Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Во Шпанија светот ја бранеше демократијата
Орде Иваноски

Македонските доброволци ја идентификуваа шпанската борба со македонската
Споменичното седумдесетгодишно мисловно навраќање на хероиката и трагиката на шпанската антифашистичка Граѓанска војна 1936-1939 година како вовед на најстрашната Втора светска војна, духовно пробудува кај слободољубивите народи и кај нас своевидно чувство на особен пиетет спрема бесмртната храброст на домашните и на интернационалните бранители на шпанската и на светската слобода и демократија. Одбраната на шпанската демократија беше одбрана на светската слобода. Поради тоа Шпанија се претвори во совест на човештвото и стражар на историјата.

Македонскиот народ, поучен од историјата дека неговото ослободување не се решава со војни кои го делеа и уништуваа, ги осуди завојувачките планови на наци-фашизмот спрема Македонија и застана на фронтот на мирот и на демократијата. Македонската револуционерна организација високо го поздрави и оцени демократското решавање на баскиското и каталонското национално прашање со давање автономии на Баскија и на Каталонија. Франковата генералска фашистичка буна беше остро осудена.

На повикот на шпанската влада и на светската демократија за одбрана на републиката се одѕва и македонскиот народ, кој иако поробен и зафатен со своето долговековно ослободување уште еднаш го осведочи својот интернационализам пројавен во ослободителните борби на поробените народи, во Младотурската револуција и во Октомвриската.

Во славните интернационални бригади на меѓународни доброволци од 55 земји за одбрана на Шпанија учествуваа и 137 македонски доброволци од поробено-поделена Македонија и од раштрканиот свет. Во Шпанија пристигнуваа, покрај од Македонија, уште и од Америка, Канада, Аргентина, Советскиот Сојуз, Франција, Белгија, Алжир, Албанија и други земји. Како национални борци се бореа под знамето на Илинден и Крушевската Република, а како шпански борци се бореа и раководеа со интернационалните бригади и баталјони, како што беше командантот на прославената бригада „Георги Димитров" и баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ", мајорот Александар Демниевски-Бауман и други. Македонските доброволци учествуваа речиси на сите главни фронтови и герилата во Валенсија, Арагон, Мадрид, Каталонија, Харама, Кордоба, Брунето, Мадрид и други.

Македонските доброволци шпанската борба ја идентификуваа со македонската и ја афирмираа како дел од борбата на сите слободољубиви народи. Борбата против меѓународниот фашизам ја сметаа и за борба против македонските поробувачи. Цветко Узуновски пишуваше од Шпанија дека „борбата за независност на Шпанија е борба за независност и на Македонија. Победата на шпанскиот народ значи и наша победа". А поетот Ганчо Хаџипанзов истакнуваше дека „Македонецот не сака повеќе да му служи никому освен на самиот македонски народ за своја слобода против сите угнетувачи".

Македонците покрај со оружје за шпанската и македонската слобода се бореа и со перо в рака. Такви беа, покрај Ганчо Хаџипанзов, уште и Коста Рацин, Никола Јанков Вапцаров, Крсто Белев, Гоце Стефановски, Живко Агелушев, Волче Наумчески и други. Шпанските настани ги интерпретираа во судбинска поврзаност со ослободителната борба на македонскиот народ, кој со своето учество доби високо меѓународно признание како народ што „истапил на историската сцена на светската историја како свесен и напреден, кој знаел дека ослободувањето на светот од фашизмот е нужен услов и за неговата слобода".

Заедно со ова признание во интернационалните гласила беше воведен и македонски јазик со што доби и меѓународна сатисфакција како посебен јазик од словенските јазици. Нашите доброволци во 1937 година на самите борбени линии свечено го прославиле Илинден со пеење револуционерни песни и маршеви, меѓу кои и маршот „Ние сме Македонци" и ��о писмениот поздрав до македонските планински висови: Вичо, Шара, Пелистер и Пирин, како симболи на скорешната македонска слобода, и го повикуваат македонскиот народ на заедничка борба против заедничкиот непријател.

На воените боишта меѓу загинатите животите ги положија 65 Македонци, меѓу кои поетот Ганчо Хаџипанзов, кој во својата епистоларна поема „Ќе се вратам" ч порачуваше на својата напатена татковина дека „ќе се врати во неа за да светне зората на слободата". А неговата мајка, како и мајките на другите загинати македонски доброволци, својот мајчински непребол го ублажуваа со сознанието дека нивните синови загинале како доблесни космополитски борци за слободата не само на шпанскиот и македонскиот народ туку и за слободата на сите потиснати и обесправени народи во светот. Преживеаните македонски доброволци, сметајќи ја шпанската борба за дел од македонската ослободителна борба, од шпанскиот фронт порачуваа дека по победата во Шпанија ќе се вратат во Македонија и ќе се стават на чело на својот народ, што и го сторија како борци и команданти во Народноослободителната и антифашистичка борба од која произлезе и асномска Република Македонија, која беше и победа и на шпанскиот народ.

Дел од преживеаните македонски Шпанци со своето учество во борбите и во слободна Македонија се здобија со високи воени и државни функции, а дел, за жал, неправедно завршија на злогласниот Голи Оток.

Македонскиот народ со своето учество во шпанската антифашистичка граѓанска војна која ја идентификува и за своја македонска војна, ги изрази своите најдлабоки национални и интернационалноослободителни стремежи и очовечени чувства со шпанскиот народ и со светската демократија.

(Авторот е историчар)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани