И покрај најавите за преврат во ИВЗ Утринската молитва за Бајрам помина без инциденти
Во Јахја-пашината џамија во Скопје, вчераутро се одржа централната молитва
наречена Бајрам-намаз, на која покрај голем број верници, присуствуваше и
поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема Хаџи Ариф Емини, кој
учествуваше и во традиционалниот обреден ритуал. Иако имаше најави дека поради
тензиите во Заедницата, на поглаварот нема да му биде дозволен влез во оваа
џамија од страна на истомислениците на скопскиот муфтија Зенун Бериша, кои
заговараат насилен преврат, тоа сепак не се случи. Истовремено, забележливо беше
отсуството на спорниот муфтија Бериша.
Претпладнето, по молитвата,
архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го посети поглаварот на ИВЗ во
неговиот кабинет, каде што му го честиташе големиот муслимански празник.
Непосредно по оваа средба, реис ул улема ги прими и лидерите на албанските
политички партии - ДУИ, ДПА и ПДП, чија посета токму во период кога во
Заедницата се случуваат сериозни превирања, може да значи и отворена поддршка на
актуелниот претседател на ИВЗ. Поглаварот Хаџи Ариф Емини имаше и средба со
имамите од Скопското муфтиство кои подолго време бараат смена на муфтијата Зенун
Бериша и стриктно почитување на Уставот на Заедницата.
По повод верскиот
празник Рамазан- бајрам, претседателот Бранко Црвенковски, упати честитка до
поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис ул улема
Хаџи Ариф ефенди Емини, како и до сите верници од исламска вероисповед.Честитки
упатија и премиерот Хари Костов и претседателот на Собранието, Љупчо
Јордановски. (Б.Ј.)