Малограѓански предрасуди и метрополска култура ЛАБИНА МИТЕВСКА
Многу сме стегнати и нерелаксирани, премногу осудуваме и си дозволуваме
Многу често размислувам за стереотипите што ни ги наложува средината во
која живееме. Колку помала средина толку поголеми стереотипи, колку помала
средина толку поголеми предрасуди, толку поголеми оптоварувања за тоа што
размислува светот за нас. Нашата средина е токму таква, мала, затворена,
преокупирана сама со себе, средина во која сите сакаат да знаат сж за секого,
сите си дозволуваат да осудуваат и гласно да размислуваат за секого.
Затоа што се сосема различни во овој поглед - ги сакам големите градови.
Го сакам Њујорк, затоа што се чувствувам слободно. Го сакам Лондон, затоа што
можам да летам во облаци и на никого да не му пречи тоа, го сакам Париз поради
опциите што ги нуди и постојаната младост што ми ја дава.
Деновиве се
чувствувам нешто притиснато, на моменти ми недостига воздух. Деновиве
размислував за сериозноста на животот, за зрелоста што треба да ја дочекаме, за
одлуките што треба да ги донесеме. Во нашата средина со годините како пакет
заедно ни доаѓаат и зрелоста и сериозноста, но и многу други аспекти на
однесување кои ни се наложени да ги преземеме, без разлика дали сме подготвени
за тоа или не. Годините ни наложуваат да почнеме да си ставаме товар на својот
грб и, едноставно, тој товар да си го носиме целиот свој живот. Таква ни е
средината, такви ни се нормите, такви ни се навиките што ни ги оставиле
прадедовците. Се разбира, без оглед на средината во која се живее, кога годините
се ближат кон триесеттата, многу работи се менуваат. Работи за кои не си сигурен
дали сакаш да ги прифатиш или да ги оставиш зад себе.
Деновиве работам со
луѓе од многу европски националности. Не само од европски туку луѓе со
националности од целиот свет. Луѓе од Иран, Мароко, Тајван, ни дојдоа од Париз,
од Њујорк. Работам со луѓе чиј ум е сосема отворен и слободен. Ги посматрам овие
три недели и дефинитивно сфаќам дека нешто не е в ред во државата Македонија.
Премногу сме стегнати, тотално сме нерелаксирани, премногу осудуваме и премногу
си дозволуваме. Не мислам дека бевме такви, ама овие 15 години затвореност си го
прават своето. Едно беше пошироката рамка на поранешна Југославија, а друга
работа, уште поважна, живиот контакт со светот надвор од државните граници. Сега
ем не нж пуштаат со пасошот да се прошетаме некаде ем се смалија државните
граници на Македонија, каде што Скопје треба да биде метрополата. Тешка задача
за еден толку мал град.
Деновиве работам со една од најинтересните жени
директори на фотографија, по нашки речено - камерманка. И морам да констатирам
дека бев изненадена кога се појави на првиот ден на снимање. Инаку, таа е
жена-змеј, многу почитувана во европската кинематографија, а по својата става,
што би се рекло по македонски, елегантно пополнета. И откако почнавме да
работиме, нејзината личност секој ден сж повеќе се истакнуваше и шармираше.
Првиот ден на снимањето, на кое сите сме навикнати да се облечеме доста комотно
и работно, таа дојде со мини-здолниште, патики и маица. Вториот и третиот ден
дојде со долги проѕирни фустани. По една недела сите се одушевувавме од
леснотијата на комбинацијата на нејзините години и слободата на умот во однос на
нејзината облека. Да не бидам разбрана погрешно, ни за момент ништо не изгледаше
вулгарно или, пак, провокативно, едноставно тоа е нејзиниот животен стил и без
разлика на нејзините години или, пак, на нејзината пополнетост, таа така си се
носи. И навистина се носи многу убаво, онака како што, според повисоките
стандарди, македонските жени можеби и би сакале да се облечат, но стравот од
коментарите и средината би ги одвратил од нивната желба. Овој пример со
облекувањето не е толку пример за облеката колку за состојбата на умот. За
предрасудите и стереотипното гледање на работите. Јас во Македонија се
чувствувам старо за да облечам мини-здолниште. Моите кратки здолништа без
проблем ги носам секогаш кога сум надвор од нашата земја. Тоа ме потсети на една
друга појава. Летоска по нашиве списанија неколку пати се повтори една слична
анкета, прашуваа славни личности и обични девојки дали се сончаат топлес и дали
би се сончале топлес по македонските плажи, но и надвор од земјава. Какви беа
одговорите сигурно можете да претпоставите и доколку немате прочитано ништо од
овие текстови.
Другиот Белгиец во екипата, по нашки би го нарекле човек
во години, без проблем зборува за своите болни разводи и за љубовните метежи кои
ги има сега. Па, замислете, кога последен пат сте виделе човек на педесет години
да излегува по кафулиња без никакви предрасуди и наједноставно да разговара за
своите љубовни проблеми. Кај нас е забрането, посебно во тие години, да се
зборува за љубов, а камоли за љубовни проблеми и заљубување. Нашиот пријател од
Њујорк на снимањето отворено од првиот момент се декларира дека е хомосексуалец
и дека го привлекуваат мажи. Едноставно, тоа е негова определба и негов живот.
Кај нас за хомосексуалноста не смее да се зборува, тоа е табу-тема.
Со
овие неколку примери само сакав да посочам на некои разлики во она што кај нас е
општоприфатено и што се осудува, а кај нив поминува како нормално и не
вознемирува никого. Од искуството со овие луѓе дојдени во Македонија и
искуствата со разни луѓе што ги среќавам патувајќи и живеејќи по светот,
контрастот се наметнува сам. Луѓето таму, едноставно, го живеат својот живот - и
тоа само својот. Го имаат еднаш и сакаат да го живеат целосно, до крај, до
коска. И го прават тоа. Одушевува ваквото нивно размислување. Не станува збор за
имање или за немање, за оптовареност со проблеми или не, за држави и недржави.
Едноставно и навистина станува збор единствено за состојбата на умот. Станува
збор за општества каде што секој има право да живее на начин на кој сака да
живее и знае дека никој нема да го осуди за тоа. И тоа е убавината на
различностите. Затоа се убави метрополите. Космополитскиот дух е вистинска
спротивност на национализмот, како што метрополата е спротивност на паланката.
Во мојот комшилак во Капиштец секогаш се правеле суперзабави. Така е и
сега, ама не се радувам повеќе кога ќе слушнам гласна музика од некој балкон. Не
затоа што ми поминале годините, ни приближно, туку затоа што на таква забава би
се карала и тепала по цела вечер со тој што пушта само турбомузика. А и сите се
среќни. Кај нас во последно време, како никогаш досега, има сж повеќе концерти и
свирки на светски имиња, но во исто време и турбофолкот се наметнува како главен
извор на забава. Во која насока ќе продолжиме да се развиваме - изборот е наш.
Се надевам дека светот сж повеќе ќе доаѓа кај нас и ние сж повеќе ќе одиме во
светот, па тоа мешање ќе го олесни изборот.