Број 2176 понеделник, 16 октомври 2006


  Личност на денот

   

 

Андре Агаси
За него малку е да се каже дека (беш)е спортска легенда. Андре Агаси отсекогаш бил повеќе од само успешен тенисер. Требаше да се видат овациите и солзите во очите на 24-илјадната публика на тенискиот стадион „Артур Еш" во Њујорк по неговата елиминација во третото коло на Отвореното првенство на САД за да се сфати неговата големина. Со начинот на облекување, со бојадисувањето на косата (кога ја имаше), со темпераментот и со емоциите што ги внесуваше во играта што го прослави, но и со браковите со холивудската ѕвезда Брук Шилдс и подоцна со една од најдобрите тенисерки во историјата Штефи Граф, Агаси во целата своја 21-годишна кариера беше вистински идол на младите низ целиот свет. Сам избра да се повлече таму каде што во 1986 година и почна приказната за синот на американски доселеник од Иран со афинитети за аристократскиот спорт. Судбината сакаше 36-годишникот да се прости од тенисот против Германецот Бекер, но не Борис, со кого во минатото многупати го вкрстуваше рекетот, туку со својот сонародник Бенјамин. Квалификантот немаше разбирање за победникот на осум турнири од гренд-слем серијата за фактот дека е еден од само петте тенисери во историјата со триумф на сите четири гренд-слема, за 60-те АТП-титули на Агаси. Спортската историја сигурно ќе ја поправи „грешката". (Р.Д.)



 
© 2001 Утрински Весник, сите права задржани