Број 2134 понеделник, 16 октомври 2006


  Едиторијал

   

 

Мафијашкиот концепт и титулите на Апенините
Наум Котевски

Италија немаше време вистински да ч се израдува на титулата светски првак освоена пред десетина дена во Германија. Данокот за фудбалскиот скандал со корупција и лажирање натпревари мораше да се наплати и експресно ја извади јавноста на Апенините од еднодневната екстаза, во која беше фрлена од своите репрезентативни херои.

Крајно срамежливо и во заглушувачка тишина фудбалските фанови бараа милост и се надеваа дека тој огромен успех ќе ги намали казните предвидени за четирите клуба инволвирани во големата афера.

Но, главниот обвинител Стефано Палаци беше слеп на солзите. Во петокот вечерта ладнокрвно ги прати во втората лига Јувентус, Лацио и Фиорентина. Главниот актер во целата приказна, поранешниот генералниот директор на Јувентус, Лучијано Моџи, алијас Лаки Лучијано, и неговото кокетирање со судиите не е ништо друго освен потврда на тезите дека Италијанците тешко ја добиваат битката со криминалните структури на сите нивоа во општеството. И Франција се сеќава на 1993 година, кога претседателот на Олимпик Марсеј, Бернар Тапи, заврши во затвор, во Германија, пак, минатата година се појави судијата Роберт Хојцер, но во Италија проблемите во спортот се од поодамна.

Нешто слично и се случи и 1980 година. Титулата на Светското првенство во Шпанија стигна две години по таканаречената Тотонеро афера, по која Милан и Лацио беа исфрлени во втората лига. Обвинет беше и легендарниот Паоло Роси, кој заработи едногодишна суспензија за да учествува на СП. Роси во Шпанија даде шест гола, вклучувајќи го и хет-трикот против Бразил, па злобниците може со право ќе кажат дека Италија го освојува СП само кога Серија А е во прегратките на криминалниот тајфун.

Италијанските фудбалски фанови долго време се во апатија, која одвреме- навреме ја лечеа со инстиктитивната процена дека станува збор за апстрактни дискусии од типот „па секаде се мести", ама веројатно тоа нема катастрофично влијание на конечниот епилог. Но, ете, на крајот мораше да пукне. Премногу пари и интереси минуваат во фудбалот (само Медијасет на Силвио Берлускони плати 185 млн. евра за преносите во наредните три сезони), а политичката церада сега заборави да го покрие наводенетото „Калчо".

Ѕидот на недоразбирање меѓу наводната фудбалска елита и инертната популација конечно се урна во мај, кога обвинителството во Италија излезе со стотици страници документиран материјал и снимени телефонски разговори меѓу Моџи, Федерацијата и судиите.

Тоа беше разорен удар за фановите на Јувентус, кои многу добро знаат дека квалитетот на тимот не е во лажењето (кога-тогаш ќе ве фатат), туку во пронаоѓањето на клучниот елемент, доброто и чесно играње, кое е релевантно не само за армијата навивачи на клубот туку и за конкуренцијата.

Иронично, Јувентус долги години имаше буквално сж што треба да поседува еден голем клуб. Од пари, преку организација до играчки кадар. Како поинаку би се протолкувал фактот што дури пет негови играчи беа дел од репрезентацијата која го покори светот во Германија пред десетина дена.

Значи, повторно станува збор за инсталирање во системот на таа толку чудна човечка филозофија на тотално уништување на сите парадокси. Или, што би рекол Моџи, силен сум, имам тим, имам производ, конкурентен сум на пазарот, ама зошто да се држам за демоктратскиот идеал кога имам и сила и позиција.

Серија А дефинитивно се претвори во фарса, но и ова судење ќе се претвори во фарса, ако главниот креатор Моџи и неговите помошници не добијат соодветна казна. Неговата суспензија од пет години е смешна казна, во споредба со страдањата од неговите телефонски томахавки, кои ги погодија Јувентус, неговите фанови, па и цела Италија. Земјата се надева дека нема да се остане на овие спортски казни, туку дека сите ќе одговараат кривично. Инаку, во спротивно би исчезнала во бермудскиот триаголник на Моџи познатата балканска максима на која се потпира во моментов Италија: во секое лошо има и добро.

Европа во моментов ч аплаудира на Италија. УЕФА ја понуди сета правна помош на обвинителите со цел виновниците да не се извлечат. И Италија се надева на тоа.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани