Број 1627 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Македонските амбасадори во САД и во Грција на консултации во Скопје
Се подготвува контраодговор на грчката офанзива околу името

Амбасадорите на Македонија во САД и во Грција, Никола Димитров и Благој Ханџиски, денеска треба да имаат консултации со претседателот Бранко Црвенковски и со министерката Илинка Митрева околу тоа како да се води натаму дипломатската борба за уставното име на земјата. На средбата треба да биде договорена стратегија како да се парира на грчката офанзива, не само во ОН, туку и во Европската унија и земјите-членки кои се наклонети на македонската позиција. Во МНР овие консултации ги ставаат под описот редовни, но јасно е дека ситуацијата во односите меѓу Македонија и Грција е вонредна, па бара дополнително внимание.

Она што се навестува веќе подолг период е дека македонскиот државен врв нема да се откаже од преговорите во Њујорк и во согласност со тој став ќе му даде налог на амбасадорот Димитров да продолжи со активностите во ОН, за да се смират грчките реакции, но пред сў за да се подготви терен за нов дипломатски пробив на овој план. Амбасадорот Ханџиски, пак, ќе има задача да ги испегла односите со јужниот сосед, т.е. да ги увери дека признавањето на уставното име од страна на САД нема да влијае на ставот на македонската Влада за градење пријателски односи со Грција, иако очекувањата на Атина се дека таа сега ќе стане нефлексибилна кога се во прашање преговорите околу името. (Н.Р.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани