Досега преку оваа колумна дискутирав за неколку теми врзани со уставното
уредување на Република Македонија - идниот тек на децентрализацијата,
толкувањето на Охридскиот рамковен договор и предлогот за парламентарен модел на
власта. Како едно далечно ехо на американските федералистички тетратки, нашето
мало „друштвенце на мртвите теоретичари“ ме замоли да се обидам да го сублимирам
својот придонес во дебатава преку натамошно објавување на центрипенталистичките
тетратки, бидејќи расправата за уставните промени во Македонија е премногу
сериозен проект за да дозволиме да им биде препуштена исклучиво на правниците,
економистите, социолозите и историчарите. Македонската политичка наука има многу
нешта кои допрва ќе ги изложи во оваа дебата. Зошто токму
„центрипентализмот“ го избирам како термин? Одговорот произлегува од досегашниот
развој на македонската демократија, како и од внатрешните динамички процеси во
изминатите 15 години. Во Македонија мора и институционално да се осмисли систем
што ќе ја интегрира политичката заедница и што ќе искреира политичка нација.
Токму од овие причини е потребно институционалниот дизајн да биде центрипетален,
бидејќи центрифугалните тенденции во македонското општество не ни даваат „светла
перспектива“ на среден и на долг рок, а со погрешен институционален дизајн може
само да се влошат нештата. Како го дефинираме
центрипентализмот? Во својата минатогодишна студија Centripetal Democratic
Governance: A Theops and a Global Inquips, група научници од Бостонскиот
универзитет корените на центрипентализмот го наоѓаат во аргументите на Томас
Хобс (спротивставени на аргументите на Монтескје) на теоретски план, како и во
Вестминстерскиот модел како институционален одраз на теоријата (тука има многу
место за спорење на примерот во светло на рекомпонирањето на британската држава
- процес што Тони Блер го предава како своја оставина). Центрипентализмот го
дефинираат како модел што овозможува централизирана власт и најшироко учество на
сите актери во политичкиот процес. Всушност, овој модел овозможува „добро
владеење“ преку суверено и ефикасно функционирање на институциите кои
истовремено овозможуваат агрегирање на сите идеи, интереси и идентитети од
современото општество. Клучни карактеристики на центрипентализмот, според нив,
се - унитаризмот, парламентаризмот и пропорционалниот изборен систем со
затворени листи. Моделот кој е директно спротивен на центрипентализмот тие го
нарекуваат „децентрализам“, а негови клучни одлики се федерализмот,
президенцијализмот и мнозинскиот изборен систем. Во услови на поделено
општество, полувековна историја на тоталитаризам, економска стагнација и жестоки
политички поделби во сите потсегменти на македонското културно поделено
општество, центрипентализмот е единствената солуција за градење на политичка
нација во Република Македонија, како и за обединување на политичката заедница,
премостување и трансцендирање на разликите. Притоа, центрипентализмот во
македонскиот случај не треба единствено да се обезбеди на централно ниво, туку
центрипенталните солуции мора да се форсираат и на локално ниво. Спецификите на
македонскиот случај во уставната дебата ќе мора да си го најдат својот пат и во
соодветно дизајнирање на институциите на системот. Токму тука ќе се соочиме и со
најголемата слабост, бидејќи македонската политичка, правна и економска наука
досега не успеа да произведе соодветни анализи на функционирањето на актуелното
уставно уредување, ниту, пак, да предвиди сценарија или симулации за идниот
развој на политичката заедница кај нас, имајќи ги предвид актуелните уставни
решенија или алтернативите. Центрипеталното
прекројување на македонските институции, всушност, треба да им овозможи на
граѓаните на Македонија тие да си ја освојат својата слобода и да дојде до израз
суверенитетот што произлегува од секој граѓанин, а кој теоретски извира од оној
метадоговор за федерирање на индивидуите во политичката заедница. Секоја
планина, своја тежина, вели нашиот народ, па така и секој граѓанин е волшебен
сплет од идентитети, интереси, потреби, идеи и барања што мора да дојдат до
израз преку дебатите во цивилното општество и потоа да бидат соодветно
канализирани низ институциите на системот. Во постојниот случај можеме лесно да
забележиме дека со актуелниот институционален дизајн овој проток на граѓанските
иницијативи е сопрен низ бројните лавиринти на системот а, од друга страна, и
самиот институционален дизајн ги зајакнува и амплифицира поделбите меѓу
граѓаните, наместо да овозможува нивна интеграција во соодветна политичка
заедница. Во тие услови кај граѓаните природно се наметнува потребата од
алиенација од политичкиот процес што на долг рок креира политичка нестабилност и
претставува потенцијално жариште на сериозни кризни ситуации (во услови на
закрчени институции, граѓаните го активираат последното што им стои на
располагање - правото на побуна, а веќе пишувавме дека во теоријата на
демократијата тираницидот - убиството на тираните или узурпаторите - се смета за
легален чин). Токму од овие причини според центрипеталниот модел е клучно да
се обезбеди агрегирање на сите интереси на граѓаните и нивните неформални и
организирани групи, а самиот политички процес да произведува применети политики
кои ќе бидат преточени во практиката. Центрипеталните теоретичари го сублимираат
ова со синтагмата дека „гласот, а не ветото“ е централна точка на
центрипеталниот модел. Оттука и потребата за силни политички партии, длабоко
втемелени во општеството, наместо нашите актуелни симулакруми од политички
партии. Политичките институции мора да функционираат ефикасно и беспрекорно, со
истовремено овозможување на сите медиуми кои и се потребни на единката за
нејзина целосна еманципација, како и можности за индивидуата за нејзина
непосредна комуникација со институциите или, пак, посредна комуникација преку
една цела серија посредници (политички партии, интересни групи, невладини
организации, професионални здруженија и слично). Оттука македонскиот
центрипетализам треба да го одликува унитарноста на државата, парламентарниот
модел (избор на шефот на државата во парламентот, со јасно ограничени и
минимални овластувања) и персонализираниот пропорционален модел за избор на
пратеници на национално ниво. Македонското отстапување од идеалниот
парламентарен модел е претставено со Бадинтеровото мнозинство, кое оневозможува
мајоризација на малцинските етнички заедници и кое претставува некаков вид
„ограничена или виртуелна дводомност“. На локално ниво, пак, потребно е веднаш
да се оживее дебатата за повторно осмислување на локалната самоуправа, преку
воведување политипни општини (градски квартови и рурални заедници - каде што би
се заштитила мултикултурноста на микро-нови), инсистирање на почитувањето на
Бадинтеровото мнозинство и на локално ниво, како и отворање на дебатата за
потребата од воведување региони во Република Македонија. Овие
институционални механизми треба да овозможат преклопување на интересите,
трансцендирање на разликите и политичко обединување на нацијата. Во
последните неколку месеци во Македонија срамежливо се отвора дебатата за
уставните промени и за рекомпонирање на македонскиот институционален систем.
Притоа, конечно во Македонија се наметнува суштинска дебата на политичко ниво
наместо здодевното и беспредметното инсистирање на толкувањето на процедурите.
Од овие причини се надевам дека ќе се развие вистинска дебата и дека и овие
иницијативи нема да пропаднат во дискурсот на македонското племенско толкување
на политиката и јавниот дискурс. Демократијата и јавната дебата се втемелени на
рационализмот и оттука ги одбивам сите обиди да бидам претставен како било чиј
соплеменик. (Авторот е магистер по јавни и меѓународни работи) http://theskopjetimes.blog.com.mk