Број 2184 понеделник, 16 октомври 2006


  Едиторијал

   

 

Ценовни шокови ги тресат граѓаните
САЊА НАУМОВСКА

Последните две шокантни вести, кои на македонските граѓани им пристигнаа во ист ден, се поскапувањето на цената на парното греење и јавниот автобуски превоз. Животот ќе стане уште потежок е првиот коментар на граѓаните. За да се платат сите сметки, ќе се скрати од храната, облеката, можеби и од здравјето и од децата. Дури и тогаш за огромен број семејства е прашање дали ќе можат да ги намират сите долгови. Тоа ќе предизвика нови социјални кризи, многумина ќе се најдат на работ на егзистенцијата, а спасот ќе го бараат во државната социјална помош.

Шокот е најголем за скопјани, дел од нив со првите сметки за парно ќе плаќаат 48 проценти поголема сума, додека битолчани ќе добиваат подебели сметки за 30 проценти. Значи, од вчера затоплувањето на еден квадратен метар станбена површина чини 35,49 денари наспроти досегашните 23,98 денари. Особено што огромните проценти не се сж што побарале битолската и топлификацијата „Скопје-Север". Ним Регулаторната комисија им одобрила помал процент за поскапување на цената на греењето, иако тие побарале граѓаните да платат и за загубите предизвикани од нивното лошо менаџирање со фирмите. Нечуено!

Од друга страна, пак, топлификација „Скопје-Север" имала загуби, бидејќи имала голем капацитет, а малку потрошувачи. Зарем менаџментот не размислува дека и претпријатието може да се офајди ако им понуди поволности на граѓаните за полесно да станат нивни потрошувачи. Околу шеесет илјади чаирчани и бутелчани чекаат ваква шанса. И најситниот бизнисмен знае дека треба да вложи капитал за да го оплоди и добро финансиски да работи.

Најава за зголемување на цените дојде и од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје". ЈСП доби дозвола од Советот на Скопје да ја зголеми цената на билетот ако се зголеми цената на нафтата. Според новиот тарифник, билет за градска линија во автобуси - крнтии кои возат без возен ред може да чини повеќе од еден литар бензин, односно 70 денари. Билетите за приградските линии уште поскапи и ќе чинат 80, односно 90 денари. Огромниот процент на можното поскапување на јавниот превоз ќе го направи целосно неатрактивен за граѓаните, со оглед на тоа дека првичните математики покажуваат дека за семејство со двајца вработени ќе биде поевтино секојдневно да одат на работа со автомобил отколку со автобус. Четири билети од 70 денари се 280 денари или 4,3 литри бензин, што е и повеќе од доволно да се дојде од која било скопска населба до центарот и обратно. Дури и такси-превозот ќе биде поевтин од едно возење во автобус. Но, во прашање е само време, кога веројатно ќе поскапи и таксито.

Двата шока се надоврзување на неодамнешното поскапување на струјата за 9 проценти и претходница на уште неколку најавени - зголемување на давачките, кои дополнително ќе им го загорчуваат животот на граѓаните. Така, во текот на идната недела Регулаторната комисија ќе одлучува за нова цена на парното за потрошувачите на скопската „Топлификација" во Тафталиџе. Процентот што е побаран официјално не е познат, но со оглед на високите зголемувања што ги добија другите две компании, јасно е што можеме да очекуваме. Најавено е и ново барање за поскапување на струјата, а скопскиот градоначалник Трифун Костовски нагласи дека ќе се заложи да се зголеми и цената на водата. Ќе може ли некој да го издржи сето тоа.

Со сите поскапувања, реализирани или најавени, најверојатно за извесен период ќе се задоволат потребите и апетитите на големите компании. Кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните, со оглед на тенкиот буџет, е друго прашање.

Дали тие за прескапите давачки ќе добијат и поквалитетни услуги, не е за верување. Со години сж е по старо, стари вентили од парно, кои не можат да се затворат во просторијата во која се грее, стари автобуси кои ќе заглават по првиот снег. Дали ќе можат да преживеат граѓаните и како ќе врзуваат крај со крај, никој не ги прашува. Одговорот е краток и едноставен -многу тешко. Во 21 век не им преостанува ништо друго, туку да размислуваат за греење со дрва, или нафта, или да се ориентираат да се возат со велосипеди, бидејќи тоа не е трошок, а е здраво.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани