Како непишано правило, секоја нова власт го започнува мандатот со големи
ветувања за воведување на верската поука во образовниот процес на основците. Во
стилот, ним, на актуелната власт, религијата им е блиска, ги знаат позитивните
учења кои таа ги проповеда и оттаму нема причина колку што е можно поскоро да не
стане дел од задолжителната настава. Колку од ветеното (ќе) се реализира е
прашање за себе. Во изминатите петнаесет години бевме сведоци на еден куп
излитени ветувања, кои уште додека власта ги изговараше, како нешто што без
малку е свршена работа, беше јасно дека ќе ги сведе на најобичен веќе излитен
политички маркетинг. Досегашното искуство на тој план потврдува дека политичките
лидери и челните луѓе во извршната власт посегаат по веронауката како по џокер
или добитна комбинација која ќе им гарантира симпатии кај пошироката јавност и
евентуални гласови плус на следните избори. И толку. Понесени од сопствениот
популизам, забораваат дека воведувањето на веронауката за основците е сериозен
исчекор, кој бара уште посериозни анализи и истражувања. Без претходни
подготовки и темелна осмисленост, веронауката може да се сведе на најобично
промашување. Такво нешто веќе ни се случи.
Тоа што Македонската
православна црква и Исламската верска заедница ги користат средбите со власта за
да извршат колку што може поголем притисок за омасовување на верата е нормална
работа, на која никој нема право да им забележи. Конечно, верските заедници и
цркви постојат за тоа. Но, она што зачудува е сознанието дека и тие на желбата
за воведување веронаука ч приоѓаат без подготовки и не ги загрижува ако таква
новина се воведе прекутрупа. Верските заедници, кои по дефиниција се
најзагрижени за воведување на веронауката во образованието, во случајов тука
гледаат и згрижување на сопствениот теолошки едуциран кадар, чиј број не е
занемарлив, а дури потоа и помасовен пристап кон верата. Но, сето тоа ќе даде
скудни резултати доколку се повторат грешките од минатото. Сж уште е свежо
сеќавањето на избрзаниот и неосмислен потег на поранешниот министер за
образование на Владата на Љупчо Георгивски, кој на верските заедници им нанесе
повеќе штета отколку полза. Кон крајот на деведесеттите, без претходна најава и
сондажа на јавното мислење, на 1 септември ги воведе поповите и оџите на првиот
училиштен час, со што предизвика лавина од негативни реакции. Родителите беа
навредени, револтирани и затечени, а децата преплашени. Луѓето во црни мантии
беа последното нешто што го очекуваа при првата средба со училиштето.
Тогашниот обид преку ноќ да се внесе веронауката во редовниот образовен
процес без дилеми најскапо го плати Македонската православна црква, која со
исклучително слабиот одѕив доби невидена шлаканица од основците. Исламската
верска заедница и Католичката црква направија претходни подготовки и одѕивот
соодветствуваше на нивните процени и очекувања. Дали во меѓувреме Македонската
православна црква извлече наравоучение дека ваква новина бара исклучително
сериозен пристап, зашто ги засега најинтимните човекови чувства, допрва ќе
видиме. Засега е извесно дека ниту една од верските заедници набележани во
Уставот на Република Македонија не понуди добар учебник како единствена
вистинска основа за квалитетен влез на веронауката во училиштата.
Видни
теолози не кријат дека прашањето кој ќе ја изведува наставата е второстепено и
со тоа не е и најважно ако кон една ваква новина повторно се влета без учебник.
Не помалку значаен е пристапот кон децата и методологијата со која ќе им бидат
претставени новите знаења, кои во одделни нешта ќе бидат спротивни од
официјалните содржини што ги нудат учебниците по биологија. Дали тие ќе внесат
дополнителни забуни кај децата, ќе зависи од начинот како ќе им бидат
презентирани. Оттаму импровизациите се нешто што не би смеело да ни се повтори.
Се разбира, доколку кај власта и верските заедници постојат искрени намери
новите генерации да добиваат квалитетни информации за верата.