Денеска во Паркот на поезијата во Струга Чествување за Генадиј Ајги и Јосиф Бродски Клубот на писателите од Струга, при Друштвото на писателите на Македонија, денеска напладне во Паркот на поезијата во Струга, организира Сеќавање на лауреатите на "Златниот венец" на Струшките вечери на поезијата: Генадиј Ајги и Јосиф Бродски.
Сеќавањето се одржува по повод смртта на Генадиј Ајги, кој "Златниот венец" го доби во 1993 година и 10 години од смртта на Бродски, кому високото поетско признание му беше доделено во 1991 година. Пред присутните предвидено е да се одржи реч за венцоносците, а ќе биде презентиран и дел од нивната поезија. (Н.П.)