Број 2184 понеделник, 16 октомври 2006


  Обраќање

   

 

Оставка за зачувување на достоинството
Писмо од амбасадорот Ѓорѓи Спасов до премиерот Никола Груевски

Се запознав со Вашата изјава, според која ,,новата владина гарнитура ја загубила довербата во мене" и ја слушнав Вашата сугестија дека, да сте на моето место амбасадор, во ваков случај, Вие сами би се повлекле од функцијата.

Причината за загубената доверба во мене е мојот напис објавен во „Утрински весник" на 29-30 јули годинава. Тоа е еден единствен текст во текот на целата моја дипломатска кариера објавен во домашниот печат. Во него изнесов мислење дека треба да Владо Бучковски си поднесе оставка, а не Владата на Македонија. Но, како и да е, тој напис од ваша страна е оценет како, (перманентен) акт на занимавање од моја страна со домашните, локални и партиски политики и како сигурен индикатор дека јас не можам (во вршењето на амбасадорската должност) да се оттргнам од она што сум бил (член на политичка партија).

Тоа е, во најмала рака, целосна невистина или погрешен впечаток.

Дипломатската функција во Лондон, како што знаете, не е моја прва дипломатска должност во животот.

Јас бев првиот амбасадор на Македонија во Бугарија, од 1994-1997 година. Крими-приказните за тој период од моето дејствуање, за кое пишуваше еден член на СДСМ, завршија со мојот избор за пратеник во 1998 година и повторно со избор за пратеник во 2002. Вие, господине претседателе, знаете дека за извршувањето на функцијата амбасадор во тој период сум награден од претседателот и од владата на Бугарија со орден „Мадарски конаник со сребрени зраци". Тоа е највисокото одликување за странски дипломати и се доделува за успешна работа и унапредување на дипломатските односи.

Во текот на овие 15 години, повеќе од шест години ја извршувам функцијата амбасадор на РМ и со тоа сум еден од амбасадорите со најдолг стаж во дипломатијата на независна Македонија.

Ако сакавте со Вашата изјава да кажете дека со мојот единствен напис, во домашниот печат сум Ви дал доказ дека сето ова време не сум работел во интерес на македонскиот народ, туку само во име на партијата на која сум ч припаѓал, тогаш во најмала рака не сте фер. А Вие сте биле и боксер и знаете дека тоа е важна работа во животот.

Глупаво е сам да зборувам за тоа што сум работел и што сум сработил како амбасадор. Сега сте премиер и можете сам да ги проверете фактите. Погледнете во архивата на МНР. Таму ние-амбасадорите секоја година испраќаме извештаи за нашата работа. Бидејќи, за жал, оцените на никого не му се достапни (дури ниту на Комисијата за надворешна политика на Собранието), јас проверив дека амбасадата во Лондон, врз основа на анализите во МНР, покажува најголем степен на активности и е меѓу најуспешните македонски амбасади во светот во изминатите три години.

Но, ако не им верувате на институциите на нашата држава, погледнете што пишува за мојата работа во Лондон, мошне угледното списание „Дипломат", бројот за јануари и февруари 2006, кое го издава британското Министерство за надворешни работи.

По објавувањето на овој напис, македонската амбасада и јас лично добивме многу честитки од дипломатската заедница во Лондон

За овие три години, господине претседателе, бидете убедени дека приоритетите и целите на дефинираната надворешна политика на Македонија беа приоритети и цели на амбасадата во Лондон и мои лични приоритети и цели кои успешно се остварувани.

Ако е јасно ова, тогаш останува гревот што јас сум објавил напис во кој го изнесов своето мислење, пред сж како доктор и професор на политички науки, според кое: ,,За демократијата во Македонија е здраво ако лидерите на големите политички партии по пораз на изборите (во овој случај лидерот на СДСМ) поднесат оставка. Со тој чин, тврдам и денес, таквите партии ќе установат морален авторитет и практика здрава за развојот на демократијата во Македонија".

Тоа мое пишување, а особено по одговорот на Јорданов��ки, кого со ништо не го предизвикав, кај нас, како и многу други работи, од страна на некои новинари, со леснотија е прогласено за скандал, преседан и недолично однесување. Ќе имате можност да се изнаслушате и да се изнагледате такви работи за време на Вашиот мандат. И тогаш ќе се сетите на мене.

Јас ќе Ве потсетам само на колумните од мојот почитуван колега Мухамед Халили. Тој од пред една година е министер-советник во амбасадата во Лондон, и во овој момент, додека сум јас на консултации поради написот во ,,Утрински весник", ја врши функцијата амбасадор во Лондон со исто толкав грев на душата.

Само постои една разлика. Во тие негови колумни, кои се масовно цитирани и фалени во македонскиот печат, и никој не ги нарекува скандал, преседан или недолично однесување, тој го изнесува своето мислење дека ДУИ не треба да биде во Владата, туку како што одбравте вие - ДПА. Искрено се надевам дека со овој пример нема да му наштетам на колегата Халили, кој е одличен дипломат.

Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, за време на консултациите, ме убедуваше дека Вие сте морале да го направите тоа поради притисокот од јавното мислење. Се создала атмосфера. Мислам, поволна за менување на амбасадорите.

Не сум убеден, господине претседателе, дека таа политика може да биде добра легитимација за новата Влада, а уште помалку за вас, кој ветивте владеење на правото. Ако навистина верувавте дека со објавениот напис сум го довел во прашање угледот на македонската дипломатија во светот, или пак само сте оцениле дека е тоа добар повод да побарате мое повлекување од функцијата за да поставите поспособен и подоверлив дипломат во Лондон, немаше потреба од овој вид јавен притисок врз мене. Доволно ќе беше само еден пријателски разговор. И договор.

По консултациите со претседателот на Републиката, Бранко Црвенковски, сепак донесов одлука да се повлечам од функцијата. Се повлекувам не затоа што се чуствувам виновен, ниту поради Вашата изјава дека сте ја изгубиле довербата во мене (како некогаш да сте ја имале), туку поради фактот што никој нема право да создаде услови во кои ќе трпат односите на Македонија со еден толку важен субјект на меѓународната политичка сцена и докажан пријател на Македонија каква што е Велика Британија.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани