Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Дневник

   

 

Нашинците од Австралија бараат МПЦ да го
Во маратонскиот судски спор е можна дури и конфискација на црквата „Св. Петка“ во Рокдаил со која стопанисува група Македонци

Проблемот со црковните општини во Австралија деновиве повторно ќе биде отворен на нова средба меѓу владиката Петар и нашиот иселеник Игор Аврамовски
Билјана Јовановска



Проблемот со црковните општини во Австралија кои не ја почитуваат јурисдикцијата на Македонската православна црква најверојатно деновиве повторно ќе биде отворен на нова средба меѓу надлежниот епархиски архијереј, владиката Петар, и нашиот иселеник Игор Аврамовски. Иако во средата беше закажано продолжување на започнатиот дијалог, до средба не дошло, бидејќи, наводно, Аврамовски не се појавил во Митрополијата во Битола.

Што било разговарано на првата средба по четиригодишно некомуницирање меѓу, условно речено, двете страни, сж уште се држи во тајност, зашто таков бил договорот. Според г. Петар, ќе свикаат заедничка прес-конференција доколку се постигне некакво компромисно решение и затоа тој одбива да даде каква било изјава. Меѓутоа, според неофицијални сознанија, на разговорот меѓу владиката Петар и Аврамовски, што се водел во Митрополијата во Битола, акцентот бил ставен на судскиот спор што го води МПЦ со македонската православна заедница „Света Петка" од Рокдаил. Од митрополитот Петар, тврдат, било побарано прекинување на судскиот спор, за кој одредени црковни аналитичари сметаат дека нема да заврши поволно. Поточно, многу е извесно дека завршницата може да биде неповолна за обете страни. Конкретна полза не би имала ни Македонската православна црква, ама ни црковната заедница „Св. Петка", така што во тој случај австралиските судови од нашинците во дијаспората би побарале наплата на спорот. Доколку не се најдат други средства, спорот би можел да заврши со конфискација на црковниот имот, односно на црквата „Св. Петка".

Извори на „Утрински весник" велат дека во разговорот, г. Петар како администратор на Австралиско-новозеландската епархија понудил компромисно решение, кое би подразбирало прифаќање на правилникот кој кон крајот на седумдесеттите, кога сакале да ја формираат црковната заедница „Св. Петка", на иницијаторите им бил одобрен од Синодот на МПЦ. Проблемот се случил кога групата која тогаш била вклучена во Иницијативниот одбор, при регистрацијата на црквата доставила сосема друг „компаниски" правилник. Подоцна, во почетокот на деведесеттите таа била пререгистрирана како инкорпорирана асоцијација, независна од Црквата. Во двата случаја, Македонската православна црква била заобиколена.

Македонци од дијаспората кои се држат понастрана од спорот со МПЦ, а кои бараа анонимност, тврдат дека македонската црковна заедница „Света Петка" „врти" големи износи пари, во кои увид имаат група истомисленици, за кои е неприфатлив каков било увид во нивното финансиско работење. Бидејќи станува збор за мала група луѓе која раководи со сж, за нив е недобредојдено прифаќањето на правилникот усвоен од САС на МПЦ, зашто во тој случај тие би ја загубиле контролата врз изборот на телата во тамошната црковна заедница.

Според она што го соопшти владиката Петар на последната прес-конференција во Архиепископијата, во македонската црковна заедница „Св. Петка" служат свештеници кои се расчинети од МПЦ, кои се, исто така, камен на сопнување во евентуалното решавање на спорот.

Нашите сознанија говорат дека и ова прашање било зачнато во разговорот со Аврамовски. Наводно, дури било предложено МПЦ сега да не го отвора прашањето на сопственоста на црковните имоти во Австралија, а за возврат бара почитување на правилникот кој бил одобрен од Синодот, кој во судскиот процес не го негирале дури ни нашинците во дијаспората. Дали Аврамовски има овластување да разговара за проблемите кои биле ставени на маса не е познато, но извесно е дека изнаоѓањето какво-такво компромисно решение би било прв позитивен чекор во деветгодишниот судски спор во Австралија.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани