Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Транзит

   

 

На половина пат
Ѕвездан Георгиевски

Да се викаш Внатрешна македонска револуционерна организација и да прогласуваш влада на 2 август е – комплекс
Мојот телевизор главно служи како потпирач на неколку книги, но во оние ретки мигови кога ќе се одважи да поработи малку, можат да се видат и некои интересни работи. Ете, пред некој ден можев да погледам еден германски филм под наслов „На половина пат". „На половина пат" е, всушност, име на еден шатор-кафеана, што ја држи сопственик чија жена бега за неговиот најдобар пријател, поточно за сопругот на нејзината најдобра пријателка. Арно ама, швалерот одеднаш се попишманува и решава да ч се врати на својата некогашна сопруга. Газдата на кафеаната се надева дека во ваква ситуација жената ќе му се врати (уште ја сака), но таа конечно го остава со нивните деца. Итн.

Значи, станува збор за една обична, дури и патетична мелодрама. Потполно исто како и македонската сапуница, наречена составување влада. Прво тие се сакаат, па таа него го остава поради неговиот главен конкурент, потоа конкурентот се пишмани и ч се враќа на старата љубов. Оставената партија останува во процеп.

Во интерес на вистината, не сум сигурен дека некои на ДУИ им има соопштено дека не се веќе на власт. Но, сепак, пристапот ми се допаѓа. Не станува збор само за фолклорните елементи преземени од овдешниот фолклор и од македонската битова драма (демек, ќе правиме претстава од типот на „Македонска крвава свадба" – колку што има ѕвезди на небото, толку со пушки ќе фрламе, ама Деспина ќе ја грабиме). Уште повеќе ми се допаѓа употребата на современиот комуникациски систем – малку жалење до американската амбасадорка, малку преписка со Солана, а ако и тоа не помогне, ќе пристапиме кон кажување на мајка ти, што би рекле момците од К-15. Што би се рекло, дојде време на современи комуникациски технологии (иако победничката партија сж помалку го спомнува своето ветување за бесплатен Интернет).

Паганските елементи, ете, не се само специфика на политичката стратегија на најмоќната албанска политичка партија во Македонија. Напротив, првиот чекор од ветените стотина на победничката партија ВМРО-ДПМНЕ (ако се исклучат оние чекори на млада невеста што чека стројници за мажење) дефинитивно ја покажува приврзаноста кон знаците и симболиката на јавното дејствување. Да го свикаш конститутивното собрание на 26 јули, на денот на катастрофалниот скопски земјотрес, значи на најголемата македонска мирновременска катастрофа, а да ветиш дека новата влада ќе ја промовираш на 2 август, денот кога што и да почнале Македонците било со кус век (или е десетдневно востание, или е формирање на СРМ), а притоа да се викаш Внатрешна македонска револуционерна организација (макар и во форма на портокал) е навистина знак. А знакот е порака. Знакот – значи! Мора да станува збор за некакви комплекси, инаку зошто човек секогаш и секогаш би ги повторувал истите грешки.

Не сум премногу убеден дека зад која било изјава или кој било потег на кој било припадник на овдешните политички елити стои некаква смислена стратегија. Напротив. Убеден сум дека не стои ништо. Инстинкт, византиска традиција и една благородна желба да се заработат пари за да се обезбедат поколенијата. Токму затоа целото политичко живеење ни е преполно со патос. Токму како транзицискиот период на семејствата од германскиот филм.

Живеењето во кафеаната „На половина пат" е судбина на актуелните генерации македонски државјани. Не знам дали бев јасен во раскажувањето на филмот. Не станува збор за вистинска кафеана, станува збор за вистинска транзициска дупка, каде што дебели Германци кркаат колбаси и пијат пиво. За шатор што може да падне од најмало ветре. За собиралиште на оние кои тргнале да се напијат нешто, но стигнале само до средината на некаква пустелија, па сега не знаат дали да се враќаат назад, да продолжат натаму или едностав��о да кренат раце од сж.

Ах, ќе дојде ли конечно крчмарот да прогласи фајронт.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани