Број 2145 понеделник, 16 октомври 2006


  Економија

   

 

Домашните претплатници плаќаат скапа роаминг - услуга
По препорака на Европската комисија, шест европски оператори ја намалиле роаминг-услугата за 50 отсто

Роамингот е една од услугите кои им носи најголем профит не само на нашите два мобилни оператора туку и на другите во светот
Во екот на годишните одмори граѓаните кои планираат да патуваат во странство, покрај сумата што треба да ја платат за аранжманот, размислуваат и за цената на роаминг-услугата, бидејќи факт е дека никој нема да се откаже од мобилниот телефон, дури и покрај плажа. Според понудата на „Мобимак" и „Космофон", македонските граѓани плаќаат скапа роаминг-услуга при користење на мобилниот телефон додека престојуваат во странство, речиси иста како и другите жители во Европа. Роамингот дефинитивно претставува една од услугите кои им носат најголем профит не само на нашите два мобилни оператора туку и на другите во светот. Цената на телефонирањето од странство кон Македонија, „Мобимак" и „Космофон" последниве две години ја поевтинуваат, но таа сж уште е далеку под пристојното ниво на достапност. Во просек, во зависност од тоа кој оператор ќе го одберете или во која европска држава престојувате, една минута разговор ќе ве чини најмалку едно евро, па и до 2 евра, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност. Тоа практично значи дека за еднонеделен или десетдневен одмор треба да се издвојат плус најмалку по околу 50 евра за телефонската сметка за мобилниот телефон, доколку имате два до три кратки разговори во текот на денот во траење од по една минута.

И додека нашите граѓани, имајќи го предвид нашиот стандард, издвојуваат прилично голема сума за роаминг-услугата, во ЕУ наскоро цената за роаминг треба да достигне пола евро, односно 0,36 евра минута. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, им даде рок на мобилните оператори да ја намалат цената на роамингот или на тоа ќе ги присили ЕУ преку институциите за заштита на пазарниот натпревар. Директивата на ЕУ веќе ги даде првичните резултати и шест европски оператори кои имаат заедно околу 200 милиони корисници, „Т--мобиле", „Оринџ", „Телеком Италија", „Теленор", „Телисонера" и „Винд" веќе ги намалиле цените на роамингот за околу 50 отсто. Тоа практично значи дека граѓаните во Европа, каде што оперираат овие мобилни оператори, до октомври 2007 година ќе плаќаат по половина евро за минута од странство кон својата земја.

Најголемите европски оператори стравуваат дека со намалувањето на цената на роамингот ќе се предизвика зголемување на цената на домашниот сообраќај. Сепак, според ЕК, со оглед на тоа дека секој оператор годишно заработува по 8,6 милиони евра од роаминг, цената на роамингот треба да биде само 30 отсто повисока од цената на домашниот телефонски сообраќај.

Ваквиот тренд, кој допрва ќе следува во Европа, засега е далеку од нас. „Мобимак" и „Космофон", коментирајќи ја препораката на ЕК, велат дека таа важи, пред сж, за земјите-членки на ЕУ, со што практично се отфрла евентуалната можност за нејзина скорешна примена и во нашава држава. Двата мобилни оператора се едногласни дека тие годинава веќе го намалиле роамингот за 50 отсто во споредба со изминатата година и дека цената е атрактивна за дестинациите каде што граѓаните на Македонија најчесто патуваат. (В.Г.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани