Број 2101 понеделник, 16 октомври 2006


  Коментар

   

 

Гласам за фудбал
ФАРКО ШАКИРИ

Најважната споредна работа на светот, фудбалот, од денес до 9 јули ќе ја вжештува Земјината топка до степен на вриење. Се очекуваат милионски емотивни ерупции на фудбалските фанови во 32 земји-учеснички на Светското првенство. Епицентарот на 18.фудбалски самит, годинава е Германија, односно нејзините 12 града на чии стадиони цел еден месец, во зависност  од националниот квалитет на „туркање на бубамарата“ ќе зависи и карактерот на емоциите на зависниците од најраспространетата допинг-варијанта - фудбалот. И овој пат, фудбалот ќе ја одигра својата двојна улога.
Од една страна, во меѓународни рамки ќе се промовира како спорт кој ги поврзува народите, пропагира физичка активност, и ќе ја зацврстува идејата за еднаквост меѓу луѓето.
Од друга страна, пак, ваквите натпревари со меѓународен карактер од највисок квалитет, во кои во преден план е истакнување на националната припадност на спортистите, кога се инсистира на колективниот идентитет, неминовно доаѓа до поделба која во суштина има политичка конотација, а која меѓу фановите предизвикува фрустрации кои ги надминуваат спортските граници и често доведува до насилства, до верски, националистички и расистички испади. Токму поради тоа и ФИФА е во агресивна кампања, која својата кулминација ќе ја достигне токму за време на одржувањето на светското првенство во Германија. Светската куќа на фудбалот најави жестока борба и ригорозни санкции против ваквите несакани изливи на емоции.
За жал, на најголемиот светски фудбалски собир ќе ја нема нашата репрезентативна селекција, па така нашите фанови, покрај    „тв-плазмите“ во градските кафулиња или во домашна атмосфера, ќе го покачуваат адреналинот и ќе ги трошат нервите поради некоја друга селекција, во зависност од нивниот избор, а ќе страда и нивниот џеб, а во зависност од исходите, не дај боже, и нешто друго. Повторно, повеќето припаднички на поубавиот пол (некои анализи покажуваат перманентно зголемување на процентот на заразени од фудбалот и меѓу женскиот свет), ќе имаат вишок слободно време, а сопствениците на обложувалниците по кратката летаргија, пак се во шема. Значи, еден месец стотици фудбалери во Германија ќе бидат во халф, или друга стратегиска линија, а милиони фанови на шанк-линија. Кој колку ќе издржи на споменатите позиции ќе зависи од нивните капацитети.
Што се однесува до Светското првенство на домашен план, покрај нашите фанови кои немаат можност да ги бодрат нашите фудбалери, политичарите се вториот блок кој жали што во Германија ја нема нашата фудбалска селекција. Имено, за 5 јули се закажани парламентарните избори во Македонија, а за една недела почнува предизборната кампања, во која политичарите ќе немаат спортски субјект на своите мени, а со тоа отпаѓа и можноста да ги користат за свои цели. Тоа за нив е типично и нормално, затоа што политичарите секогаш ќе бидат помалку популарни од спортистите и секогаш, ако за тоа имаат можност, ќе ја користат нивната слава за своите политички цели.
Меѓутоа, и самиот датум на изборите и критиката кон власта од страна на опозицијата, дека избори за време на СП не се случајност, наводно поради намалена излезност на граѓаните, докажува дека кај нас парламентарните избори се, всушност, национален спорт број еден. Неколкуте дебатни предизборни ТВ-серијали, секојденвните анализи, статии и коментари во медиумите, кои с` повеќе стануваат причина, а не последица на општествената состојба во земјата, толку ја запалија атмосферата пред изборите што таа личи на онаа од фуд��алските стадиони, на кои постои строга поделба на „наши“ и „нивни“, на „предавници“ и „патриоти“. Кога ќе се обидеме да ги споредиме фудбалот и политиката, ќе заклучиме дека и меѓу едните и меѓу другите има остра игра, валкани потези, обиди за местенки, и на теренот и надвор од него, само за да се постигне целта, цената што ќе се плати не е битна. 
Токму фудбалското првенство во Германија е извонредна можност граѓаните да се релаксираат од секојдневните политички бомбардирања кои доаѓаат од сите страни, и некаде сам со себе или со некој свој, со ладно пивце пред и во себе, комплетно да се трансмитираат во Германија.
Јас гласам за тоа, и за фудбалот се разбира.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани