Број 2176 понеделник, 16 октомври 2006


  Коментар

   

 

Фудбалска еуфорија
Фарко Шакири

„Некои луѓе мислат дека фудбалот е прашање на живот и смрт, верувајте ми тој е повеќе од тоа", ова е планетарно позната реченица на Бил Шенкли, легендарниот менаџер на уште полегендарниот Ливерпул, која суштината на својата мисла ја спозна на „Енфилд роуд", фудбалскиот храм на кој некогаш и сега фановите на Ливерпул првенствено го слават фудбалот како игра, во која актерите во своето џентлменско надигрување до максимални граници го креваат адреналинот на своите обожаватели. Кога сме веќе кај него, денес во Скопје пречекуваме дружина која клупската идеологија и менталниот склоп на фановите ја крева на национално ниво. На Градски во 21 часот ќе истрча селекцијата на Англија. „Гордиот Албион" со својот нов менаџер, Стив Мекларен, и без својата довчерашна икона, Дејвид Бекам, ќе се обиде уште еднаш да ги отсвири новите ноти на англиската фудбалска мелодија, компонирана токму од Мекларен, и која во моментов е голем хит во Европа. Фасцинантниот скор од 9:0 од двата натпревара (4:0, пријателски против Грција и 5:0 против Андора во првиот квалиикациски меч за ЕП 2008), влева стравопочит, а визуелниот ефект од тие средби, недвосмислено го сервира впечатокот дека Англичаните изгледаат како преродени и ослободени од „прангите" на ексселекторот Свен Ериксон.

За среќа, нашите разгоропадени фудбалски момчиња, под диригентска палка на композиторот, Среќко Катанец, ноторните факти од скорот на Англичаните ги третираат школски. Ниту ги преценуваат ниту ги потценуваат, туку во кул-психичка состојба со нетрпение го чекаат стартот на втората битка од серијалот наречен „војна" за пласман на Европското првенство 2008. Апсолутно свесни за својот моментален потенцијал и квалитет, дополнително зацврстен на шестдневните подготовки во Охрид, фудбалерите пред мечот на годината против Англија се неверојатно мирни и заклучокот „затишје пред бура" се наметнува сам по себе. Факт е дека трите едноподруго победи на нашата селекција и новиот стил на работа на Среќко Катанец го направија своето. Влезе во порите на нашите репрезентативци толку посакуваната самодоверба, а во менталниот склоп дека со секого може да се игра. Се разбира, со потребно консултирање на реалноста - да не се изгори во преголемата желба да се совлада големиот противник. А до пред извесно време, кога стануваше збор за фудбалот, мерката на нашата тага беше лесно предвидлива, поради една ужасна причина. Ние навикнавме да губиме, а сопствените порази ги сметавме за природни. Се надеваме дека таа состојба на умот е надмината, а фудбалерите докажаа дека имаат свој дух, свој карактер, и на овие карактеристики нека се приспособува противникот.

Еуфоријата која го следи овој натпревар никогаш не била карактеристична со онаа кога станува збор за кошарката, ракометот, одбојката. Едноставно, тука системот на вредности е таков, затоа одбојката, кошарката, ракометот се само „спортови", а фудбалот е тоа за што зборува Шенкли. А неговата мисла на фудбалските фанови им претставува дополнителен аргумент во полемиките со оние кои не можат да разберат дека животот подеднакво го исполнуваат семејството, работата, уметноста, но и фудбалот.

И додека се гребеме по острите рабови на еуфоричната состојба, се прашуваме што ќе биде по завршувањето на вечерашниот меч. Сигурно дека не треба да резонираме во стилот на хамлетовското да се биде или не. Дефинитивно, овој натпревар не е тоа. Ако го урнеме „Гордиот Албион", тоа ќе биде вистински фудбалски подарок за 15-годишнината од нашата независност. Ако загубиме, како вистински спортсмени, кои знаат да бидат големи и во поразот, на противникот да му ја подадеме раката. Сигурно е едно. Кој било епилог нема многу да промени од нашата реалност. Можеби победата, ден- два ќе нж оддалечи од неа, но на крајот пак ќе дишеме со неа.

И на крајот. Од претставниците на УЕФА во текот на вчерашниот ден стигна остро предупредување околу евентуалните расистички испади на нашите навивачи. Да потсетиме. На натпреварот против Англија во 2003 година група нецивилизирани навивачи практикуваа расизам и го запалија англиското знаме. Тогаш поминавме со парична казна. Овој пат евентуалното повторување на сцените од 2003 ќе нж чинат многу поскапо. Парична казна, одземање бодови, играње пред празни трибини на стадион во странство. И она што е најбитно - поради такви маргиналци - квалификација дека имаме сериозен проблем со појава против која во светот се води жестока кампања. Токму поради тоа денес треба да бидеме достоинствени и на теренот и на трибините и надвор од него. Само такво однесување е дел од билетот што води во Европа.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани