Груевски е можен ако дома биде „патриот", а во светот „лицемер!"
Од воените цели на Милошевиќ остана само партиската реторика на
радикалите, за која и тие не веруваат. Хрватска, „регионалната воена сила" на
Туѓман, се трансформира во „европска локомотива на регионот" на
Санадер.
Најносталгични на Милошевиќ се жртвите на неговите изгубени
војни, од Хрватска, Република Српска и од Косово, кои го сочинуваа и
мнозинството присутни на неговиот погреб во Пожаревац. Мнозинство на избирачкото
тело на Иво Санадер е носталгично на Туѓман , но Санадер „свртувајќи му грб на
Туѓман, на големо ги деструира битните одредници на Туѓмановата политика во
Хрватска" ( Жарко Пуховски, Загреб).
Љупчо Георгиевски беше
антијугословенски сојузник на Туѓман и антиалбански сојузник на Милошевиќ, но за
разлика од Туѓман и од Милошевиќ, кои грабаа туѓи територии, на Георгиевски му
беше идеал преполовена Македонија.
На Никола Груевски му остана базата на
Георгиевски, која „нема да може да му погледне в очи" (Јове Кекеновски, „Време",
Скопје) ако, како Санадер во Хрватска, ч го сврти грбот, Македонија, како и
Хрватска, има иднина. Груевски е можен ако дома биде „патриот", а во светот
„лицемер"!
Ниту еден простор на бившата федерација не е без наследство,
кое го оставија проектантите на воените цели, а тоа е живиот песок од кој,
поради сиромаштијата и корупцијата како последици, нозете тешко се
извлекуваат.
По објавувањето на „Белата книга" во Љубљана, најавена е
како одговор „Сината книга" во Загреб. Не е исклучено на книгите да им арбитрира
папата Бенедикт Шеснаесетти, затоа што договорот Рачан - Дрновшек дефинитивно
пропадна.
Проблем за овие книги би можеле да отворат на така бизарен
начин само ултрадесничарите. Проблемот, со акумулирање, стана нерешлив:
Пиранскиот Залив е словенечки, а територијалните води хрватски. Пиранскиот Залив
стана Пиранско езеро на Јадранот!
Можно е Србија да им даде на
„косметските Албанци најголема можна автономија, вклучувајќи ја сета
законодавна, извршна и судска власт, но не и независност" (Воислав Коштуница,
„Вашингтон пост"), но малку е можно дека новата резолуција на Советот за
безбедност за Косово да прогласи „внатрешна независност и надворешно-политичка
зависност на Косово од Србија". Половина косовско знаме би било во Њујорк, а
половина во Белград. Резолуцијата ќе ја „почитува реалноста" на Косово (Иг
Перне, француски амбасадор, Белград), што е, во основа, парафразирање на ставот
на Белата куќа - „уважување на волјата на мнозинството и почитување на правата
на малцинството".
Компромисното решение, за да биде задоволено
мнозинството и безбедност за малцинството, нема да се случи ни поради „култот на
огништето" ни поради „меѓународниот легализам", туку поради тоа што евентуалниот
егзодус на Србите, кој како можност го најавува и Борис Тадиќ, би бил пораз на
западната политика на Косово.
Евентуалното српско сценарио за новиот
Арсениј Черноевиќ би било можно ако култот на поразот сж уште има употребна
вредност во политиката на Белград. Србија на Милошевиќ, робувајќи му на тој
култ, го отфрли конфедералното уредување на бивша Југославија, а Србија на
Коштуница, од исти причини, сојузот на Србија и Црна Гора.
Не е проблем
Коштуница во тоа што по негов рецепт е „создадена двонационална сложена
заедница, никако не би можела да се нарече Србија" (Иван Анхел, Белград), туку
во тоа што изреченото на Агим Чеку за мултиетничко Косово, кој го кажа во
Драгаш, е супериорно од Коштуничиниот вашингтонски ламент поради губењето на 15
отсто од територијата на Србија, кој „не ги потресе лидерите на слободниот свет"
(„Политика", Белград).
„Мораториум за сите меѓуетнички прашања" (Антонио
Милошоски, „Утрински весник") е формулата за одржливоста на најавениот
програмски конгломерат на лево-десната коалиција на Никола Груевски. Учеството и
на албанските интегративци (ДУИ) и на албанските дезинтегративци (ДПА), во
владата е услов - мораториум. Со „економскиот договор за Македонија", владата на
Груевски и неговите бројни пријатели би била повеќе класна отколку политичка:
оние „чии надежи ги соединува сиромаштијата". Наместо в очи на разочараните
партиски бази, Груевски би ч гледал во очи на сиромаштијата, и „о-рук
економијата" би можела да почне.
Бранот на антихашка реторика ја заплисна
Србија и Република Српска по „срамната пресуда на сребреничкиот џелат, Насер
Ориќ, наспроти бројните докази за неговата одговорност за ужасните воени
злосторства против Србите" („Пресс", Белград). Обвинувајќи го Ориќ за убиство на
над три илјади Срби, српските радикали создаваат „антисрпски мит за трибуналот"
за да „ се смали значењето на злосторствата во Сребреница во 1995" (Богдан
Иванишевиќ, „Политика", Белград). „Унисоната констернација" во Србија и
Република Српска ја покажува длабочина во „заробувањето на милошевиќевската
вредносна парадигма" (Павле Радиќ, Белград, „Данас").
Ориќ е осуден на
две години затвор „врз основа на командна одговорност за убиството на пет српски
заробеници и за грубо постапување спрема уште десетмина заробеници во 1992 и
1993".
Бранот на гневот го потполни и изведувањето пред суд на група
јатаци на генералот Ратко Младиќ, како и карактерот на одбележувањето на 11
години од злосторствата во Сребреница и 14 години од злосторствата над Србите во
соседниот Братунац. Тешко е дека нагласеното значење на одбележувањето на
злосторствата во Сребреница докажува оти „главата на еден Србин помалку вреди од
главата на еден припадник на друг народ" (Александар Вучиќ, лидер на
радикалите), туку дека преовладува мислењето оти и Бошњаците и Србите се жртви
во решавањето на српското прашање со воени средства. Затоа во Сребреница жртвите
на Бошњаците ги оплакуваа и претставници на меѓународната заедница, а српските
жртви во Братунац само Србите.
Можно е дека „меѓунационалното
пријателство и разбирање се симулира од стравот од моќниот Запад" (НИН,
Белград), но тешко е дека силите на регресот се толку слаби што „стравот од
моќниот Запад" би бил излишен.