Број 2134 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Емотивни реакции
ЛАБИНА МИТЕВСКА

Се надевам ќе ги надвладее една емоција над другите интереси - љубовта за Македонија
Секојдневјето тече исполнето со безброј бескрајно ситни секојдневни работи. Многу работи се случуваат постојано, а сепак е тивко. Лето е. Три недели некако ми се случи да не сум во Македонија. Се вратив и толку многу работи се случиле, така што требаше време сите мои мисли и коментари да ги складирам и распоредам во мојата глава.

Сите се подготвуваат за одмори и сите со денови зборуваат само за одмори. Лето е. Две големи работи поминаа и заминаа од Македонија летово. Прво, Светското фудбалско првенство заврши. Големо олеснување за сите. Големи емоции беа вложени во него, големо внимание, големи исчекувања. Како тотален лаик за овој спорт, моето внимание сосема го обзема една поинаква димензија на овој настан. Боже мој, неверојатно е како од момент во момент сж може да се измени. Делови од секунда се во прашање некогаш за светот околу тебе да се промени. Јавноста да го промени својот став спрема тебе.

Делови од секунда беа потребни Зидан од идол на заминување, од херој на заминување, да стане контроверзна личност кон која никој не знаеше како да реагира. Но, навивачите знаат да коментираат, гледачите знаат да осудуваат. Што и да станало на фудбалскиот терен, светот го осуди Зидан за неговата реакција. Се разбира, најзагреаните фанови и оние кои не ја сакаат другата екипа секако ќе ја побараат и ќе ја најдат грешката кај провокаторот. Мнозинството, сепак, не ќе може да му прости на големиот Зизу за вакво ниско однесување. Со денови се коментираше и сж уште се коментира неговата постапка. Нема оправдување, нема дилема. Но, сеедно, и Зидан покажа и докажа дека, сепак, сме само луѓе, емотивни, нерационални суштества и, зачудувачки, сепак тоа е радосна вест. Но, дефинитивно оваа случка посочи на еден чуден феномен. Некогаш се потребни само делови од секунда за она што си го градел со години да се урне пред лицето на другите. Затоа што и ние сме луѓе, па нема сега да ставаме на кантар колку и какви голови дал и наместил наспроти неговата дисциплинска евиденција. Но, ќе го паметиме според последниот натпревар, големото финале кога неспортски нападна свој колега.

Емоциите често нж водат во носењето одлуки, па макар и од најрационална природа. Политика, идеологија, планови, програми, смислено, размислено, докажувано по стотици пати со аргументи за и против и пак реагираме емотивно. По фудбалот, се случи втората работа важна за Македонија летово - изборите. Се одржаа и поминаа. Видовме дека народот навистина знае да казнува и не знае веќе да простува. Незадоволството е големо и дојде период кога навистина народот не може веќе да живее од ветувања, сака сега, во моментот, конкретни промени. Камо среќа да имавме избори секоја година, тогаш можеби нашиве политичари посериозно ќе си ја сфатеа својата работа да ја водат земјава со одговорност. Како и да е, ќе имаме нова влада, па нека им е со среќа. Се разбира дека разликата во гласови не ја добија само затоа што многумина беа едноставно разочарани од неисполнетите ветување на владата на заминување. Многумина веруваат дека ова е опцијата којашто може да оствари резултати. Она што мене најискрено ми се допадна откако се вратив дома веднаш по изборите е првиот став на новиот потенцијален состав на владата, многу важен став за цела Македонија. Дека во земјава ќе нема веќе поделба на ВМРО и СДСМ, дека кадрите ќе се оценуваат според нивната стручност и според вистински вредности. Сметам дека навистина тоа е најважно - да се испли��а од локалните партиски определби и на клучни места да се ставаат навистина стручни кадри, оние што си ја знаат работата, оние што не се само партиски пиони и партиски определени. Искрено се надевам дека реченото ќе биде сторено. Дека ќе се тргне по една друга линија на размислување, дека националните интереси конечно ќе бидат ставени пред партиските интереси. Искрено се надевам дека овој пат навистина ќе биде така. Бидејќи вакви бомбастични изјави сме навикнати да слушаме секој пат пред избори или по освојувањето на изборите и потоа пак ништо да не се менува, пак некои вонземјени сили се посилни од наумените и ветените задачи.

Се надевам дека за доброто на Македонија еден ден ќе се надмине и онаа етничка поделба и дека нема да имаме кадри според етнички клуч, туку според способности. Тогаш дури Македонија сериозно ќе се приклучи кон современите демократски текови. Да ја надминеме партизираноста е прв и најважен чекор. Да создадеме систем и да ги почитуваме правилата на игра и тие да важат за сите. Тоа е најважното. Тоа е основа и за успешен бизнис и за спорт и за уметност и за наука. Не може некој незнајко да напише валиден научен труд, не може лош фудбалер да даде гол и не може лош актер да добие признанија. Ах, заборавив. Па, всушност, сето ова може да се случи во едно корумпирано и партизирано општество. Ама не може да се даде гол во лигата на шампиони, не може да се добие награда на европски фестивали, нема да ве објават во признато списание. А такво вреднување на трудот е неопходно во секоја област освен доколку не ви успее да создадете затворен систем, изолиран и, навидум, самодоволен. Е тогаш може да си создадете цел универзум кој нема врска со светот надвор. Нешто како Северна Кореја. Нешто како голем затвор од кој сите што можат бегаат. Каква беше евиденцијата за емиграцијата од Македонија и нејзината образовна структура. Се надевам дека ќе се создадат услови овие млади и умни луѓе да ни се вратат и да престанат да бегаат од сопственото огниште.

Многу среќа ч посакувам на новата влада да успее да ги задржи младите во земјава. Се надевам дека ќе ги надвладее една емоција над сите други резони и интереси - љубовта за Македонија.

(Авторката е актерка и продуцент)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани