Број 2176 понеделник, 16 октомври 2006


  Мислења

   

 

Кич-митологии
Погрешно воспитување
ВЕНКО АНДОНОВСКИ

За смртта на човекот-проект кој го зборува тоа што го мисли и го прави она што го зборува
Минатата седмица ја сретнав мојата прва учителка (како што некогаш се викаа оние кои работат со деца од прво до четврто одделение): Вера Трипунова. Средбата беше куса: годините што изминале наталожиле меѓу нас нешта за кои (парадоксално) не може да се разговара долго. Освен радоста од средбата и размената на најосновните податоци (адреса на живеење, информација за најблиските), во главата ми се врежаа неколку реченици на жената која нж описмени: „Се радувам на сите успеси на сите вас кои ве учев; само мислам дека целосно погрешно ве воспитувавме. Ве воспитувавме за некое друго време, не за ова".

Минаа неколку денови, а јас постојано мислам на тоа што го кажа учителката, наставничката, професорката (ми кажа, со тивка гордост дека напредувала низ сите три можни звања во нејзината професија). Како нж воспитуваа, за какво време, и зошто тоа воспитување кое ни го дадоа не одговара за денес?

Кога човек би нж погледнал отстрана, како се движиме, како комуницираме, кои вредности на комуникацијата ги поставуваме во преден план, тогаш навистина излегува дека реченицата на професорката може да се смета за длабоко вистинита. Во една реплика на еден лик на странец затекнат во Македонија, од еден мој сж уште неизведен текст, уште пред средбата со учителката, имам запишано: „Научив дека во оваа земја единствената чесна професија е да бидеш арамија". Мислам дека во таа реплика и јас сум го дијагностицирал истото тоа што го искажа и таа.

Денес, со чесен труд во професијата не можеш да бидеш ништо освен - социјален случај. Тоа е општа вистина, еден вид рефрен на јавното мислење. Речиси и нема човек во Македонија со забележливо материјално богатство кој може да каже: „Ова го заработив чесно, од својата професија", затоа што, на пример, лекарите земаат по 300 евра плата; професорите на Универзитетот меѓу 300 и 500; професорите во другите степени на образованието меѓу 200 и 300, службениците по 150 - 200. Со такви просечни плати, кога тие ќе се споредат со трошоците, неумесно е да се каже: „Јас печалам од својот занает". Ако е така, се поставува прашањето: од што живеат сите тие луѓе кои спечалиле богатства?

Живеат, се разбира од активности кои се скриени зад завесата на театарот наречен општество. Нема овој пат на долго и на широко да говорам дека политиката е една од тие длабоко „театрални" дисциплини: си има своја сцена и сите ние обично гледаме што се случува на неа, но ретко кој знае што се случува зад сцената, меѓу артистите и запчениците на механизмите кои ја менуваат сценографијата. Па, сепак, чувствуваме дека тоа што го гледаме има некаква лажовна заднина: на пример, на сите ни е јасно дека има пратеници за кои дознаваме дека биле избраници на народот дури откако ќе им заврши мандатот, оти ни еднаш не се појавиле ниту на говорница, ниту пак изрекле јавен став на каков и да е друг начин, а сепак, нивните плати (вкупни приходи) биле два пати, дури и три пати поголеми од платите на другите професии. Затоа, народот нив ги доживува како еден вид „артисти" и „измамници". И тоа е дел од јавното мнение, изразено низ она клише: „Сите тие се исти". Тоа, се разбира, ги нервира политичарите зашто е генерализација од типот: „Сите Албанци се лоши" или „Сите Македонци се добри", а познато е дека сите такви генерализации по дефиниција водат кон лажни заклучоци. Па, сепак, има реална подлога зошто народот мисли така, барем поголемиот дел од него (сиромашниот): тој народ, на кој му припаѓам и јас, едноставно бил погрешно воспитан.

Бил воспитан: да не краде, да не лаже, да учи и да работи чесно, да го цени трудот („Трудот го создал човекот"), да го сподели она што го има со посиромашниот. Тој веќе изумрен човек од музејот на историјата, еден вид етички диносаурус од социјализмот, тој човек-проект бил воспитуван дека не е важно неговото потекло, туку неговиот квалитет како единка: му било всадувано во глава дека, ако е способен, дури и синот на метларот или земјоделецот може да стане лекар, професор или претседател на Републиката, исто како што му било всадувано во главата дека ако не го бидува, дури и синот на лекарот или претседателот на Републиката може да падне на скалата на социјалните слоеви, до метлар. Тој така воспитан народ верувал во теоријата на „пропустност" меѓу социјалните слоеви, која е знак на хумано и демократско општество. Така бил воспитуван, ама во реалноста денес нема ниту трага од тоа: синовите на лекарите се лекари, синовите на политичарите - политичари или бизнисмени, а синовите на земјоделците и метларите - земјоделци и метлари.

Таа измама на лажното воспитување сега нж удира по глава. Ја доживуваме како страшна хипокризија, како промашен живот, како живот во погрешна земја. И уште кога гледаме како некои од оние кои нж водат нж гледаат во очи и нж лажат, не исполнуваат ниедно ветување, се грижат само за сопствените семејства и привилегии, тогаш сигурно како на најголема глупост гледаме на лекцијата „ЗДРАВА ЛИЧНОСТ" (го помнам и насловот), од предметот Психологија во средното образование. Таму, како сега да го гледам учебникот пред себе, пишуваше: здрава личност е онаа кај која постои единство на мислата, говорот и постапките. Според тоа, здрава личност би била онаа која го зборува истото тоа што го мисли и го прави она што го зборува. Со тој принцип долго време се подбиваа нашите „демократи", сметајќи го за остаток од соц-реалистичката педагогија и психологија; јас, на пример, и денес верувам во него.

И затоа, погрешно сум воспитан. Демоде сум. Оти, кога ќе видам како нашите првенци во политичкиот живот едно мислат, друго зборуваат, а трето прават, ми се превртуваат цревата. Всушност, ми кркорат. Сеедно е: ако не сум воспитан за ова време, не заслужувам ни да бидам сит. Кога е „воспитанието" вистинско, златни порти отвора, портите зад сцената наречена општество!

(Авторот е професор на Филолошки факултет)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани