Број 2019 понеделник, 16 октомври 2006


  Коментар

   

 

Експлозија на вистината
ДАНИЕЛА ТРПЧЕВСКА

Драстично опаѓа границата на деца што користат дрога. Голем дел од нив веќе во седмо и во осмо одделение експериментираат со канабис, марихуана, екстази. Оние најљубопитните веднаш се впуштаат во вителот на хероинот, од кој тешко пронаоѓаат излез. Убедени дека пушењето тревки е помалку штетно од цигарите, тие бараат легализирање на марихуаната. Понесени од идејата дека имаат контрола над себе и дека можат да престанат со нејзино земање секогаш кога ќе посакаат, добиваат шлаканица од реалноста оној момент кога дрогата ќе завладее со нивното тело и ќе почувствуваат немоќ да одлучуваат за својата судбина.
Проблемот со дрогата, која навлегува во речиси сите пори од секојдневното живеење, не е ниту нов ниту непознат. Иако таа секогаш лебди како еден од најгорливите проблеми во голем број земји во светот, изгледа потребно е да се објават алармантни податоци за драстичниот пораст на дрогата меѓу учениците за да се потсетиме што ни се случува во сопствениот двор. Податокот дека битолските деца не кријат туку признаваат дека се дрогираат, всушност, е само експлозија на вистината. Податоците од истражувањата само низ бројки го потврдуваат она за што сите сме свесни, а кое се заборава во секојдневјето до моментот додека некое поново истражување не обелодени уште подраматични резултати. Или додека суровата реалност не ги испорача вестите за смртни случи на млади луѓе од предозираност. И повторно сў паѓа во заборав, освен во семејствата кои  соочени со драматични ситуации немоќно очекуваат каква било поддршка или помош.
За шприцевите кои секојдневно се пронаоѓаат во училишните дворови и тоалети, а до кои имаат пристап и најмалите деца, како и за учениците кои на настава доаѓаат под дејство на алкохол и дрога, често се замижува за да не се направи збрка или проблем во училиштата. Исправени пред еден ваков проблем,  надлежните, родителите и самите деца често одлучуваат да молчат. А со молкот се  нанесува двојно поголема штета.
Дрогата е насекаде. Заплашува фактот што таа е сў поприсутна во училишните дворови и клупи. Зголемениот надзор и обезбедувањето на училиштата сў повеќе се наметнува како потреба, но и будноста на  родителите, кои немаат контрола врз однесувањето на најмладите надвор од училниците, во нивното слободно време. Повеќето од децата водени од љубопитството, ниту знаат што користат ниту, пак, какви се последиците од консумирањето на дрогата. Токму поради тоа е потребен зголемен ангажман на училиштето и на невладините организации за да се предупредат младите  од опасноста на современите пороци. 
Љубопитноста на малолетниците нема граници. Несвесни за последиците од користењето на дрогите, почнуваат да си "играат" со "дијазепам", тревки, па се навлекуваат на марихуана и хероин. Иако се споменува дека малолетниците од 14-15 години најчесто сакаат да експериментираат со дрогите, некои податоци говорат дека се намалува возрасната граница на корисници, па дури дека има  и деветгодишни деца кои се навлезени во вителот од кој тешко се наоѓа излез. Препуштени сами на себе, чувствувајќи се маргинализирани  во општеството и под силен притисок на полицијата, која го стега обрачот околу нив, со оглед на тоа дека користењето на дрогата во земјава се смета за прекршок, децата се групираат и скришно го пробуваат првиот канабис или хероин. Моментот кога нивните родители, професори, или средината во која живеат ќе станат свесни за проблемот, најчесто доаѓа предоцна. Алармантните податоци што ги покажуваат анкетите, кои се анонимни, поради што децата отворено зборуваат за своите проблеми, повторно го вклучија црвеното светло. Овој пат нема да биде доволно само да се зборува, укажува, да се предупредува. Потребна е добро осмислена стратегија за дрогата да се оттргне од училишните клупи и дворови. Оти токму училиштето е она место на кое децата би требало да се чувствуваат најзаштитени.
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани