„Леб и сол“ Легендите ги почнаа пробите за големото враќање
Легендарната група „Леб и сол“ во средата ја одржа својата првата официјална проба
На пробата, која беше отворена исклучиво за новинари, членовите на „Леб и
сол“ покажаа дека не се ниту „4 аса“, ниту „Бијело дугме“, туку дека се едни и
единствени. Совршени мајстори на својот занает. На пробата отсвирија неколку
песни, како што се „Марија“ од нивниот втор албум, „Бистра вода“ и „Абер
стигна, бре Донке“. Четворката составена од Влатко Стефановски, Бодан Арсовски,
Гарабет Тавитјан и Кокан Димушевски, едноставно, се разбираше без да се
погледне, а глобалниот впечаток беше дека се толку синхронизирани како воопшто
да не поминале десет години од нивниот последен настап. „Поминаа многу години и
мислев дека мозокот заборава дел од песната, но телото, прстите не ја забораваат
ниту една песна, самите се движат и однапред знаат што треба да направат. Знам
што значи младост, брзина и енергичност. Кога бевме млади, песните ни беа такви,
а подоцна, пред да се разделиме, песните ни стануваа с` побавни, стареевме. Кога
ги преслушав песните повторно, ми се врати желбата за подинамично и побрзо
свирење, на некој начин се вратив во младоста и ветувам дека ќе свириме онака
како што свиревме“, изјави Бодан Арсовски. Тој, меѓу другото, додаде дека „Леб и
сол“ успеа да се врати во стариот „филм“ дури и по десет години, така што една
од идеите, покрај добра забава, е и постарите фанови да ги вратат во тој филм.
Што се однесува до помладата публика, Бодан вели дека енергијата и свежината што
е присутна кај повозрасните ќе им се допадне и на помладите, кои сигурно ги
знаат речиси сите песни на бендот без воопшто и да се свесни за тоа. За
претстојните концерти, кои ќе се одржат на 1 јули во Битола и на 2 август во
Охрид, „Леб и сол“ подготви репертоар од околу 25 песни кои, според нив, се дури
и премногу за концерт за кој планираат да трае од два до два и пол часа.
(А.Т.)