Регион Партизам и патриотизам Анализа на
Драган Николиќ
Мораториумот на мултиетничноста е корисен за владејачката партија, но не и за Македонија
Во тек е вербална војна на српскиот премиер Воислав Коштуница и на
специјалниот пратеник на ОН за преговори за идниот статус на Косово, Марти
Ахтисари.
Седумнаесет дена по состанокот на српско-албанските
преговарачи, што се одржа во Виена на 8 август, Душан Батаковиќ, член на
српската преговарачка екипа, изјави во Белград дека Ахтисари во разговорот со
него рекол: „Вие сте виновни како народ". Во лавината реакции во Белград е
речено дека изјавата на Ахтисари е „во најдобрата традиција на Адолф Хитлер",
зад која се крие „американско сценарио да му се наметне колективна вина на
српскиот народ ".
Портпаролот на Ахтисари, Хуа Џијанг, изјави дека
Ахтисари е криво интерпретиран и дека рекол оти „секој народ има свое наследство
со кое треба да се соочи", и дека сегашното српско раководство „не може да се
смета одговорно за неделата на Милошевиќ", но дека „мора да се соочи со
наследството на Милошевиќ". Со тоа судирот не се смири. Коштуница изјави дека
„изјавата на Ахтисари во својата бруталност е повеќе отколку јасна", а Ахтисари
дека Србија „почнува да ѕвечка со оружје" („почнува да мавта со
сабја").
По генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, поддршка на Ахтисари
му даде и Контакт-групата (САД, Русија, Германија, Франција, Велика Британија и
Италија) на последниот состанок во Виена.
Настанот треба да го
„дезавуира извештајот на Ахтисари за Косово и да ја подготви српската и
странската јавност за отфрлување на заклучоците и препораките на Ахтисари"
(Ѓорѓе Вукадиновиќ, аналитичар, Белград).
Во Србија би можело и да се
„ѕвечка со оружје" и да се „мавта со сабја", но нова косовска војна на Србија не
би можела да се замисли. Министерот за финансии, Млаѓан Динкиќ, одобри 30
милиони евра за да се оспособат пет ловечки авиони „миг 29" и два јуришни
хеликоптери „МИ-24". Тоа е недоволна индикација. Некои српски анлитичари
повлекуваат паралела меѓу Вајмарската република и Србија, сугерирајќи дека
неправдите направени на Србија, по загубените војни во деведесеттите години, би
можеле како и неправдите што ч се направени на Германија по Првата светска
војна, да произведат слични настани (Срѓан Цветковиќ, Институт за современа
историја, Белград), но тоа не изгледа уверливо. Место „ѕвечкање со оружје",
Србија е окупирана со прашањето: каде и кога е направена грешка? Мнозинството
верува дека грешката е направена многу пред Милошевиќ: 1918 е пропуштена
историската шанса Србија да создаде „српска место југословенска држава", а
„договорот на комунистичките елити во Јајце 1943", како и утврдувањето на
авнојските граници, е „најголем пораз на српските интереси". Водечкиот српски
историчар Милорад Екмечиќ верува дека српска држава би можела да се создаде на
целиот „српски простор" во кој е распространет српскиот јазик и српскиот народ и
тој простор на северозапад се протега до Копар во Словенија! Српските неволји
почнаа пред два века, благодарение на „србохрватистиката" што ја „измислија
хрватските идеолози Гај и Штросмаер и хрватските филолози Ватрослав Јагиќ и Иван
Броз" (проф. Петар Милосавлевиќ, Белград). Центар на идејата на југословенството
беше Југословенската академија на науките и уметностите, а во времето на Јосип
Броз Лексикографскиот завод на Крлежа. Така „Србите ги загубија главните битки
во југословенскиот период", негувајќи србохрватистика и југославистика, место
србистика. Српските институции, како србохрватизирани и југословенизирани, и
денес се „антисрпски". Штом им е дозволено на Хрватите јазикот на Србите да го
наречат хрватски јазик, мораше да се случи и бошњачкиот и црногорскиот јазик.
„Кога ќе се прашаме - зошто нас, Србите, не нж третираат како Хрватите,
Албанците или Бугарите - можеби треба да имаме на ум дека тоа е з��тоа што
Хрватите, Албанците или Бугарите не ги бомбардира Запад". Од Хобс до денес
„секогаш најмногу се мрази оној на кого му е направено зло". (Слободан Антониќ,
аналитичар, Белград). Идеите од тој тип го дезавуираат „соочувањето со минатото"
и „живата империјална опсесија", како главна причина на „третманот". Според
истата идеја, работата би можела да се сврти во корист на Србите дури кога Запад
би „ч направил на Србија некое поголемо добро", на пример, кога не би се
согласил на независност на Косово. Но, ако Србија со военополициска репресија не
би можела да обезбеди мир во Косово, а со Косово под рецесија, демократија во
Србија, таа идеја не е реална. Ако Коштуница „спротивно на Резолуцијата 1244
создава паралелни органи на власта и формира паравоени и параполициски единици
на север на Косово", (Мортон Абрамовиц, Вашингтон), би можело да се случи,
поради отфрлување на препораките на Ахтисари, или поделба на Косово или
жртвување на косовските Срби, според кнински и сараевски рецепт. Кога ќе се
хипертрофира опасноста од КЗК (Вилијам Монтгомери), кој би можел да стане армија
на Косово (Агим Чеку), тогаш тоа, изгледа, не е цела актуелна косовска приказна.
Во приказната и Коштуница би можел да има свое поглавје.
Колку Македонија
е поблиску до Брисел, толку е пооддалечена од српско-албанскиот проблем на
Косово. Габриела Конеска-Трајковска вели дека „постојано ќе му дише во вратот на
Брисел!". Нејзината евидентна егзалтираност со Брисел („Дневник", Скопје) не е
реална ако Владата воведе мораториум на сите етнички прашања, за да се обединат
сиромашните од сите националности, на чело со владата, и ако функционира
„чистиот парламентарен модел (од типот на Милошевиќ „еден човек еден глас") во
етнички нехомогеното општество" (Денко Малески). Во тој случај сосема е сеедно
дали ДУИ-ПДП ќе ги вратат мандатите или не. Ако „мораториумот на
мултиетничноста" е реваншизам за 2001, тој би можел да биде корисен за
владејачката партија, како вид на внатрепартиска дефрустрација, но не и за
Македонија. Партизмот не е патриотизам.