Во филмот „Таму некаде мора да има и пони“, со Роберт Вагнер и Елизабет
Тејлор, раскажана е една од приказните што своевремено многу ги сакав. Таа оди
приближно вака: си имал татко два сина. Едниот бил непоправлив оптимист, другиот
максимален песимист. За да ги врати во реалноста, таткото подготвил две соби –
едната ја наполнил со најубави и најлуксузни играчки, а другата ја наполнил со
лепешки. Во онаа со играчките го ставил песимистот, а во онаа со лепешките
оптимистот. По еден час влегол во собата со играчките и таму го гледа песимистот
како неподвижно и намуртено седи среде соба. На прашањето зошто не се радува,
песимистот одговара дека не е можно тоа да бидат негови играчки, дека е некоја
грешка и дека затоа е подобро да не се радува за нешто што не му припаѓа. Кога
таткото влегол во собата на оптимистот, имал што да види: овој весело и среќно
скокал и копал по лепешките. Кога таткото го прашал зошто им се радува на
лепешките, малиот одговорил: „Покрај толку многу лепешки, тука некаде мора да
има и пони!“ Велам дека ја сакав оваа приказна, значи во минато свршено
време, зашто таа будеше надеж дека во сите овие лепешки и јас (ние) мора да
наидам на пони. За жал, живеејќи и копајќи во лепешкиве сите овие години, и
покрај оптимизмот, морав да сфатам дека во Македонија не виреат толку многу
понија, ами повеќе успеваат говеда. Имено, копаш, копаш по лепешките и - опа -
ете еден вол. Копаш уште, па пак уште еден вол. Копаш уште, и уште еден вол.
Сега ми е јасно зошто сме сточарска земја. Се разбира, во филмската
литература има и други референци за лепешките, кои во денешната перспектива ми
се нешто поблиски. Така на пример, симпатичниот негативец Хад (Пол Њумен) во
истоимениот филм на едно место вели: „Светот е полн со лепешки. Немој да мислиш
дека нема да налеташ на некоја“. Ако човек добро размисли, во светското
раскажувачко наследство може да се направи цело едно богато поглавие за
лепешките. Има една приказна која говори за некој фазан кој сакал да се качи на
гранка, но тоа никако не му одело од рака, па лисицата го подучила да јаде малку
од лепешките, демек тие ќе му дадат енергија. И навистина. Фазанот доскокнал до
гранката, но таму го видел ловецот и го застрелал. Наравоучение: лепешките можат
да те донесат до врвот, но не можат таму да те одржат. Мислам дека на нашите
политички елити (вистинска фазанерија) им е целосно јасно за што станува збор во
оваа приказна. А веројатно и на повеќемина егземплари на овдешната
транзиција. Интересно е што за лепешките најмногу литература има токму во
таканаречената западна цивилизација. Во ориенталните култури лепешките во
контекст на човекот најчесто се спомнуваат само како прехранбен продукт (заедно
со бурекот). Не мора човек да биде Макс Вебер, па да си даде едно социолошко
објаснување за овој феномен: имено, приказни се прават за преседани, а не за
нормални состојби. Во ориенталните култури не е преседан, како во западните, на
пример, да имаш соба полна со лепешки. Напротив, стаите се стил на живеење. На
овие простори се создаваат приказни за самовили и херои, за итромани, за
благосостојби. Со еден збор, за преседани. Тука не можеш, ете, да кажеш дека
светот е полн со лепешки и дека сигурно ќе наидеш на некоја. Тука можеш да кажеш
дека светот е полн со убави работи и дека можеби ќе налеташ на
некоја. Еволутивниот развој на човекот зависи од средината во која опстојува.
Велат дека ако го фрлиш човека во вода, ќе му пораснат жабри. Нема никакви
причини да не веруваме дека ��ко човека го оставиш во лепешки, дека нема да стане
вол. Овие 15 македонски транзициски години апсолутно го докажуваат
тоа. Светот е навистина полн со лепешки, особено ако сте сточарска
земја.