(Повод: „Време е за нов лидер во СДСМ", „Утрински весник") Амбасадорска нервоза и видовитост! Авторот и е познат на Редакцијата
Мора да е многу аналитичка опсервацијата на уважениот амбасадор Ѓорѓи
Спасов која „Утрински" ја преповтори и во коментарот за „поранешните партиски
функционери кои го напаѓаат Бучковски".
Страна прва, втора и
десетта.
Жалам што е вознемирен одморот на г. амбасадор во Македонија од
многу граѓани. Што во британската политичка култура најверојатно не е практика,
а и покрај Темза нема слични извори и можност за вакви прашања и можни одговори.
Или г. амбасадор се самоповикал овде да го пронајде „автобусот со возач со
врзани очи". До скоро во Лондон ги имаше двокатни, па и шансите на двајца со
врзани очи ќе беа пореални или поефектни.
Зошто, нервоза, господине
амбасадоре? Зошто толку политичка суета, нестрпливост и недоверба во органите на
СДСМ? Кои, прочитавте, на неколкупати и преку своето претседателство,
портпаролот, а и самиот претседател, најавија регуларна анализа и ставови. Па,
уште не заврши констутирањето на парламентот!
Од каде однапред вашата
констатација за партијата на која ч припаѓате дека во СДСМ е исчезната
способноста за сериозна анализа, за самокритичност и за соочување со
одговорност? Вие сте на одмор, јас ќе го почитувам тоа, нема да ве заморувам со
прашања. Само неколку збора, како обичен читател, во вашите нумерирани тези
(Свесен дека е можна подлабока и поопширна аргументираност). Но, моево е само
писмо.
1. Кој го принуди Петковски да прави своја партија? Па, човекот со
месеци се дистанцира од темелните определби, судбоносни, не за партијата, туку
за земјата. Се залагаше за референдум, за ревизија и маргинализирање на
Охридскиот договор. Се најави и стана мост на ВМРО-ДПМНЕ. Негово демократско
право.
2. Каде прочитавте, каде видовте, чии форумски заклучок содржи
постоење на јавна дискредитација на Никола Поповски и на Радмила Шекеринска? Па,
тоа беше тимот што со премиерот ја доведе Република Македонија до статусот
кандидат за членство во ЕУ и НАТО".
Продолжувате... и создаде фронт
против Бранко Црвенковски, со поддршка на сите кои имаат нешто против него...".
Ве убедувам дека не е прочитан ниту еден извештај од форум, ниту една изјава,
ниту најава за Бучковски за, како што велите, „фронт". Напротив - изјавите беа
надвор од ваков контекст и коректни. Прелистајте ги сите изјави дадени досега,
во Лондон службено ви биле достапни и нашите медиуми.
Имате право за
честите патувања. Меѓу другото, ми се чини двапати го придружувавте кај
премиерот на вашата земја-домаќин, г. Блер. Зошто притоа не го предупредивте
нашиот премиер да се подготви...".
И патем дека во изборите пронаоѓате
„... и со Никола Груевски, (кон кого е зачувано извесно почитување и меѓу
членовите на СДСМ)". А зошто да не? СДСМ најави конструктивна опозиција. Има ли
такво нешто во Англија, а да е спорно?
3. Кој и каде во јавноста, во која
официјална институција има основа да се тврди „и некои членови на владата како
нечесни или вовлечени во нечесни зделки"? За оваа една и пол година од мандатот
на оваа Влада. Да се разбереме, да не го промашивме времето и вашата
цел.
Во демократскиот свет е нормално институционално да се разрешуваат
прашањата. Се разбира и кадровски.
Збунувате г. амбасадоре. Зошто
недоверба кон партијата од чии редови отпатувавте на функцијата? Наспроти
неколку пати јавно декларираните ставови и почитување на статутарно утврдените
рокови од портпаролот и другите челници на партијата. Транспарентно, како во
секоја голема и сериозна партија. Препознатлива, како што велите и вие „по
својата интелектуална сила, по нивото на политичката култура што ја
негува".
Само уште едно мало потсетување, во овој контекст, одовде од
„провинцијата". Кој и по чие залагање, вие бевте генерален секретар, ја
дезавуира одлуката на органите на СДСМ, на претпоследните локални избори,
објавена во печатот, само на еден ден пред почетокот на изборната
кампања?
Конкретно, по ваше залагање, утврдениот кандидат за
градоначалник на СДСМ, наместо од Кавадарци, се пренамени за Неготино. Во
моментот кога СДСМ во Кавадарци имаше најголем резултат - 14.000 освоени гласа.
Ги знаете ли последиците од ова? Верувам не.
А за суштинските причини и
услови на годинашните парламентарни изборни резултати, кои се многу подлабоки, а
ги нема во вашата анализа, во друга прилика. И почекајте ги оцените на органите
на сопствената партија. И на другите сериозни аналитичари.