за потрошената електрична енергија, лошото управување со компанијата, што се должеше на вработување партиски кадри, наместо стручњаци со проверени менаџерски вештини...
Сето тоа, како што покажува практиката во други компании со кои раководат странци, се работи кои не поминуваат. Во основа на работењето, по приватизацијата, лежи борбата за остварување поголем профит, каде што економичноста и рентабилноста се клучни во спроведувањето на деловните стратегии, а не желбите и потребите на владејачките партии.
Но, од друга страна, не се мали ниту стравувањата. Барем досега, кај нас странските ин��естиции и купувања на фирмите, беа проследени со намалување на бројот на вработените и со зголемување на цените, а многу помалку со подобрување на квалитетот на производите и услугите што се нудат притоа.
Во случајов, клучна ќе биде улогата на Регулаторната комисија. Дали таа ќе биде на висина на улогата што Ј е доверена и ќе ги спречи обидите за зголемување на цената на струјата, ќе се види допрва. Во суштина, приватизацијата на некое електростопанство не мора автоматски да значи и поскапување на сметките, иако искуствата од повеќето европски земји го покажуваат токму тоа. Многу се полага во либерализираниот енергетски пазар, што се овозможува со Атинскиот меморандум, но притоа ќе биде важно колку ќе се наплаќа за транспортот на таа струја.
Ако се знае дека враќањето на една инвестиција трае вообичено меѓу пет и седум години, тогаш високата платена сума за ЕСМ ќе значи дека новиот сопственик ќе сака да остварува поголем профит. А дали тоа ќе се остварува преку намалување на трошоците и зголемен износ на наплата на сметките или, пак, ќе се премине кон поедноставниот метод - поскапи сметки, ќе дознаеме наскоро. 
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани