Ловци на скалпови Анализа на
МАНЧО МИТЕВСКИство се трансформира во смртно непријателство
Нормалното политичко ривалство се трансформира во смртно непријателство
„Јас свесно загубив 10 отсто од мојот рејтинг, премиерот 50 отсто... Ја
постигнав целта за која дојдов. Го поразив...“, самоуверено напиша во својата
колумна еден млад политичар, претендент на министерско или некое слично место во
хиерархијата на власта на претстојните избори. Овие редови на самозадоволство од
одиграната претходно добиена улога и од постигнатиот резултат, според негова
процена, младиот партиски јуришник ги напиша по одржувањето на веќе легендарната
минатонеделна епизода на дебатната емисија „Светла точка“ која, поради с` што се
случуваше во неа, стана опасен знак за изборите и наедно парадигма за губењето
на елементарната политичка култура и човечкото достоинство, како и за
недозволеното спуштање на нивото на политичкиот дијалог во земјава. Изјавата на
младиот аспирант за државна функција ме потсети на филмовите за американскиот
Див Запад, кога воинот Коњско Опавче пресреќен го фрла скалпот пред својот
племенски поглавар, очекувајќи да биде награден соодветно на значењето на
скалпираниот, во случајов поглавицата на ривалското племе. За Република
Македонија и за политичките субјекти почнуваат деновите на големото искушение.
Императивот кој ~ е поставен на државата е сериозен: одржување фер и демократски
избори како еден од клучните предуслови за следната фаза од евроинтегративниот
процес - определување датум за почнување преговори со ЕУ. Императивот кој
сами си го поставија партиите, исто така, е голем: победа на парламентарните
избори и освојување на власта. Во други држави вакви императиви би биле сфатени
и третирани најнормално и рационално би се работело тие да се остварат во
рамките на демократските процедури. Кај нас веднаш с` добива ненормални
димензии и се вклучува традиционалниот фолклор со придружните елементи. На една
нормална демократска институција каква што се изборите во која некој мора да
победи, а друг да загуби, а потоа животот да си продолжи најнормално, ~ се
даваат фаталистички елементи. Благонаклоните сугестии од меѓународниот фактор
кои имаат цел да помогнат и да ги постават работите на своите места и во
разумните димензии се менуваат, коригираат и ја губат функцијата. Нормалното
политичко ривалство се трансформира и во смртно непријателство, а поставената
цел - победата се издига до степен на хамлетовското „да се биде или да не се
биде“! Кога веќе работите се поставени на такво или-или ниво, кое не
прифаќа никаква друга опција освен победа, бидејќи тоа им е ветено на
партиските војски и на симпатизерите, поради што многу амбиции се подгреани, а
поразот би значел оставки на тие што ветувале, се преземаат сите дозволени и
недозволени мерки за остварување на целта. Една од првите работи за партиите е
да се обезбеди добра логистика кај две групации кои имаат големо влијание врз
формирањето на јавното мислење: експертите и медиумите. Ако се суди според
присутноста на експертите и на експертските мислења во јавноста, посебно во
ненормално рано почнатата изборна кампања, тогаш Македонија може слободно да се
нарече земја на експерти! Во принцип, тука нема ништо спорно. Спорна е
инструментализацијата на експертизмот за политички цели. Наместо експертите да
го вложат своето знаење, компетентност и авторитет во изработување реални
проекти, програми и зафати, тие доброволно или за пари стануваат покритие на
декларативни политички тези и неостварливи елаборати кои треба да значат
експертско алиби за партиските ветувања. Во Македонија токму во функција на
голата политика се создаде профил на експерти - универзалци, кои без оглед на
фактот, на пример, дека се компетентни за историја или за безбедност... не се
стеснуваат, под превезот на експертско мислење и став, да просудуваат за
уставни, кривични, економски, социјални, здравствени, земјоделски и секакви
други проблеми, појави и процеси! Хиперпродукцијата и политичката
инструментализација на експертите го издевалвира угледот на експертските
мислења, па тие во последно време се земаат со голема резерва. Тоа може да биде
многу штетно за една држава и за многу професии и, сосема извесно, ќе создаде
многу неволји, сега, во изборната сесија. Голема девалвација и паѓање во
секој поглед, од довербата и авторитетот, до тиражите и гледаноста, има и кај
медиумите и новинарската професија. Покрај веќе познатите фабрики и работилници,
формирани во функција на партиите, и од власта и од опозицијата, медиумската
сфера си има проблем и со сопствениците од кои поголем број, некои порано, некои
сега, добија политички амбиции. Голем дел од медиумите целосно се
инструментализирани во функција на изборите за познати политички групации и тоа
дури и не се обидуваат да го скријат. Колку расте таквата инструментализација и
политизација, толку паѓа авторитетот и довербата во медиумите и на новинарите во
нив, а штета трпат сите, и професијата, и читателите и демократијата во земјата.
Последиците од ваквата ненормална состојба се големи, цената во
континуитет се плаќа подолго време, но завршната сметка ќе биде направена веднаш
по изборите и, веројатно, нема да биде добитна и пријатна. И за државата, и за
медиумите и за новинарите. Значи, амбициите на партиите, појавата на „ловци
на скалпови“ и политичката (само)инструментализација на дел од експертите,
медиумите и новинарите се ризичните точки и за текот на предизборната кампања и,
воопшто, за изборите како процес. Во овој контекст, прашање број еден е
што ќе натежне: државниот, националниот и граѓанскиот интерес или
партиско-политичкиот и тесниот интерес на групации на луѓе. Прашање број два:
дали партиите ќе смогнат доблест да избалансираат меѓу нивниот и државниот
интерес или ќе победи поопипливиот личен и групен интерес за сметка на општиот?
Впечаток е дека, поради најразлични калкулации, на некои структури во земјава не
им одговара Македонија да продолжи по европскиот колосек и дека нема да бираат
средства во своите намери. Професорот Борче Давитковски, како член на
Венециската комисија за Македонија, оцени дека поради предвремениот почеток на
кампањата и инволвираноста на политиката во избирачките органи, општиот впечаток
за изборите нема да биде поволен. Евентуалната ескалација на наведените ризични
фактори може да го дополни тој впечаток.