Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  Писма

   

 

Ослободување на Скопје
Радица Николовска-Бојаџиев, Париз

Помеѓу старите писма од татко ми, кои по којзнае кој пат ги препрочитувам, ми се најде и избледена листа со имиња на Градскиот народно-ослободителен одбор на град Скопје по разни секции и групи, составен некој ден пред ослободувањето на Скопје. Листот е пожолтен и избледен како и моите сеќавања, но имињата кои се на листата, се надевам, ќе ми ги освежат сеќавањата за тие значајни денови од пред шеесет години. Меѓу бројните имиња се наоѓаат и имињата на Кирил Пенушлиски, Димче Зографски, Тодор Шоптрајанов, Панта Поленак, Тодор Зографски, па и на мојот подоцнежен професор по математика, Милан Ацевски, и на Фазикас кој ни ги штимаше клавирите. Во неколку секции го сретнав и името на татко ми, Борис Николовски, мајстор Боро Турчинот.

Ослободувањето на Скопје се очекуваше веќе подолго време, пред денот "Д". Некаква посебна тишина во едно немирно време. Мајка ми и јас се спасувавме од сирените и од бомбардирањето далеку од Скопје, во Долно Водно, во куќата на прекрасното семејство Мицкови. Нивната куќа доминираше, а селото и цело Скопје беа како на тепсија. Кај нив беше прибрана, ми се чинеше, половина од нашите скопски пријатели. (Долги години откако старата власт им го одзеде селото на водњанците, куќата на Мицкови постоеше оставена како жив сведок за неправдата што им беше направена на водњанците и како единствен пример за убавата македонска архитектура). За време на мојот неодамнешен престој во Скопје, се обидов барем оддалеку да ја најдам таа убава куќа, но ако постоеше, таа сигурно ќе беше изгубена помеѓу новите грди конструкции на Водно! Во тие денови на заедничко очекување да се случи нешто важно, сите знаевме и сите молчевме дека двајцата постари синови на Мицкови, чичко Јордан и чичко Панче, со торбите на рамо заминаа во партизани. Мислам дека одвреме-навреме се појавуваа дискретно во куќата и пак ги снемуваше. По патеката што водеше кон Горно Водно мирно како во "индиска колона", младите сў почесто и поодлучно заминуваа "на уранак", така ни објаснуваа мајките. Тетка Ленка чекаше абери што и доаѓаа од синовите, Димче и Јордан Бражански, подоцна наши познати новинари....Татко ми тие денови набрзина доаѓаше да нў види и да нў земе в град, повеќе од потреба за некои од неговите мистериозни состаноци, час кај нас дома час во една куќа некаде во Кисела Вода каде одев и јас, но и во црквата "Цар Константин и царица Елена" со благослов на добриот поп Киро Стојанов. Голем број железничари веќе не одеа на работа или беа во илегалство, но нивните акции беа навистина за пофалба во тие опасни денови. Кај нас во куќата биле скриени сите инструменти на познатиот железнички оркестар, а саботажите на воените возови стануваа сў почести. Неколку дена пред денот "Д" во навидум смирениот град се гледаше овде-онде како од под некој вршник, пламен или чад. Во вилата "Мацура", долу под куќата на Мицкови каде што имаше некаков германски штаб, гледавме како се пали администрацијата, исто и во вилата до денешното училиште "Кочо Рацин" што беше пак некое воено седиште. Покрај родителите, и ние децата се радувавме на тие пламени, и за нас тие беа знак на нешто добро, на живот без сирени и авиони, на спиење облечени со чевли, со торбите со леб и со вода до главите...

Денот "Д" беше особено студен. Небото покриено,

мислиш со рака ќе го фатиш. Градот не се гледаше од магла. Земјата заледена, "камен пука"! Татко ми таа ноќ ја преседе со нас во очекување на "нешто". Утрината многу рано, уште пред зори, дојде неговиот колега железничар, мислам се викаше Никола Ѓеоргиевски, и на велосипед заминаа тивко некаде. Подоцна разбрав дека ним им била дадена задача да стасаат до Трубарево и да ја задржат бугарската војска во случај да се обиде прва да влезе во Скопје. Двајцата стасале до Трубарево, но не можеле да ја минат "линијата" блокирана од Германците. Ама, сепак, Бугарите не влегоа во Скопје, а во тоа време, во студените ноемвриски зори се слушна оддалеку песна, песна на македонски - ,,...во борба смела, борба смела, борба, македонски народе, за света народна слобода, со песни и радост се мре"... И сега, додека се сеќавам на ова, грлото ми се стега и очите ми се полнат со солзи. Сите истрчавме на патот, а партизаните меѓу кои имаше и млади, такаречи деца, во опинци, слабо облечени, па им смрзнале рачињата, ама пеат ли пеат спуштајќи се кон Скопје. На едно му паднаа куршумите, па мама со мајчинска љубов му ги собра и му рече: "Како, бре синко, ќе пукаш?" "Ќе биде тешко, не се плаши". Отидоа пеејќи кон центарот, такаречи испразнет од окупаторот, освен некаде кон железничката станица ( која му лежеше посебно на срце на татко ми), каде што мислам дека се самоуби германскиот командант. Нешто повеќе жртви паднаа кај старата убава учителска школа која денешната младина нема среќа да ја знае (бидејќи она што не уништи земјотресот, уништи нашата несовесност!). За одмазда, при бегањето, окупаторот застрела шестина видни невини граѓани токму на нашиот убав Камен Мост. Едно време таму имаше чешмичка што нў потсетуваше на направеното злосторство.

Другиот ден, по денот "Д", дури не беше ни толку студено како претходниот и се слушаа пукотници од Матка. Народот се плашеше за браната, за изворот на Рашче .... Но за мене војната беше завршена, брат ми ни се јави од некаде жив и здрав, тетка Ленка, пријателката на мама, се пофали за добрите вести од синовите Бражански, а братучетка ми Благојка со Македонско-косовската бригада, мислам, стигнала до Ѓорче Петров и за првпат по сите партизански години, катастрофа, си ги скршила очилата.... За мене, сў уште дете, среќата беше комплетна, чекав да започне школската година со задоцнување и учењето на македонски јазик....

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани