Суицидна парадоксалност Анализа на
Бранко Тричковски
Меѓу згрчените прсти на унитаристичката тупаница секогаш избиваат федералистичките меури на македонското државно тесто
Патриотите ја доживуваат отворената дланка на идејните критериуми како
недостиг на контрола, а демонстрацијата на деликатност и мерка во ракувањето со
власта како дефицит на карактер. Тоа значи дека некои важни импликации од
десното свртување на Македонија ќе се случат оној момент кога меѓу згрчените
прсти на нивната унитаристичката тупаница ќе почнат да избиваат федералистичките
меури на македонското државно тесто. Нема причини да веруваме дека оваа
закономерност ќе пропушти да се манифестира во случајот со елиминацијата на
Демократската унија за интеграција од композицијата на новата власт.
Супериорноста на унитаристичката интерпретација на Уставот на која се темелеше
детронизацијата на Али Ахмети многу бргу ќе се претвори во супериорна
иницијатива за промена на решенијата во кои се задржала можноста за арбитрарна
интервенција на Македонците во политичката волја на Албанците.
Тоа што
се случи со ДУИ и начинот на кој се случи не е триумфален реванш на последните
остатоци од македонската етничка супремација спрема оние што ја растурија
прочуената ,,оаза на мирот", туку е лебедова песна на тие остатоци. Групата која
постојано се разминува со историјата и од соседниот колосек мавта со својата
експертска легитимација не мисли така, но тоа не говори против, туку во прилог
на оцените дека првата работа што ја направи десницата уште пред да се
конституира како власт по победата на парламентарните избори е отворањето на
едно важно, можеби и клучно статусно прашање од сетот на меѓуетничките релации,
а не затворање на таа проблематика во соработка со експертската логистика на
националната страст и на политичката неписменост. За да може да се занимава со
економскиот прогрес во сто чекори.
Ако Албанците ја немаат како власт
гарнитурата за која како мнозинство се определиле, тие го немаат
најелементарниот ориентир на својата политичка волја и на своето политичко
поведение, тие го немаат темелниот критериум на својот политички статус.
Веројатно има некаков начин на кој реалната и симболичната вредност на тие
пораки може да се искомпензира во рамките на сегашните уставни решенија дури и
во комбинација со изборните резултати и со решенијата на Груевски, но тоа не
можат да бидат трајни или макар малку подолготрајни основи на општествената
хармонија. Уставот е на страната на оние на кои им се чини дека се унитаристи
помалку отколку што стварноста е на страната на интегративците на ист начин како
пред пет години, но и едните и другите во новите улоги објективно ќе ги
стимулираат силите на дезинтеграцијата повеќе отколку што ќе бидат во можност да
ја демонстрираат моќта на единството: ДУИ затоа што е изместена од своето
интегративно седло, а ВМРО-ДПМНЕ затоа што мисли дека тоа е неговата историска
мисија! Сж е наопаку и така ќе остане сж додека не се сврти.
На луѓето
кои со помош на Божјото провидение успеваат да задржат одредена форма на
нормалност им се мачи од политиката која постојано продуцира состојби против кои
се брои или сака да мислиме дека се бори. Тарас Кермаунер не ги поднесуваше
Словенците кога ги гледаше како се тресат пред баучот на ситниот капитализам
исплакнати од духовност во новите форми на општествената репродукција, а јас се
обидувам да формулирам сличен гард како израз на менталната хигиена пред
суицидниот парадокс на галопот во погрешна насока, пред смрдливиот расчекор меѓу
стварноста и интерпретацијата, пред јазот меѓу напорот и ефектите, пред
драматичното отсуство на волја да се ѕирне зад првата кривина на историските
процеси, независно од тоа дали таа и таква политика се обидува да аплицира и врз
мене една идиотска национална карактеристика или ��екои иманентни национални
карактеристики кај Македонците по дефиниција продуцираат такви глупави
политики.
Немам јасен одговор на прашањето зошто постојано работиме во
корист на сопствената штета, но имам многу елементи врз основа на кои може да се
скицира некаква пристојна анализа. Нацијата и државата кои не настанале како
плод на зреењето на граѓанството во себе одбиваат да се пограѓанчат затоа што,
всушност, ја немаат таа граѓанска супстанција во која би ја преточиле својата
етатистичка свест. Можеби затоа ние обожаваме на историјата да гледаме како на
карневалска поворка во која можеме да се прошверцуваме со тажните маски од
богатата национална митологија. Да јуришаме на Солун, а да го освојуваме
Благоевград. Тирнаниќ ја понуди претходната рамка како можен одговор за
состојбите во Србија, а јас мислам дека ние можеме да ја земеме, макар како
некаков ореинтир, во трагањето по одговор за нашата ситуација.
Оваа драма
на десницата или драма во режија на десницата може значително да биде разблажена
ако во најголемата партија на левицата истраат во најавите да го претворат
утврдувањето на одговорноста за изборниот резултат во плукачка олимпијада или во
богато аерошоу на белоглави политички супови над повреденото тело на Бучковиот
СДСМ. Мошне забавен карактер на натпреварот ветува и фактот дека во кампањата за
утврдување на одговорноста најактивна улога играат истакнати личности и
структури од висока сдсмовска провениенција кои во одработувањето на поразот беа
поактивни од комплетните извршни комитети на ВМРО-ДПМНЕ и на Тито Петковски
заедно и, трето, возбудливоста на претставата ја навестува и можноста со
валканата вода од партиското корито на калдрмата да се најдат и оние резултати
на сдсмовската власт кои ги имаат сите основи да бидат регистрирани како
историски дострел на македонската политика. Еден пристап, значи, кој од
денешнава дистанца не е во состојба разумно да расправа за длабочината на
македонските трансформации и за фактот дека СДСМ во врска со тоа водеше политика
која беше многу јасно и свесно допрена до ризикот од губење на власта. Тоа, се
разбира, не може да ги амнестира оние кои со своите грешки учествуваа во
обликувањето на тој пораз или не направија доволно тој пораз да се избегне, но
уште помалку може да ги фаворизира мангупите кои сметаат дека евентуалните смени
не се работа што треба да произлезе од сериозните анализи, туку анализите се тие
што треба да бидат во функција на смените што тие на некакво ниво ги договориле
уште пред да се случи поразот.
Тоа што кај нас активно делува Комисија за
борба против левата корупција можеби ќе ја наметне потребата да се формира и
една комисија за борба против десната корупција, но, во меѓувреме, некој треба
да се обиде да го прекине најновиот хистеричен популистички бран на оваа тема во
функција на примопредавањето на власта и да каже дека не е проблемот во тоа што
Палчо зел еден милион и кусур евра, туку во тоа што државата му урнала половина
зграда само затоа што во еден момент ч се сторило дека има право да се расправа
на таков начин со човекот кој идеолошки инклинира кон една друга опција и во тоа
што тие пари не можат да се наплатат од најновиот жител на Благоевград како
најодговорен за државното самоволие од пред шест-седум години. Инаку, личност
која по сж друго е совршено чиста во однос на описот на работните задачи на
Комисијата која, не знам зошто, се труди да остави впечаток дека повеќе ги сака
општествените спектакли отколку што ја мрази корупцијата.