Број 2175 понеделник, 16 октомври 2006


  Македонија

   

 

Ураниот рид 50 години ги чува телата на 11 овчари
Пред половина век во Моклиште, над Ваташа, се урна големо количество земја кое затрупа повеќе луѓе и стада овци

Слушнав силно татњење, а земјата почна да се помрднува и да ме носи заедно со впрегнатите волови, раскажува Перо Кузмановски
Ангел Данов



КАВАДАРЦИ - Иако од големата природна катастрофа што се случи во Моклиште над село Ваташа, Кавадаречко, помина половина век, сеќавањата се сж уште живи. Тогаш животот го загубија 11 лица. Тие засекогаш останаа под огромниот комплекс земја што се урна во раните утрински часови на 5 септември.

Големата трагедија се случи во месноста Градот каде што огромните купишта земја покрија простор од околу еден километар должина, 400 метри ширина. На одделни места висината на натрупаната земја изнесуваше до 100 метри. Засекогаш под урнатините останаа Ганија Мифтари Белор од село Трново, Тетовско, Ајредин Бекташ од село Божовци, исто така Тетовско, Лазо Пемов-Петров и Гане Стојанов-Ганев од Возарци, Тоде Панов Илов од Грбовец, Илија Паризов од Дреново, Мишо Кузманов од Дреново, Ѓошо Бојаџиев од Ваташа, Шериф Ахмед од Вешала,Тетовско, Методие Димитров од Конопиште и Ристо Камчев од Долна Бошава.

Сите затрупани беа овчари во земјоделските задруги од Ваташа, Дрново и Возарци, кои ги чувале задружните стада.

Перо Кузмановски од Ваташа добро се сеќава на настанот и вели како тоа да било вчера. Разговараме на местото каде се случи несреќата. „Во првите мугри отидов на нива како секоја друг ден. Околу 6 часот слушнав силно грмење, а земјата почна да се помрднува и да ме носи заедно со впрегнатите волови. Многу се исплашив. Ги ослободив воловите од оглавите и почнав да бегам. Земјата ме отфрли настрана. Гледав како огромно количество земја се лизга кон коритото на реката. Прав се издигаше високо. На самото местото се урна голем дел од ридот".

Магда Димова заедно со трите деца тргнала од селото на пазар во Кавадарци. „Беше страшно тоа што се случи. Одеднаш ја изгубив земјината подлога и пропаднав. За момент се најдов под огромниот куп земја. Мојот девер беше со нас и тој ми ги спаси децата. Само поголемата ќерка имаше повреди на нозете", се присетува Магда Димова, која на самото место запали свеќи во спомен на единаесетемина кои засекогаш останаа затрупани на длабочина од осумдесет метри.

Денес местото на несреќата со ништо не потсетува дека тука пред педесет години животот го загубиле десетина луѓе, а под урнатините останале стотици овци кога земјата ненадејно и молскавично почнала да се лизга од десната страна на коритото на реката Луда Мара. На просторот каде што се наоѓаат урнатините нема никаков живот. Стихијата ги пресекла како со нож ридовите, а со урнатата земја ја потполнила длабоката бездна од 80 метри.

Веднаш по големата катастрофа над Ваташа бил извршен увид од стручни лица кои заклучиле дека лизгањето на теренот е извршено по формираната пукнатина длабока околу 100 метри. Геолошкиот состав на земјата овозможил атмосферските и подземните води што се пробиле низ пукнатината да ја нарушат стабилноста на теренот што предизвикало повремени лизгања на некои делови од теренот. За тоа придонела и ерозијата во коритото на Луда Мара. До одронување на земјата дошло и поради осетното подигање на нивото на подземните води во последната зима, како и поради долгиот сушен период летото. Огромно количество земја ја затвори старата долина на Луда Мара и создаде природна брана повисока од нивото на реката за 40 до 50 метри. На местото каде се случи несреќата денес се наоѓа Ваташкото Езеро.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани