МРТ среде законски ветромет Томислав Коцевски-Пепси
Веројатно е бесконечно очајнички човек да се обидува да елаборира теза за
нужноста од рамнотежа во сферата на радиодифузијата во нашава држава. Дури ни
најодговорните за тоа се неоправдано индолентни по ова прашање, што е во
спротивност на заложбите за создавање ново, европско, стабилно граѓанско
општество, од ова „нашево", обременето со своите веќе осознаени и озаконети
специфики како ни едно друго на земјава. Дури ни препораките од меѓународниот
фактор за нужноста од квалитетни решенија во правец на јавно сервисирање на
мултиетничкиот состав на граѓаните не се почитуваат, а од друга страна, се
промовира состојба на евидентна кооперативност (послушност) спрема
респектабилните критериуми и стандарди присутни во агендите за визирање на
македонскиот пасош кон Европа.
На врвот на оваа за мене неразбирлива
пирамида од индолентност, рамнодушност, несериозност, неразбраност, безобразлук
или глупост е евидентниот обид за избегнување на законските обврски утврдени во
Собранието на РМ со речиси консензуална одлука за дофинансирањето на јавниот
сервис во преодниот период од шест месеци до почетокот на новопроектираните
инструменти за финансирање на еден мултимедиум кој им припаѓа на граѓаните и кој
е проектиран да ги пополни евидентните празнини во општеството во сферите на
информативното, едукативното, афирмативното и интегративното сервисирање на
потребите на јавноста. Веројатно повратно е прашањето колку во оваа заложба би
се успеало само со внатрешна реорганизација на МРТ, без посеопфатни промени во
уредувачката, деловната и дизајнерско-технолошката политика, како приод кон
реализирање на модерен јавен серис. Одредбите во Законот за МРТ со кои се нуди
деполитизација на стратегиските позиции во куќата со сигурност треба да добијат
шанса и тоа поскоро. Законски намалената атрактивност како комерцијален простор
создава дополнителен проблем, имајќи ги предвид последните случувања во делот на
менаџирање на светските атрактивни случувања, било од спортски или забавен
карактер. Одовде ми се чини треба да се размислува во правец кој ќе обезбеди и
дополнителни финансиски инјекции во вид на програми за обновување и
осовременување на МРТ во технолошка смисла како би се фатил веќе пооддалечениот
чекор со сличните сервиси во опкружувањето, а да не зборуваме за европските
земји. Недостатокот од свежина во идеите за современа програмска продукција
веројатно се должи колку на атмосферата создадена од состојбата на беспарица,
толку и од истрошеност на човечкиот фактор, што секако е тема за сериозна
анализа.
Евентуалниот квалитетен состав на новиот Совет за МРТ ќе треба
сериозно да се зафати со коренита промена на односот кон работата во МРТ, што
евидентно би ја подобрила комуникацијата со јавноста, а оттука и пристапот на
јавноста кон МРТ како нешто свое. Мултиетничкиот пристап кон создавање различни
содржини по јазичен и културен карактер ќе треба да се промени во приод со кој
ќе се направи обид за доближување на различностите кои отворено да кажеме и не
се толку големи. Дневното политичко сервисирање на граѓаните треба да се сведе
на минимум за да се намали политичкото влијание во создавањето позитивна или
негативна слика кај граѓаните, впрочем собранискиот канал со евентуална поткрепа
на активностите на владата би бил доволна политичка експликација на државно
ниво.
Скромниот обид за сервисирање на пониско ниво (локална самоуправа)
треба да се прошири во смисла на посериозен пристап до горливите реални проблеми
на граѓаните, а не само како обид за презентација на локалната власт. Сервисот
за иселеништво со само една содржина (Иселенички џубокс) се чини претесен со
оглед на интересирањето на нашинците во светот кои, иако навикнати на многу
квалитетна медиумска понуда, се чини се желни за контакт со своите корени макар
полн со патетика. Но, сето ова се само акценти кои треба да се анализираат,
преоценат, преформулираат, дополнат со нови за да се подобри понудата, што
впрочем е и основен услов за враќање на јавниот сервис на неговото вистинско
место кај граѓаните, неговите основни финансиери и консументи со сета своја
различност и комплицираност.
Попусти би биле овие заложби, бидејќи
очевидно нечие ескивирање на законските определби, донесени од највисокиот наш
орган на управување (Собранието на РМ), јавниот сервис (МРТ) сега веќе и без
пари, е оставен самиот на себе, односно со своите законски обврски за емитување,
а без своите законски определени средства за финансирање, значи оставен среде
законски ветромет самиот со своите осиромашени и обесчестени илјада и нешто
работници. На крајот треба да се констатира дека оваа сфера, како и многу други
во општеството, е оставена на волјата на поединци, без разлика дали постои
закон, пропис, барање, нужност. Некаде слушнав кој е всушност главниот проблем
кај нас . Беше вака некако - „Државата има закони, но законите немаат држава"
(богами вредно за размисла!).