Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Економија

   

 

Корупцијата не се совладува со декларации

Борбата против корупцијата не може да се реализира само со промовирање нечии заложби на хартија и со потпишување декларации за нулта толеранција, туку е неопходно да се преземат конкретни и сериозни чекори - реформа на судскиот систем, ефикасно владеење на правото и транспарентно финансиско работење на институциите, заклучија учесниците на трибината што ја организира „Транспарентност Македонија".

„Само со издавање декларација за нулта толеранција не можеме да се бориме против корупцијата. Идејата е добра, но треба да се преземат посериозни чекори", порачаа бизнисмените. Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, не треба да се очекува дека државата која вработува 120.000 лица и има буџет од 1,2 милијарда евра, ќе се откаже од привилегиите што се практично главен инструмент на корупцијата.

„Сакаме да водиме борба против корупцијата, а зад себе имаме полицаец кој зема 9.000 денари плата или судија кој добива 16.000 денари месечно. Најголем број од луѓето не можат да ги решат основните, егзистенцијални проблеми", вели Азески.

Драган Николов од Сојузот на комори смета дека македонската администрација нема да дозволи какви било реформи во нејзиното функционирање. „Ве уверувам дека администрацијата нема да го направи тоа, а секое барање за поддршка од владата во таа насока е само празен збор", вели Николов.

Став на бизнисмените е дека сж додека финансирањето на политичките партии е нетранспарентно не може да се очекува во борбата против корупцијата да учествува и власта, зашто партијата на власт мора да ги задоволи барањата на своите скриени финансиери.

„Без ефикасен судски систем и владеење на правото не можеме ни да помислиме дека ќе ја развиваме економијата. За искоренување на корупцијата ни е потребен вистински корпоративен менаџмент. Бизнисмените мора да го прифатат етичкиот кодекс, односно да ги почитуваат меѓународните деловни принципи", порача извршниот директор на „Транспарентност Македонија", Слаѓана Тасева. (МИА)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани