Возбудливи репортажи за нашава земја на „Јаху" на големиот авантурист Ричард Бенгс (2) Скриени богатства и духовни вредности Малку земји имаат такво богатство на прикриени остатоци
од династии и освојувачи
Искованиот малтешки крст на еден од прозорците на манастирот „Св. Ѓорѓија" над Дебарското Езеро. Бенгс вели дека калуѓерите и свештениците изгледаат дека се надвор од секојдневниот живот но всушност се многу тесно поврзани со него
Ричард Бенгс
Каде е крстот на Исус? Ова прашање со толку
расипничка историја се одржува прилично маскирано. Во Витлеем еден храм е
обележје на јаслите каде што е родено бебето; во Ерусалим е позната градината на
распетието, како и празниот гроб каде што се верува дека било положено телото.
Но, што е со гредата за неговото распнување?
Додека го одминуваме
зелениот планински премин во југозападна Македонија не се забележуваат никакви
знаци ниту, пак, во паркот надвор од портата која укажува на манастирскиот
идентитет со едноставна илустрација на човек во куси панталони и маица, прецртан
со знакот за забрана. Снимателот Дидрик Џонк не сака да продолжи и само молбите
на нашите добро поврзани водичи успеваат да нж внесат преку вратата.
Влегуваме во неодреден блок од зграда, заслепени од црквата на
безгрешната Мајка Богородица, Пречиста. Како и повеќето православни цркви и оваа
од дното до куполата е покриена со богати фрески, визуелно насладување на
христијанската иконографија каде и да се погледне.
Меѓутоа, делот што го
привлекува моето внимание или, пак, можеби грешам, бидејќи јас не сум
квалификуван да ги отворам тие прашања, е покриената камена кутија на далечниот
олтар на црквата каде што наводно се наоѓа иверка од вистинскиот крст на Исус
Христос. Пред неколку месеци, запознав познат библиски археолог крај реката
Јордан, кој велеше дека едноставно не постоеле физички докази дека Исус постоел.
Но, ако она што се наоѓа во оваа кутија е тоа што велат тие, тогаш тука
лежат доказите. Никој од луѓето што ги најдов во манастирот, всушност, не го
виделе предметот и се чини дека не постои фотографска потврда, но верниците на
овој манастир се апсолутно убедени дека лежи на свечен одар во малата просторија
на оваа малку позната македонска православна црква.
Малку земји имаат
такво богатство на прикриени остатоци од династии и освојувачи, скриени
споменици полни со печати, законици, пергаменти, икони и фрески, арабески и
полумесечини. Откако човекот почнал да талка низ овие плодни ридови пред околу
20.000 години, тоа станало лавиринтски крстопат на култури и религии. Речиси
насекаде во Македонија има тестаменти.
Тука минала парада од историјата.
Агнија, малата клисарка, ми кажа дека Темпларите патувале преку Виа Игнатиа и до
овој рид во деветтиот век, носејќи го саркофагот на Мојсеј. Ричард Лавовско Срце
презимувал тука кон крајот на 12 век додека патувал кон Ерусалим. Дури и некои
роднини на последниот руски цар Николај Романов тука нашле засолниште за време
на руската револуција, а последниот починал, сж уште одвоен, пред само десет
години.
Мртвите и живите?
Духовноста пред Мухамед, пред
Христос, се сретнува во сите видови, како што е и денес. Додека се пробиваме низ
коприви и диви јаготки во неверојатно стрмната клисура Тајмиште, ме известија
дека ќе видам нешто што малкумина луѓе однадвор некогаш го виделе, Духовната
пештера на Македонија која не е забележена на мапите.
По два часа
пробивајќи се на високите температури, се искачивме до карпестиот ѕид и ��ирнавме
во студено примамливиот влез на пештерата со големина на фрижидер. Беше
примамлив поради фактот дека во внатрешноста се расфрлени неколку човечки коски,
меѓу кои една тибија и една фибула, кои како предупредување се свртени нанадвор.
Нашиот водич е Којо Којочку, секретар на локалниот спелеолошки клуб и еден од
откривачите на оваа пештера.
„Откривање" е релативен поим, бидејќи јасно
е дека оваа пештера се користела со векови - главно, како што вели Којо, од
околните селани кои доаѓале тука да се молат на духовите што не се опишани во
ниту една книга.
Кога не успевала конвенционалната религија, медицина
или наука, тие се искачувале до оваа пукнатина за да ги преколнуваат
натприродните сили за здравје, плодност и мир во задгробниот живот, при што
неколкумина од нив, се чини, паднале тука и никогаш не излегле. Петнаесетина
метри во пештерата поминавме крај еден избелен човечки череп чии црни дупки како
да нж гледаа од подот; потоа поминавме крај уште еден, и уште три, а потоа купче
од човечки коски и расфрлени черепи. Никогаш не сум поминал низ толку ужасно
место, или некое што личи на приказна.
Додека ги свиткувавме нашите тела
подлабоко во оваа змијулеста урна со коски, ја избришав моја батерија со неколку
висулци кои личеа на мразулци што се топат; хелактити како сламки од сода;
кристали како замрзнати орнаменти и черепи како ноќни кошмари. Тука можеби има
околу илјада черепи, претпоставува Којо, кои датираат од пред две илјади години,
многу од нив отстранети за време на борбите со Римјаните. Меѓутоа, еден духовен
аспект ги надминува вековите и космологиите... суеверието.
Дидрик се
обиде да помести еден череп за подобро да го сними, но Којо рече дека не смее да
ги вознемирува мртвите: „Се случуваат лоши работи". Потоа ни ја раскажа
приказната за четворица луѓе од една телевизиска станица од Скопје кои неодамна
сакале да ја снимаат содржината на пештерата. Спроти советите на селаните, тие
зеле четири черепи и ги однеле во градот за да ги снимаат под студиски услови.
Три месеци подоцна двајца од екипата починале под мистериозни околности.
Другите двајца биле сериозно болни, но дури и во заслабната состојба тие се
искачиле до пештерата и ги вратиле черепите, по што здравствената состојба им се
подобрила.
Дали постои „вистинска религија"?
Во овие
скриени места постои моќ. Моќта на верувањето, моќта на митот, моќта на
симболите. Едно такво место е невидливо: родното место на Мајка Тереза на крајот
од трговскиот центар во Скопје. Од светата адреса нема ништо освен една плоча,
бидејќи куќата била срамнета со земјотресот во 1963 година, а сепак моќта на
замисленото сликовито излагање на „светицата на сиромашните" е такво што тоа
секако претставува туристичка атракција.
Со векови, религиите се
натпреварувале за превласт во Македонија. Петстотини години владееле муслиманите
Турци, а тоа наследство го пробива небото со бели врвови од минарињата во
градовите и селата.
Во текот на отоманската ера не било дозволено
црквите да бидат повисоки од џамиите. Сега кога доминира христијанството, во
2002 година Македонската православна црква постави огромен осветлен крст на
планината Водно, над главниот град Скопје и населбите од малцински муслимански
Албанци, како знак на времето. Жителка од главниот град ми рече дека единствено
се чувствува пријатно кога полумесечината се издигнува веднаш до милениумскиот
крст, и за момент стојат во хармонија.
Се вели дека околу Охридското
Езеро има 365 свети места. За време на отоманската власт имало обиди да се
ограбат и да се запалат многу христијански цркви, а кога тоа се случило
реликвиите и записите биле однесени во црквата од 13 век „Св. Богородица
Перивлепта", црквата на Светата Мајка на најголемиот Господ. Кураторот Јана
Поповска ги покажува средновековните слики и артефакти 20 години, а сепак
нејзиниот ентузијазам за тие богатства врие во неа како и на нејзиниот прв ден
на работа.
Кога ја прашав за моќта на овој скриен духовен трезор, оној
што ја избегнал тиранијата на ривалите со векови, наместо да се повикува на
божественост, таа три пати се удри во градите со тупаница и со блажени солзи
рече: „Вистинската моќ е тука - во срцето".