Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  Свет

   

 

По самитот на американскиот и британскиот лидер во престолнината на САД
Буш и Блер договорија план за Палестина
Израел ќе мора да овозможи избори за наследник на Арафат; Тони Блер и Џорџ Буш

Од нашиот дописник Томислав Ивановски



ЛОНДОН - Завршувајќи ја својата дводневна работна посета на САД, британскиот премиер Тони Блер им изјави на новинарите што го следеа во Вашингтон дека е задоволен од разговорите со претседателот Буш. "Најважно е дека ги договоривме чекорите што треба да се преземат за да се дојде до траен мир на Блискиот Исток°, изјави Блер. Според него, првата задача ќе биде да им се помогне на Палестинците да изберат наследник на Јасер Арафат, а потоа да им се помогне во економското закрепнување, како и во изградбата на полициски и безбедносни структури кои се предуслов за постоење на палестинската држава.

Блер и Буш навестија дека во следните четири години е можно да дојде до создавање независна палестинска држава. "Иднината на Блискиот Исток е во постоењето две држави, Израел и Палестина, кои една покрај друга ќе живеат во мир°, порача Џорџ Буш по завршувањето на неговиот дијалог со Блер, прв што тој го имаше со еден западен лидер по повторниот избор за претседател на САД. Според него, следните месеци нудат шанса во овој регион, конечно, да се воспостави траен мир, но му порача на палестинското раководство дека предуслов за тоа е прекинување на екстремизмот.

Британската јавност главно позитивно ја оценува посетата на Блер и особено согласноста на двајцата лидери да се почне здраво да се работи врз проектот за создавање палестинска држава. Според лондонски "Тајмс°, значајна е подготвеноста на Блер и на Буш да дадат економска, политичка, но и секаква друга помош при создавањето палестинска држава. Весникот вели дека оние што чекаа нов пратеник за Блискиот Исток, или согласност за одржување нова меѓународна конференција за израелско-палестинските односи, сега можеби се разочарани што таа можност не се споменува. Меѓутоа, "Тајмс° смета дека разочарувањето или критиките за последниот самит во Вашингтон се пребрзи заклучоци, затоа што акциите што ги навестија Блер и Буш во Вашингтон се исклучително важни, најмногу затоа што прв пат по подолго време се мошне практични. Уште пред самитот во Белата куќа, "Тајмс° најави дека двајцата лидери работат на нов план за Блискиот Исток и дека тој на разговорите во Вашингтон беше само усогласуван.

"Гардијан° го истакнува ветувањето дека двајцата лидери ќе поддржат воспоставување демократска власт на палестинските територии, што значи дека Израел ќе мора да овозможи избори за наследник на Арафат. Тоа со други зборови значи повлекување на израелската војска и тргање на барикадите од патиштата за да може непречено да се одржува предизборна кампања. Се смета дека Блер верува оти решавањето на палестинското прашање ќе го намали антагонизмот што постои во однос на Запад во исламскиот свет, а посебно спрема САД.

Како и да е, ваквите реакции во Лондон се разликуваат од оние пред патувањето на Блер, кое се означуваше како патување на поклонение кај Буш, при што му се забележуваше што само тој и понатаму продолжува да ја покажува својата зависност од американскиот претседател и од неговата надворешна политика. Медиумите главно не веруваа во тоа дека овој самит ќе му биде посветен на Блискиот Исток и на поведување нова мировна иницијатива. Веројатно поради тоа премногу гласност не доби дури ни прашањето на еден новинар на прес-конференцијата во Вашингтон кој од Буш побара коментар во врска со пишувањето на британските медиуми кои Блер го обвинуваат дека е обична пудлица на американскиот претседател. Остана нејасно зошто оваа забелешка не доби гласност, но најверојатно поради резултатите од самитот или можеби поради реакцијата на американскиот претседател кој само дофрли дека е почестен што во неговиот претседателски мандат како премиер на Велика Британија е токму Тони Блер.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани