Број 2103 понеделник, 16 октомври 2006


  Анализа

   

 

Ново сонце на слободата
БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Кристофер Бејли тврди дека историчарите ја чуваат својата струка така што ја отфрлаат примената мудрост, речиси, во секоја генерација
Историчарите ја чуваат својата струка така што ја отфрлаат примената мудрост, речиси, во секоја генерација. Кристофер Бејли дошол до овој став низ длабока анализа на историјата на светот без увид во македонската расправа за Илинден, но нашата расправа се одвива во присуство на „Раѓањето на модерниот свет (1780 - 1914)“: каква потврда на ингениозната формулација на големиот историограф! Одиме по ред.
Македонија нема да влезе во заедничко одбележување на Илинден додека доминантен дел од јавноста гледа на тој проект иритација на националната чувствителност, а не продуктивна иновација и модернизација во сферата на современото политичко совладување на историските теми кои создаваат тековни проблеми и проблеми кои, можеби, можат да ја оптоварат и иднината. Но, тоа не значи дека сме го решиле предизвикот кој нe повикува да продолжиме да ги надминуваме стандардите на времето во кое историските критериуми знаеја да ја диктираат политичката агенда.
Една од важните идеи околу која е обликуван проектот за Обединета Европа е продуктивното совладување на отпорите на историјата пред предизвиците на иднината, не преку ревизија на историјата, туку преку историска ревизија на нејзиното поимање како конфликтен материјал. Тоа се случува низ демонстрација на политичка волја за поинаква интерпретација на историските теми или за современа стерилизација на некои аспекти на нивното класично значење. Мирот, безбедноста и политичките проекции на интеграцијата на континентот би биле незамисливи без тој пристап.
Идејата за заедничкото одбележување на Илинден ја има силуетата на тој европски манир, се разбира, во принцип, зашто дефинитивните проевропски дострели би морале да бидат одработени во рамките на подготовките на пораки кои нема да отвораат нови проблеми (што не е исклучено), туку ќе ги решаваат постојните. Се плашам дека како и кај многу други работи така и во грубото одбивање на идејата за заедничката прослава со Бугарија, особено во дел од историографскиот еснаф, има многу повеќе емоции и политички офсајд на историската класика отколку разбирање на современата потреба да се живее во интегрирана Европа и со оние кои нашата историска призма ги прикажува како ненаклонети на нашата национална кауза, како противници или дури како непријатели. Ние ќе најдеме милион резони кои ќе н` тераат да ги проектираме историските конфликтности и на нашите денешни прослави или дури на нашите политички односи, но тоа е една инерција која, сосема сигурно, (н`) води во погрешен правец. Македонија мора да најде сила јасно да каже дека новите, доброосмислени идеи не можат да ја загрозат нашата историја како што може нашата историја, компримирана во романтичарските аспекти на политиката или во инерцијата на општата јавна перцепција, да ги загрози нашите перспективи. Современото разбирање мора да ја гледа историјата низ проекцијата на иднината, а не низ класичните сидра кои не ~ дозволуваат на таа иднина да се отвори. За оние што разбираат тоа не е заборавање на историјата, ниту преиспитување на историјата, макар што е очигледно дека некои работи заслужуваат дебело преиспитување, најмалку тоа е преиначување или денационализирање на историјата, за бугаризирањето, пак, и да не зборуваме. Без тоа ние можеме да потонеме во нашето минато и да се опиваме од таа слава како зависници кои порано или подоцна ќе завршат на некоја европска клиника како луѓе што одбиле благовремено да се соочат со современите предизвици на вистински начин.
Заедничката прослава не е никаков императив. Таа е само една од бројните форми низ кои може да се изрази новото мислење на историјата и на сегашноста, се разбира, и на иднината. Форма низ која може да се изрази современиот европски капацитет, на ист начин на кој две соседни земји организираат едно европско фудбалско првенство (како Хрватска и Унгарија, на пример), соработуваат во борбата против тероризмот или создаваат нови трансгранични регионални ентитети. Ние немаме доволно, не капацитети, туку немаме доволно слобода да го гледаме светот низ тие нови форми, затоа што форми на историската конфликтност кај нас траат како битна состојка на нашиот идентитет. Како димензија на нашата свест тие се јавуваат и со свои политички артикулации. Идејата не ја одбиваме затоа што имаме некоја попаметна проекција за решавање на балканските конфликтности, туку затоа што надвор од таа конфликтност критичната маса не може да се проектира себеси. Резоните ја објаснуваат постапката, но како рендгенски зраци формираат слика на која се гледа дека движењето на свеста заостанува зад критериумите на времето. Така не можат да се формулираат визии.
Тоа поведение во Македонија има сериозна историска втемеленост дополнително оптоварена со обилни дози актуелни дразби од соседството. Не станува збор за каприци. Но, закачени на историските апарати на таков начин можеме да бидеме сигурни во перспективите на коматозните состојби, а не во радоста во новото време. Тоа што кај нас егзистира како загриженост и страв, во Бугарија постои како надеж и како страст, како друга страна на проблемот кој може да се дефинира како одбрана на историјата во името на политичките очекувања во општества кои имаат проблеми да формулираат  политички очекувања кои ќе обезбедат продолжување на историјата. Затоа, Македонија има право да очекува дека под дејството на бриселската гравитација и Бугарија ќе го доврши својот дел од обврските во профилирањето на прифатлива општествена атмосфера во која би била можна идејата за заедничката прослава (плус Турција, зошто не) или, можеби, некој друг проект со исти или слични цели.
Во меѓувреме, би било добро да се пушти филмот со драматичното пробивање на Глигоров низ звучниот ѕид од свирежи на угорнината натопена со свежа плунка под  свечената трибина на Мечкин Камен во 1997 како порака дека  никој, па ни Бугарите, не можат да го растурат најголемиот македонски празник подобро од самите Македонци. Во тој раскошен талент се уверив и четири години подоцна кога од истото место премиерот Георгиевски ги обвини военополитичките комплекси на западната цивилизација за агресија врз Македонија! Тогаш сфатив дека не се само историчарите тие кои ја отфрлаат примената мудрост, речиси, во секоја генерација.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани