Број 2180 понеделник, 16 октомври 2006


  Коментар

   

 

Незрелост на 15. роденден
Соња Крамарска



Тамам помисливме – еве, најпосле, една културна и достоинствена прослава на Денот на независноста со мешано партиско друштво од претседателот Црвенковски, спикерот Љубиша Георгиевски, премиерот Груевски, Глигоров, Бучковски, Имер Селмани, Вилма Трајковска, кога веднаш стигна демантот.

Уште при најавата дека на бината ќе се искачи и ќе говори Црвенковски, од дел од насобраните почнаа да пристигнуваат свирежи, проследени со викање „уа" и други навреди од арсеналот политички „оружја" на партиите. Подобро не помина ниту првиот претседател Киро Глигоров, кој има висока популарност во земјава и во регионот.

Епизодата имаше свое продолжение и наредниот ден, кога СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ја партизирала државната прослава на јубилејот со констатација дека Груевски со 14-дневен премиерски стаж ги навредил учесниците во создавањето на независноста на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ возврати со канонада од иронични и саркастични забелешки од типот „Глигоров со членска книшка 001", сегашни и идни лидери на СДСМ и слично.

Преписката, или подобро речено препукувањето, траеше еден ден, но сосема доволно да се види дека и по 15 години независност и самостојност, а воедно и плурализам на политичката сцена, партиската култура сж уште е на ниско ниво. И тоа дури и во јавната комуникација меѓу двете главни партии кои ја одбележаа изминатата една и пол деценија и растот и развојот на нашата земја во тој период.

Но, зошто се случија свирежите кон претседателот, аплаузите за премиерот, спектакуларниот огномет? Затоа што организатор на прославата беше Владата на Република Македонија? Затоа што сега Владата е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, а двајцата претседатели доаѓаат од противничката левица?

Не! Свирежите и дофрлувањата се случија поради исклучително ниското ниво на политичка култура што сж уште се негува кај нас и покрај тоа што земјава прославува 15-годишен роденден.

Намерно велиме дека причина за таквиот однос спрема двајцата претседатели не е поради партиската припадност, иако секому му е јасно што се случи во петокот.

Затоа што во многу земји претседателите и владите се од различни и најчесто спротивставени партии, но нивните партиски јуришници се воздржуваат од таков изблик на политички емоции во важни пригоди како што беше петочната прослава на скопскиот плоштад. Затоа што на тие прослави доаѓаат и амбасадори на странски земји, политички неопределени граѓани, деца кои допрва ќе градат однос спрема државните институции и други што сакаат да се најдат таму.

Меѓутоа, во петокот вечерта група хулигани успеаја да го свртат вниманието на учесниците на прославата и да го „увеличат" чинот на прославувањето на 15-годишнината од независноста на Македонија. Има ли потреба да се каже дека беа партиски инструирани? Или е доволно да се спомене огромниот аплауз за Груевски и скандирањата „Никола, Никола", или спектакуларниот огномет со кој заврши официјалниот дел на прославата, а што случајно се совпадна со крајот на говорот на премиерот?

Очигледно е дека партиските делби беа во голема мера присутни на денот чиј датум го симболизира граѓанското обединување во 1991 година и позитивниот исход од референдумот за независност.

Ова е голем минус за новоизбраната Влада на премиерот Груевски, која изгледа се погрижи да ја задоволи формата на прославата што ја организираше, но грубо ја измести суштината за свои партиски потреби.

Со тоа и оваа прослава се вброи во серијата прослави на државни празници на кои партијата на власт си носи своја публика, обидувајќи се да собере поени пред јавноста и божем да ја покаже наклонетоста на граѓаните кон нивната политичка опција на сметка на одбојноста кон противничката опција. Веќе видено и веќе доживеано. Само се менуваат актерите.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани